Владата реши- за Северна Македонија ќе одлучува Собранието | Северна Македонија | DW | 08.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Владата реши- за Северна Македонија ќе одлучува Собранието

Владата денеска на вонредна седница одлучи да ги испрати уставните амандмани кои произлегуваат од Преспанскиот договор во Собранието.Нејасно е дали е обезбедено двотретинско мнозинство

Една недела по референдумот на кој граѓаните се изјаснија дали се за Преспанскиот договор и за промената на уставното име на земјата, Владата го направи првиот чекор. Уставните измени кои се предвидени со договорот ќе се најдат пред пратениците во Собранието и народните избраници ќе треба да одлучат дали договореното со Грција ќе се имплементира.
Од владата не кажуваат дали е обезбедено двотретинско мнозинство за измените.

Одговорот на тоа прашање го одбегна и потпретседателката на Собранието од СДСМ, Фросина Ременски која предупреди дека доколку не се обезбеди мнозинство, веднаш ќе се свикаат вонредни парламентарни избори. 
Со партиско соопштение, опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва порача дека „Зоран Заев нема легитимитет да го менува Уставот за да го смени уставното име на Република Македонија“.  

Владата попладнето го усвои Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, со цел „да се обезбеди патот кон НАТО и ЕУ“.

„Од денеска остварувањето на оваа визија е во рацете на секој пратеник одделно и таа зависи од нив. Тие треба да донесат одлука со која ќе ја направат Република Македонија подобра земја, убаво место за живеење на секој граѓанин“, соопшти владата.

Четири амандмани на Уставот

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на прес-конференција ги образложи клучните поенти од предложените измени.
Се работи за четири амандмани кои се однесуваат на придавката „северна“, на измени во преамбулата на Уставот, нови гаранции за границите, како и грижа за Македонците и дијаспората во странство.

Доколку пратениците ги поддржат амандманите, владата предлага во целиот текст на Уставот пред зборот Македонија да се додаде придавката Северна.
Ќе се менува и Преамбулата и во неа во иднина би требало да се именуваат конкретни документи на АСНОМ, „односно ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки’.

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland (picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi)

Собранието ќе го има последниот збор за договорот со Грција


Третиот амандман се однесува на членот 3 од Уставот и со него ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и со тоа ќе се прецизира поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии. Тоа, според владата, ќе значи заштита на територијалниот интегритет на Република Македонија и на соседните земји.

Последниот амандман се однесува на членот 49 од Уставот со кој се пропишува грижата за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија. Со уставниот амандман кој се предлага ќе се декларира „грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина“.

Преодни периоди

Во однос на првиот амандман, за додавање на придавката северна во името, владата објаснува дека постојат и посебни рокови, односно два преодни периода: „технички“ и „политички“.

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Република Македонија за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува со истекот на нивното важење, но најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на договорот. 

„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Република Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантната област во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш. 

На референдумот одржан на 30 септември, излегоа помалку од 37 отсто од граѓаните. Од нив, 92 проценти ја поддржа промената на уставното име.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и шефот на државата Ѓорге Иванов го прогласија референдумот за неуспешен и побараа од владата да се откаже од Преспанскиот договор.

 

DW.COM

Реклама