ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги открија „црвените“ линии | Македонија | DW | 13.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги открија „црвените“ линии

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги открија „црвените“ линии. Груевски нема да преговара за воведување двојазичност на целата територија, ниту за продолжување на мандатот на СЈО. ДУИ инсистира на двојазичност и мандат за СЈО.

ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа преговори за две клучни точки кои беа наведени во заедничката декларација на албанските политички партии во Македонија, а беа повторени и од нивниот долгогодишен партнер - ДУИ по синоќешната седница на партиското претседателство.

Двете партии, кои се во коалиција веќе осум години, ги направија последните внатрепартиски подготовки во пресрет на очекуваниот почеток на преговорите за формирање на новата влада. Но излегоа во јавноста со дијаметрално спротивни ставови. Наместо директни преговори, денеска и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си разменуваа соопштенија во јавноста. 

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ нема да преговара ниту, пак, ќе дозволи промена на уставниот поредок со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО, соопштија од владејачката партија. Со особено остри тонови, партијата на Груевски му се нафрли на Специјалното јавно обвинителство.

„СЈО нема никаква врска со правдата, тоа е политички инструмент во рацете на еден центар на моќ и нивните домашни инструменти за уцена на секој политичар кој ќе се бори за националните интереси на македонскиот народ и државните интереси на Македонија, и нејзините граѓани. СЈО е копче кое ќе биде стиснато секогаш кога кој било ќе се осмели да не игра така како што некој од надвор му сервира и диктира“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму уште дополнуваат дека нивната битка против СЈО не е резултат на страв, „туку на храброст и пркос“.

Три барања на ДУИ

Демократската унија за интеграција по синоќешната седница на партиското претседателство излезе со три клучни барања од кои, како што велат, нема да се отстапи. 

Официјализирањето на албанскиот јазик, продолжувањето на мандатот на Специјалното обвинителство и забрзувањето на процесот на евроинтеграции, се прашањата кои ДУИ ги дефинира како клучни.

Притоа, се дополнува дека „интегративците“ немаат фаворит меѓу двете политички партии кои треба да го сочинуваат костурот на идната влада - ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. 

Ali Ahmeti mazedonischer Politiker in Berlin (DW/S.Padori-Klenke)

Али Ахмети

Дополнително, по денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ одговори со изјава во која се оценува дека „употребата на албанскиот јазик во согласност со Охридскиот Договор и Уставот, еднакво со македонскиот јазик, го прави општеството посилно, пообединето и постабилно“. Во новото соопштение се повторува и дека „владеењето на правото во земјата е обврска на сите политички партии и
претставува предуслов за продолжување на евроатлантскиот пат“, иако не се споменува мандатот на СЈО, како што беше случај во изјавата дадена по седницата на партиското претседателство. 

Во интервју за телевизијата ТВ21 деновиве, Али Ахмети говореше за четири можни сценарија за неговата партија: коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, техничка влада како до 11-декември и преоѓање на ДУИ во опозиција, или нови избори. 

DW.COM

Реклама