Владиниот акциски план: меѓу цензура и саморегулација | Северна Македонија | DW | 25.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Владиниот акциски план: меѓу цензура и саморегулација

Опозицијата обвинува за цензура, власта тврди дека целта е почитување на основните стандарди. Која е идејата на владиниот Акциски план за борба со дезинформациите?

Обид за медиумска цензура или борба против дезинформации и лажни вести? Многу дилеми по најавата на премиерот Зоран Заев на планот за борба против лажните вести и презентираниот Акциски план. Заев вчера рече дека земјата во изминатите две години повеќепати се соочила со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и на традиционалните медиуми. Потсети и на случајот со велешките фабрики на лажни вести кои се активираа за време на кампањата за претседателските избори во САД во 2016.

И додека безбедносните мерки кои ги презема владата не се спорни од аспект на заштитата на комуникациите, во јавноста се јавија дилеми во однос на т. н. проактивни мерки. Во тие рамки, владата, од една страна најавува зголемена транспарентност и засилени кампањи за едукација и медиумска писменост, а од друга - поттикнување дискусии за саморегулација, но и воведување критериуми за медиумите при следење на владини настани и прес-конференции.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ синоќа реагираше со обвинување дека на овој начин премиерот се обидува да воведе цензура врз оние кои не мислат како него. За ширење лажни вести, од ВМРО-ДПМНЕ, го обвинуваат токму Заев.

Доколку последниот скандал со руските мајтапчии кои во повеќе наврати го насамарија Заев претставувајќи се како украинскиот претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг; веројатно ја поттикнаа владата да ги преземе мерките за зголемување на безбедноста во делот на комуникациите, останува нејасно која е иницијалната каписла за обидот да се (само)регулира новинарската професија?

Владини извори за ДВ објаснуваат дека целта не е да се ограничуваат новинари или медиуми, ниту да им се забрани пристап до изворите на информации, туку напротив, да се отвори дебата на оваа тема, а конечните збор да го има еснафот.

Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev (DW/P. Stojanovski )

Премиерот Зоран Заев вчера го претстави Акцискиот план кој предизвика многу полемики во јавноста

„Целта е да се почитуваат критериумите и стандарди на новинарската професија“, вели владин извор, додавајќи дека ќе и се остави на медиумската заедница да ги дефинира истите.

„Доколку медиумската заедница се договори дека одреден број критериуми се клучни за одреден медиум или новинар да може да се акредитира и следи прес-конференции, владата согласно тие критериуми ќе ги организира настаните.“ Во тие критериуми би влегле: почитување на етички кодекс, објавен импресум, јавно и транспарентно објавување на правниот субјект зад медиумот, јавно и декларативно застапување на стандарди... вели владиниот извор. Оттаму ги отфрлаат тврдењата на опозицијата дека се работи за обид за воведување цензура.

„Владата покажа дека ниту има намера, ниту механизми за цензура, напротив е жесток противник на цензурата.“ 
На владиниот предлог денеска реагираше Здружението на новинари на Македонија. Отааму велат дека се загрижени поради одредени точки од планот кои имплицираат на платени кампањи во приватните медиуми, најавата за ко – регулација, воведување на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирање на акциска група за борба на дезинформации со проблематичен состав и улога.
„Недореченоста на овие предлог мерки може да се толкува како обид за ограничување на слободата на изразување, а со тоа да се нанесе штета во и така кревкиот медиумски сектор во нашата земја“, соопшти ЗНМ.

Во прилог на дебатата на оваа тема, мислења побаравме од Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии и Марина Тунева од Советот за етика во медиумите. Нивните мислења на оваа тема можете да ги прочитате на следниве линкови (Трајкоска) и (Тунева):

Жанета Трајкоска, Институт за комуникациски студии:

Еден од побрзите „лекови“ во Македонија е политичките и партиските елити да се оддалечат и да ги прекинат врските со порталите и квази-медиумите кои немаат сопственик, немаат новинари, немаат импресум, едноставно, не се медиуми.

Не може да имаме заложби од сите страни за борба против дезинформации, а политичките елити да си ги негуваат овие порталчиња во нивните дворови, оти тие се на нивна страна и ги користат по потреба за да остварат одредена партиска мини победа и да пуштат одреден став или полувистина кој ќе создаде хаос во медиумскиот јавен простор.

Марина Тунева, Совет за етика во медиумите:

Доколку Владата ни покаже и докаже дека станува збор за заложба каде што граѓанското општество ќе има главен збор во овие процеси и дека координацијата со сите значајни актери во борбата со дезинформациите ќе биде примарна, тогаш ќе сметаме дека процесот е инициран на вистинскиот начин.

Нашето општество го каректеризираат длабоки општествени поделби, кои што одредени малициозни актери сакаат да ги употребат и злоупотребат. Токму од причина што дезинформациите се проблем кој има различни корени и причини за создавање, предизвикот за справување со нив не припаѓа само на едно портфолио.

 

DW.COM

Реклама