Владата ја политизира религијата во Македонија | Северна Македонија | DW | 29.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Владата ја политизира религијата во Македонија

Во извештајот на Стејт департментот се наведува забелешката дека владејачката партија во Македонија ја политизира религијата за сопствени политички придобивки. И ИВЗ профитира од врските со власта.

Генералната оценка во извештајот на Стејт департментот е дека Уставот и законите на Република Македонија гарантираат слобода на вероисповеста и Владата генерално ги почитува верските права и слободи, но се наведуваат низа замерки.

Етничките тензии негативно се одразуваат врз верските слободи. Политизацијата на верските прашања е во пораст и има негативен ефект врз верската толеранција во земјата.

Стејт департментот нотира дека имало извештаи за социјални злоупотреби и дискриминација врз основа на верска определба, вера или практика.

Владините политики кон малцинските верски групи и имплементацијата на процесот на регистрација предизвикаа жалби за фаворизирање и политизација на религијата.

Не се бележи напредок во враќањето на верските имоти кои беа национализирани во времето на поранешна Југославија.

Членовите на Православната Охридска архиепископија, која има околу 100 членови, но е признаена од Српската православна црква како единствена легитимна автономна црква во Македонија, тврдат дека се изложени на медиумски напади и набљудување од страна на владата, поради нивното одбивање да ја прифатат независноста на МПЦ-ОА од СПЦ.

Повеќето други верски групи се жалат дека владата ја фаворизира МПЦ-ОА давајќи и уникатни даночни привилегии, државни имоти без надокнада, фондови за изградба на православни цркви, како и ексклузивни покани за нејзините претставници да преземаат владини функции. Верските групи велат дека владејачката партија на етничките Македонци ја политизира религијата за сопствени политички придобивки, играјќи на картата на религиозните убедувања и идентитетот на мнозинскиот народ, и користејќи ја МПЦ-ОА за таа цел. МПЦ-ОА, од друга страна, негира било каква поврзаност со владата и тврди дека црквата не се меша во политиката.

Некои во муслиманската заедница тврдат дека и ИВЗ профитира од блиските врски со владата. Како пример се наведува дека ИВЗ добила од државата право да ги одобрува апликациите за визите потребни за одење на аџилак во Саудиска Арабија, за кои наплаќала по 400 евра.

Во извештајот на Стејт департментот е забележан и спорот на Бектешката заедница на Македонија против Исламската верска заедница, околу Арабати Баба Теќе во Тетово. Во извештајот се оценува дека тоа што Бектешката заедница се уште нема признат статус во Македонија ја оневозможува во водењето на спорот за Теќето во Тетово.

Реклама