Власта ќе покаже дали се плаши од истрагите на СЈО | Северна Македонија | DW | 04.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Власта ќе покаже дали се плаши од истрагите на СЈО

Со гласање за законските измени што ги бара СЈО, пратениците ќе покажат дали борбата против корупцијата и криминалот ја поддржуваат суштински, или само декларативно.

Измените на Законот за СЈО и на Законот за заштита на сведоци, кои по барање на СДСМ денеска се на дневен ред на седницата на Парламентот, ќе бидат вистински лакмус: кој се плаши од истрагите на Специјалното Јавно Обвинителство, односно кој нема интерес оваа институција да ги истражи сите индиции за кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите („бомбите“).

„Очекуваме законските измени да бидат усвоени, бидејќи СЈО е формирано со договор меѓу четирите најголеми партии и декларативно е поддржано од нив“, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

„Сите што тврдат дека снимките од незаконското следење на комуникациите се лепени, сечени, креирани и монтирани, ако се уврени во тоа, треба да гласаат за овие законски измени со кои се овозможува темелна и непречена работа на СЈО, за да можат во законска постапка да ги докажат ваквите тврдења“, потенцира Шилегов.

Од основањето на СЈО поминаа 12 месеци, а во изминатиот период се покажа дека поради обемноста на предметите, отсуството на соработка од некои надлежни институции, како и поради опструкции врз работата на СЈО, предвидениот рок од 18 месеци се покажа како недоволен за успешно завршување на истражните постапки. Од СЈО потсетуваат дека им се изгубени шест ефективни месеци за работа. 

„Се изгубија три месеци додека се чекаше одобрување на буџетот и формирање јавнообвинителската служба, а потоа уште три со аболицијата што ја даде претседателот Иванов. Да не заборуваме и за време изгубено во селење, поради фактот дека дури по една година добивме наши простории, а не веднаш како што беше предвидено“, потсетуваат од СЈО. 

Адвокатот Александар Тортевски, кој е советник во СЈО, во однос на законското решение за рокот за завршување на истраги и поднесување обвинение, вели дека е во спротивност со Законот за кривична постапка и Кривичниот законик и ќе придонесе за избрзани и недоволно подготвени обвиненија. Тој суштински аспект е потенциран и во образложението за измени на Законот.

„Специјалното јавно обвинителство е дел од правосудниот систем на Република Македонија, па како такво треба да има обезбедено еднакви и соодветни услови, начини и рокови за работа како и другите органи од оваа област. Затоа е неопходно укинување на овој рок од 18 месеци и утврдување рокови кои се доволни за ефикасно спроведување на целта на основањето на ова јавно обвинителство“, се вели во образложението.

Суштинска, а не декларативна поддршка

Сега се зависи од пратениците, кои освен декларативно, и суштински треба да покажат дали ја поддржуваат борбата против корупцијата и криминалот. Од ВМРО-ДПМНЕ веќе најавија дека нема да прифатат разгледување на какво било барање и предлог што потекнува од СЈО. Координаторот на пратеничката група, Илија Димовски, уште пред десетина дена на седница на собраниска комисија и најави на специјалната јавна обвинителка дека нема да добие поддршка за продолжување на рокот за истраги.

„Можам слободно да кажам дека нема атмосфера во Собранието на Република Македонија да ви излезе во пресрет за барањето на рокот, но ако имате желба и намера да го зајакнете тимот и да ги вратите тие две обвинителки или да побарате други обвинители да бидат вклучени во тимот, или да побарате дополнителни лица да ви помогнат во брзината на работата, подготвени сме да разговараме“, рече Димовски.

Јанева од 1-ви април годинава бара измени и на Законот за заштита на сведоци. Пред десетина дена таа повторно ги повика пратениците да изгласаат измените, како што рече, „за да може СЈО да навлезе во сржта на предметите 'Нешковски', 'Монструм' и 'Сопот'“.

Законските измени може да бидат изгласани и без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, доколку за нив, освен пратениците на СДСМ, гласаат ДУИ, ДПА и независните пратеници. Талат Џафери, координатор на пратеничката група на Демократската Унија за Интеграција деновиве изјави дека тие ќе ја дадат нивната поддршка за измена на законите. Истото го најавуваат и независните пратеници, а засега е неизвесно како ќе гласаат од ДПА.

Но, искуството на парламентот е богато со примери кога вербалната поддршка за одредени законски проекти се покажала само како фингирана, бидејќи кога се решавало за нив, поддржувачите биле „оправдано отсутни“ од Собранието. Денешната седница ќе биде тест и за нивната искреност.   

Вистинска заштита на заштитениот сведок

Според постојното законско решение за заштита на сведоци, предлог за вклучување на одредено лице во Програмата поднесува јавниот обвинител на Република Македонија врз основа на писмено барање добиено од надлежен јавен обвинител, судијата кој постапува по предметот, или МВР (член 15). Потоа одлучува Советот, а за евентуално продолжување на вклученоста во програмата одлучува повторно Советот на предлог на јавниот обвинител на Република Македонија или на раководителот на одделението.

„СЈО смета дека во сегашнава ситуација премногу луѓе се инволвирани во процесот за давање својство на заштитен сведок“, вели Тортевски.

„Луѓето го знаат тоа и со право се плашат за себе и своето семејство. Се бара СЈО да ја спроведува таа цела постапка од почеток до крај, со што ќе се охрабрат многу луѓе да ја кажат вистината и да се расчистат многу случаи“, објаснува Тортевски.

Richard Howitt Europaabgeordneter Labour Party 2013

Ричард Ховит

Законските измени треба да овозможат СЈО да предлага вклучување на лица во Програмата за заштита на сведоците и да има автономија во одлучувањето дали е потребно да се продолжат мерките од Програмата, дури по исклучок и кога таа ќе заврши, ако се констатираат опасности по сведокот. Неопходноста од вакви измени на законот е повеќе од очигледна, а особено се актуелизираше по смртта на Коста Крпач, за кого СЈО веќе потврди дека бил сведок на обвинителството. 

Британскиот европратеник и поранешен известувач за Македонија, Ричард Ховит, кој вчера имаше средба со обвинителката Јанева, ги повика политичките партии- потписнички на договорот од Пржино да ја поддржат работата на СЈО и да ги усвојат нивните барања, со посебен акцент на Законот за заштита на сведоците.

Но, отиде и чекор понатаму.

„По примерот на Одделот за организиран криминал, потребно е да се формира и посебно одделение во рамки на Кривичниот суд кое ќе постапува по предметите на СЈО“, предложи Ховит, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе обвинителството непречено да работи.

 

DW.COM

Реклама