Власта бара датум, опозицијата избори | Северна Македонија | DW | 07.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Власта бара датум, опозицијата избори

Додека власта е во широка офанзива за добивање датум за преговори, опозицијата критикува дека Заев го изгубил кредибилитет и бара техничка влада и парламентарни избори во најкус можен рок.

Битката за датум за преговори отвори жестока македонска офанзива во триаголникот Брисел-Берлин-Париз, но и на домашен терен. Додека власта води битка за датум, опозицијата смета дека таа битка е веќе изгубена - повикува на формирање техничка влада и одржување предвремени парламентарни избори. Ова се случува во деновите на последните политички обиди на Скопје да го сврти вниманието кон постигнатите резултати, во очекување дека по 10 препораки од ЕК конечно треба да ја кренат рампата на ЕУ.  

По дводневната посета на Брисел, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, вчера престојуваа и во работна посета на Париз, а премиерот Заев веќе се подготвува за Берлин.

„Следната недела ќе бидам во Берлин за нашата економска агенда. Очекувам потврда за средба со германската канцеларка Ангела Меркел“, најави премиерот.

EU Nord-Mazedonien Premierminister Zaev bei Juncker (Reuters/F. Lenoir)

Жестока македонска офанзива во триаголникот Брисел-Берлин-Париз (фото: македонскиот премиер Заев со претседателот на ЕК, Јункер во Брисел, 4.06.2019)

Да се препознаат резултатите на РСМ

Париз и Берлин се двата политички центри од чии одлуки во најголема мера ќе зависи дали РСМ летово или во октомври ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Од „скептичниот“ Париз вчера не стигнаа сигнали дали РСМ ќе добие зелено светло за тој процес. На македонската јавност ѝ се познати само пораките кои таму ги пренеле Османи и  Димитров, каде што имале одделни средби со државниот секретар за европски прашања, Амели де Моншален во француското МНР и со Клеман Бон, советник за Европа во кабинетот на претседателот Емануел Макрон.

„Уверени сме дека Франција ќе препознае дека нашата жед и работа за создавање стабилна и просперитетна европска демократија дома, целосно се совпаѓа со визијата и напорите на претседателот Макрон за силна, стабилна и просперитетна Европа“, нагласил Димитров.

Османи потенцирал дека европските перспективи претставуваат единственото гориво кое има доволно сила за да ја придвижи трансформативната моќ на ЕУ на Балканот, која, токму на примерот на Република Северна Македонија покажа на дело дека умее да ги менува општествата на подобро, што претставува основа и за подлабоко регионално влијание, како заемен интерес во создавањето трајна стабилност и просперитет на целиот континент. На средбите се разговарало и за француската Стратегија за Западен Балкан, која претставува комплементарен процес со процесот на интегрирање на земјите од регионот во Унијата, преку поддршка на реформската агенда за поскора имплементација на европските стандарди.

Холандија остава отворена врата?

Повеќе одговори не донесе ни вчерашниот неформален состанок на еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, со амбасадорите на 28 земји членки на ЕУ. Според медиумски извештаи, наводно, некои од членките на ЕУ кои досега инсистирале почеток на преговори да се одобри и за Северна Македонија и за Албанија, сега сметале дека преговори треба да се почнат само со Македонија, а одлуката за Албанија да се одложи за наесен. Наводно, Германија била меѓу земјите кои биле против да се почнат преговори само со Северна Македонија. Делумна потврда на ваквите шпекулации дојде и од вчерашната расправа во германскиот парламент, каде пратеникот на ЦДУ, Кристијан Шмит во излагањето рекол дека Северна Македонија и Албанија треба во пакет да ги започнат преговорите, но потенцирал дека Албанија во моментов се соочува со „одредени проблеми“, поради што е потребно подолго време да се простудира извештајот на ЕК.

Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov (DW/B. Georgievski )

Пратениците од партијата на канцеларката Меркел, ЦДУ, минатата недела најавија дека до почетокот на летните одмори на крајот на јуни, нема да има време да се разгледа и да се гласа за Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија

Извесна надеж вчера остави Холандија, која исто така е во групата земји кои со сомнеж гледаат на подготвеноста на земјите од Западен Балкан за почеток на преговори. Сепак, на вчерашната расправа во Комитетот за европски прашања на холандскиот парламент, министерот за надворешни работи Стеф Блок, изјавил дека владата ја остава отворена вратата за датум за преговори на Македонија со ЕУ, но не и за Албанија.

„Албанија има уште долг пат што треба да го изоди. Северна Македонија презеде добри чекори, но тие сѐ уште не се таму“, изјави Блок, потенцирајќи дека уште треба да биде направено во Македонија во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата. На седницата на Комитетот за европски прашања се расправало за подготовките на владата за министерскиот состанок на ЕУ на 18-ти јуни, на кој, една од точките е препораката на Европската комисија за почетокот на преговори со Македонија и Албанија. Според холандски медиуми, пратениците барале од министерот појасен став на владата околу проширувањето кон двете земји, но Блок одговорил дека бил доволно јасен, и нагласил дека во ЕУ не може однапред да се донесе одлука. Пратениците во холандскиот парламент се поделени околу препораките на ЕК. Левичарските партии ги поддржуваат, националистите се против, конзервативците се позитивни за Македонија, но не и за Албанија.

Повеќе: ЕУ и наградата за Северна Македонија

Николоски: Годинава нема датум

Не помалку скептична е опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски, прогнозираше дека годинава земјата воопшто нема да добие датум за преговори.

„Не јуни, туку и јули и октомври се невозможни. Јас не гледам кое чудо Заев ќе го направи отсега до октомври - а тоа се три месеци сосе годишни одмори, за во октомври големите европски сили да речат: 'Добро, сѐ е во ред'. Навистина не гледам кое е тоа чудо. Напротив, мислам дека државата ќе оди само назад“, изјави Николоски во гостување на ТВ „21“. 

Aserbaidschan 2016 Aleksandar Nikoloski - PACE (picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov)

Николоски прогнозираше дека годинава земјата воопшто нема да добие датум за преговори

Од партијата порачаа дека „нема крај на понижувањата кои Зоран Заев им ги сервира на македонската држава и македонскиот народ“

„Аболицираниот Заев и неговата криминална банда се прочитани, дома и во Европа. Тој повеќе нема простор за маневар, нема простор за лажење и манипулирање на македонската јавност. Не му поминува во јавноста ноторната лага дека тој не е виновен што Македонија и оваа година не доби датум за преговори со ЕУ (...) Зоран Заев нема повеќе политички кредибилитет и мора да си замине. Потребно е формирање на техничка влада и одржување на предвремени парламентарни избори во најкус можен рок“, се вели во партиското соопштение.

DW.COM

Реклама