Владимир Путин – заробеник во моќта на Кремљ | Свет | DW | 26.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Владимир Путин – заробеник во моќта на Кремљ

Човекот кој дојде на власт во Русија пред 20 години, ниту сака ниту може да се откаже од таа моќ. Путин стана заробеник на системот на владеење кој самиот го создаде, смета Кристијан Трипе.

Изборната кампања во пролетта 2000 година беше куса и здодевна: Владимир Путин беше во можност на сите руски телевизиски канали непречено да си ги шири своите пораки и тоа да биде емитувано многупати. Поранешниот разузнавач ветуваше дека сака во Русија да воспостави диктатура, но диктатура на закон. Русија е богата земја со сиромашен народ. На прашањето која земја му е пример, тој тогаш одговори: Кореја. Но не потенцираше на која од двете корејски држави мисли – на демократскиот тигар на југот, или тоталитарниот режим на северот. Веројатно уживал во шегите кои кружеа веднаш потоа.

Во тие мартовски денови пред 20 години, никој не се сомневаше во победата на Путин, но многумина тогаш имаа илузии. Речиси секогаш повлечен и срамежлив човек од Санкт Петербуг требаше да биде избран за претседател. Елитните моќници во земјата дадоа амин и уште на изборната вечер се пофалија со своите „административни резерви“. Путин го испорача она што се очекуваше од него – и на Западот, како и во Русија: го запре пропаѓањето на руската државност која во некои региони на големата земја веќе се распаѓаше. Тој ја стабилизираше нацијата, која откако беше поразена во Студената војна, една деценија ментално и социјално беше во слободен пад. Путин на своите соговорници им го ветуваше она што сакаа да го слушнат. Затоа тогашниот германски канцелар Герхард Шредер го пофали како „кристално јасен дипломат“. Чиста заблуда.

Оддалечување од Западот и неговите вредности

Зашто уште од почетокот од политиката на Путин можеше да се прочита дека тој нема да продолжи по патот на својот претходник Борис Елцин, кој понекогаш беше разнишан, во буквална смисла. Слободата на печатот веднаш беше ставена под државна контрола, каде што е и денес.

Christian Trippe Leiter Hauptabteilung Osteuropa (DW)

Кристијан Трипе раководи со Руската редакција на ДВ и беше дописник од Москва во периодот од 1999 до 2002 година

Под превезот на борба против олигархијата, која имаше поддршка од сите, Путин ги уништи приватните медиумски компании. По две години секој можеше да види каде оди работата: инволвирање на граѓанското општество е непожелно, политичките партии толерирани, но само како „системски лојална“ опозиција. Уште тогаш започна она што сега се рефлектира во криминализација на секој оној кој се буни против Путин. Оној кој се спротивставува на манипулација на избори, оној кој протестира против корупција и застој во државата – брзо ќе го почувствува пендрекот. Путин за 20 години успеа да креира чиста полициска држава. Неговото владеење започна како „управувана демократија“ – така неговите советници го нарекуваа преминот кон авторитарна форма на владеење, зачинета подеднакво со сценографија од царството и не помалку империјалниот Советски Сојуз. Тој беше само неколку месеци на власт кога ја врати старата советска химна, со нов, руско-патриотски текст.

Изградба на нов руски империјализам

Во поново време, откако надворешната политика на Москва е отворено нео-империјалистичка, во владеењето на Путин се меша делумно и култ кон личноста. Со анексијата на украинскиот полуостров  Крим во 2014, со последователното поттикнување на сепаратистичка војна во Донбас и со воената интервенција во Сирија, Русија под Путин се обиде да ги надгради старите соништа за Светска империја. Оттогаш Претседателот со задоволство сака во јавноста да го викаат „национален лидер“. Еден врвен функционер во 2014 го поистовети Путин со Русија: без Путин нема Русија – гласеше во кратки црти описот на неговите следбеници.

Оваа политичка беатификација додека е се’ уште жив може да следи само со продолжување на неговиот мандат - доживотно. Тоа е исто толку цинично, колку и логично. Потребната промена на Уставот со референдум – чисто формална работа за политтехнократот во Кремљ. Терминот стабилност со причина игра клучна улога во референдумската кампања. Кога Путин во март 2015 година исчезна на неколку денови – едноставно го снема и до ден денес е нејасно зошто – Москва беше во шок.

Бидејќи владеачкиот систем на Путин е скроен така што тој како највисок арбитер ги балансира судирите на моќ меѓу големците во Кремљ, и тој одлучува за распределбата на државните придобивки. Меѓу другото и тука Путин се покажува како да е на раскрсница помеѓу комунистички генерален секретар и феудален владетел.

Личната перспектива на Путин

Вака гледано, следбениците на Путин имаа право: без него системот не функционира и без него ќе се распадне. Но од ваков колапс пред се’ ќе бидат погодени оние кои се поврзани со неговото име и создавањето на овој апарат на моќ. Дали тоа значи дека Владимир Владимирович Путин мора до крајот на животот да го прави она што го правеше во изминатите 20 години - да биде претседател на неговата земја, на која на почетокот и’ даде ориентација, но веќе долго време не владее во полза на неговите граѓани, а уште повеќе на штета на соседните земји?

Еден западен соговорник еднаш го праша Путин како си го замислува животот во пензија. Но не доби одговор. Стабилноста, која на Западот и покрај сите политички тензии се’ уште се смета за предност на долгото владеење на Путин, се претвора во чудовиште. Исто како и двосмислените изјави дадени при неговиот прв избор пред 20 години.

Реклама