Власта е таму каде што е Вучиќ | Свет | DW | 15.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Власта е таму каде што е Вучиќ

Заврши повеќемесечното исчекување: Александар Вучиќ ќе биде кандидатот на Српската напредна партија на претстојните претседателски избори. Сѐ уште непозната е политичката судбина на Томислав Николиќ.

По долготрајни нагаѓања и медиумски шпекулации, решена е и последната дилема. Актуелниот премиер Александар Вучиќ ќе биде претседателски кандидат на својата партија, но и на владејачката коалиција, на претседателските избори во Србија. СНС едногласно го избра Вучиќ за претседателски кандидат, но засега уште не се знае каков политички договор е постигнат со сегашниот претседател, Томислав Николиќ. Српската напредна партија реши да не ја поддржува кандидатурата на Николиќ за втор мандат, со оглед на тоа што сите испитувања на јавното мислење покажуваа дека тој нема шанси во вториот круг да победи некого од опозициските кандидати. Според истите истражувања, Александар Вучиќ има добри шанси да победи уште во првиот круг.

Tomislav Nikolic Archivbild Januar 2014 (AFP/Getty Images/A. Isakovic)

Српскиот претседател Томислав Николиќ

Судбината на Томислав Николиќ

Политикологот Душко Радосављевиќ за Дојче веле изјавува дека за „владејачката коалиција на симболичко рамниште би било важно да не го загуби тој прв чекор кон губење на власта, оттаму произлегува важноста за поставување најсилен кандидат. Во таа смисла, тоа и не е некое изненадување, патем, важно беше и пацифицирање на Николиќ.“ Меѓутоа, Радосављевиќ проценува оти актуелниот претседател на Србија нема така мирно да се повлече, да пишува мемоари и да вари ракија во Бајчетина. „Тој може да биде сериозен политички противник, зашто, на пример, може да бара да биде премиер. Ќе биде занимливо да се следи на каков начин Вучиќ ќе му се заблагодари на Томислав Николиќ. Токму затоа се важни овие избори, тие можат да предизвикаат партиски потреси, а останува и прашањето - што да се прави со Томислав Николиќ, со Војислав Шешељ по изборите, или што ќе се случува со опозицијата.“

„Моментно во Србија имаме авторитарна власт, за неа губењето на претседателските избори би било рамно на катастрофа“, истакнува за Дојче веле социологот Јово Бакиќ. „Од друга страна, воопшто не би требало да постои сомнеж дека власта ќе се пресели онаму каде што е Александар Вучиќ. Во Србија уставот има мало значење, па оттаму, власта е таму каде што е Вучиќ. Дури и ако тој воопшто не биде во владата, а остане лидер на партијата со најголем број пратеници, тој би владеел и натаму, исто како и Мило Ѓукановиќ во Црна Гора.“

Кој е најсериозен противкандидат?

Најсериозни противници на Александар Вучиќ на претседателсите избори ќе бидат Вук Јеремиќ, поранешен министер за надворешни работи; Саша Јанковиќ, бивш омбудсман; но и лидерот на Радикалите, Војислав Шешељ.

Душко Радосављевиќ смета дека „Шешељ би бил сериозен противник, но на некои други избори, на кои Вучиќ не е кандидат, зашто тоа е противник кој му е близок во секоја смисла. А Вук Јеремиќ би бил сериозен противкандидат кога би го немало кандидатот на Двери и кандидатот Војислав Шешељ, во тој случај одреден дел од луѓето би гласале за него. Вака, може дури да се случи Јеремиќ во вториот круг да заврши на четврто или петто место. Вук Јеремиќ би бил опасен кандидат доколку го кандидираше целата опозиција, што, како што гледаме, не беше можно. Ако се има предвид дека Саша Јанковиќ има поддршка од граѓанскиот дел на Србија, тој би можел да биде најпријатното изненадување на овие избори“, смета Радосављевиќ.  

Ако се споредат Вук Јеремиќ и Саша Јанковиќ, Јеремиќ ја има предноста што е попознат во Србија, вели Јово Бакиќ. „Во услови на медиумска блокада, посебно на телевизиите со национална фреквенција, тоа е многу важна работа. А ако ги споредиме Вучиќ и Јеремиќ, адутот на вториот може да биде неговата убедливо поголема сталоженост, подобрата самоконтрола и акумулираното дипломатско и политичко искуство.“

За Косово - само најсилните

Српските медиуми наведуваат дека една од причините за кандидатурата на Александар Вучиќ, на некој начин, е и новиот формат на разговорите меѓу Белград и Приштина, кој практично е префрлен на ниво на претседатели. За Душко Радосављевиќ оваа теорија не е многу одржлива, додава дека „Федерика Могерини сепак нема толкава моќ да го избира претседателот на Србија. Очигледно е само дека странците инсистираат разговорите за Косово да ги водат најсилните политички личности - во Србија тоа е Вучиќ, а на Косово - Тачи. Тие можеби мораат, во формална смисла, да бидат од ист ранг, но Западот, како што знаеме, е флексибилен и прагматичен. Луѓето на Запад  затоа сакаат тоа да биде Вучиќ, а формата е помалку важна.“

Serbien Belgrad Zerstörung von Häusern im Stadteil Savamala (imago/Pixsell/SrdjanxIlic)

Савамаала - една од бројните афери која не наштети на рејтингот на власта

Рејтинг отпорен на афери

Српската напредна партија е на власт отприлика пет години, а владеењето беше во знакот на бројни афери. Сепак, ништо од тоа не го наруши рејтингт на СНС и на Александар Вучиќ. По сѐ, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека популарноста на партијата и на Вучиќ се движи околу 50, па и преку 50 проценти. Се стекнува впечаток како СНС и Вучиќ да не ги допира никаков скандал или погрешен потег. Јово Бакиќ објаснување гледа во постоењето „растурено општество, тука своја улога играат големите сили, а освен тоа на власт се авторитарци кои ги контролираат средствата за масовно информирање. Поради тоа, пошироката јавност не е доволно запозната со различните детали врзани за Александар Вучиќ лично и за неговите најблиски соработници, како и за коалиционите партнери. Само прашање на време е кога ќе се промени расположението во Србија, сега прилично наклонето кон Вучиќ. Се чини, нашата јавност уште не сфатила кога треба малку побрзо да се менува власта.“

Душко Радосављевиќ исто така смета дека во Србија аферите извесно време воопшто не допираат до бирачите, состојба речиси одомаќена во српскиот повеќепартиски систем. „Но, на долг рок, тие сепак имаат јако дејство. На почетокот тие се лепат за поединци, а подоцна одат на сметка на целата партија, системот на власт и носителите на власта. Неможно е да се предвиди кога ќе се случи преломната точка.“

Без парламентарни избори?

Две работи, барем засега, останаа некако недоречени по најавата за кандидатурата на Вучиќ: фактот што тој вели дека нема да дава оставка, дека кампањата веројатно ќе ја води од премиерската функција, во што изгледа не гледа ништо спорно, како и фактот дека веќе не се зборува за вонредни парламентарни избори. „Мислам дека нивната проценка е дека е подобро да се држи власта уште три години, можеби да се прогласи победа на Косово, па потоа да се побегне, отколку сега да се влегува во ризични парламентарни избори, каде се можни секакви изненадувања“, заклучува Радосављевиќ.

DW.COM

Реклама