ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ прават ладни проби преку медиумите | Македонија | DW | 24.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ прават ладни проби преку медиумите

Освен разни шпекулации кои се демантирани или намерно оставени да „растат“, јавноста нема ниту еден релевантен податок за напредокот на преговорите околу составот на новата влада.

Пет дена пред истекот на законскиот рок, 29 јануари, кога мандатарот Никола Груевски треба да се изјасни дали има мнозинство во парламентот што ќе го поддржи неговиот предлог за нов владин состав, освен разни шпекулации кои се демантирани или намерно оставени да „растат“, јавноста нема ниту еден релевантен податок за напредокот на преговорите.

Нетранспарентноста на партиите покажа како една топка снег во Вашингтон може да се заврши како лавина пред портите на Скопје. Сѐ започна откако портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во интервју за „Гласот на Америка“ на албански јазик, пред два дена изјави дека „тоа што доминира на сцената е почитување на потпишаните договори“.

„Македонија во минатото постоела како таква само почитувајќи ги меѓународните договори. Еден од нив е Мајскиот договор, во кој се вели дека победникот кај албанската заедница го избира партнерот победник кај македонската заедница. Почитувањето на овој принцип е многу важно - за да се зачува важноста што ја има албанската заедница и за да се зачува логиката што ја имаат изборите кај самите Албанци“, изјави Османи, и ги обвини медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип.

Постигнат договор за двојазичност!?

По ова потсетување на важноста од принципот „победникот со победникот“, „Лајм“ објави дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ постигнале договор околу условите за коалицирање и стигнале до кадровските решенија. Според изворите на весникот, албанскиот јазик најверојатно ќе добие поширока примена и во општините каде што Албанците не се 20 отсто, но нема да биде официјален на цела територија на Македонија, а се подготвуваат спинови како да се дефокусира албанската јавност, која на нож ќе го дочека новиот договор на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien Wahlen - VMRO DPMNE Nikola Gruevski (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Груевски има рок до 29 јануари да се изјасни дали има мнозинство во парламентот што ќе го поддржи неговиот предлог за нов владин состав

„Ќе продолжат во Косово и Албанија од тамошни новинари да се објавуваат нарачани текстови и колумни во стилот дека коалицијата ВМРО-ДУИ е неизбежна, бидејќи треба да се почитува принципот 'мнозинство со мнозинство', и во стилот дека Заев не е воопшто подобар од Груевски“, објави „Лајм“.

„Телма“, пак, повикувајќи се на извори од преговарачките тимови објави дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ начелно ги усогласиле ставовите околу двојазичноста: решиле Уставот да не се менува, прашањето да се уреди преку измени на Законот за употреба на јазиците, а во Собранието да се формираат работни групи кои ќе работат на сите отворени прашања. Веднаш потоа порталот на албански јазик „Актуале“ објави дека ДУИ демантира дека е постигната согласност за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.

„Ниту една од објавените неофицијални информации не се точни. Нашиот лидер Али Ахмети, рече дека договорот со која било партија ќе биде транспарентен и јавноста ќе биде запознаена со него“, ја пренесе порталот реакцијата од ДУИ.

Но, во информацијата не е наведено дали тој демант доаѓа како официјално партиско соопштение или од неименувани извори од партијата, со оглед дека во ДУИ постои голема поделеност по прашањето за коалицирање со стариот партнер. Таков одговор нема.

Според аналитичари, ваквите (дез)информации само ги демаскираат големите разлики во ДУИ по прашањето дали повторно да коалицираат со партијата на Груевски. Голем дел од објавените шпекулации тие ги оценуваат и како смислени обиди на партиите меѓусебно да си испратат пораки и сигнали, еден вид „ладни проби“ за испитување на пулсот.  

Заев: Владата ќе биде предводена од СДСМ!

И додека „новата владина коалиција“ секој ден добива по некоја нова медиумска тула, СДСМ продолжува со повиците до Груевски - да престане да им отежнува на граѓаните и да се помири со мнозинската волја на граѓаните кои избрале промени. Од партијата искажуваат увереност дека следната влада нема да ја формира тој. 

„Јас искрено очекувам дека после 29-ти јануари мандатот ќе биде во наши раце“, изјави вчера лидерот на СДСМ, зоран Заев.

„Зошто? Заради сите аргументации кои целата јавност ги знае. А тоа е - мнозинството граѓани, преку 612 илјади, се определија за промени. И ова е недвосмислено јасно, еклатантна бројка е, од тоа бегање нема. Наспроти тоа, сите моменти ни кажуваат дека промени ќе се случат. Тие се здрави за државата, да бидеме уште малку трпеливи, тоа да го почекаме“, изјави Заев.

Запрашан, зошто досега немал коментар за декларацијата на албанските партии, тој изјави дека СДСМ има став, но дека тие што ја објавиле декларацијата сакаат мандаторот да ја слушне и да се изјасни.

Mazedonien Jubel Wahlen Zoran Zaev (picture-alliance/dpa/V. Xhemaj)

Заев разговара со политичките партии кои имаат мандати во парламентот

„Не сум повикан да го коментирам тоа, од проста причина, почитувајќи принципи и правила. Мандатарот е Никола Груевски. Тој е на потег“, рече Заев.

На прашањето - дали ќе ја коментира подоцна, ако евентуално го добие мандатот, лидерот на СДСМ одговори: „Тоа значи дека во деновите кои следуваат, веќе завршува мандатот на Никола Груевски и ние тоа многу брзо ќе го направиме. Зошто? Затоа што јавноста тоа го очекува, односно ќе стане сѐ поизвесно дека Груевски не може да формира влада. Тоа се мои очекувања, транспарентно ги споделувам со граѓаните. Можеби и се лажам, можеби поинакви се работите во државата, но тоа го очекувам согласно сите информации што ги имам“.

Заев одби да коментира или прејудицира - што ако Груевски не успее да формира влада.

„Јас сум прагматичен политичар. Да почекаме, па потоа ќе ги дадеме нашите коментари“, рече лидерот на СДСМ и соопшти дека разговара со политичките партии кои имаат мандати во парламентот. Освен средбата со Али Ахмети, имал средба со коалицијата предводена од Беса и со коалицијата предводена од Зијадин Села. Потенцира дека е време кризата да заврши, а смета дека ќе заврши преку формирање на влада, избор на претседател на парламентот и нормална работа на институциите во Република Македонија.

„Секако, јас како шеф на опозицијата, верувам дека владата ќе биде предводена од Социјалдемократскиот сојуз“, изјави Заев.

Тој не соопшти врз основа на што ја темели ваквата уверност.

DW.COM

Реклама