Владата пред три жешки искушенија | Македонија | DW | 26.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Владата пред три жешки искушенија

Се води последна битка за 2/3 мнозинство за уставни измени. Во јануари владините партнери ќе решат дали со претседателските ќе се одржат и парламентарни избори. Дали „осумката“ ќе се приклучи на мнозинството?

Владините партнери во јануари ќе бидат пред неколку искушенија: да обезбедат двотретинско мнозинство за уставните измени, да решат дали заедно со претседателските ќе се одржат и парламентарни избори, и да се усогласат за претседателски кандидат прифатлив за граѓаните. Ако парламентарните избори отпаднат како опција, 2019 година ќе биде посветена на економијата, ќе следи смена на одредени кадровски решенија во Владата, а ќе се прави и анализа за укинување на Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, односно негова трансформација во Министерство за политички систем и мултикултурализам. Владејачкото мнозинство останува стабилно, но во власта имало размислувања дека би било добро независната група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да се приклучи кон мнозинството. Накусо, ова се најавите од владини извори за почетокот на политички жешкиот јануари 2019 година. 

Зошто парламентарни избори?

„Дел од партнерите во владејачкото мнозинство притискаат заедно со претседателските да се одржат и парламентарни избори“, велат владините извори. Според нив, иако тоа би овозможило да се добие нов мандат од четири години, ставот на премиерот Заев бил дека парламентарните избори напролет би ја ставиле економијата во ново исчекување, а би можеле да се одразат и на текот на реформите од чија реализација зависи почетокот на преговорите со ЕУ.

„Ако успешно заврши процесот на уставни измени во парламентот до средината на јануари, веднаш потоа владините партнери ќе разговараат и за прашањето за парламентарни избори, како и за кандидат за претседател кој би бил прифатлив, но не само за лидерите во владејачката коалиција, туку пред сѐ, за граѓаните на Македонија“, велат од Владата.

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland (picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi)

Ако парламентарните избори отпаднат како опција, 2019 година ќе биде посветена на економијата

Претседателските избори ќе бидат распишани во почетокот на февруари, а премиерот Заев вчера во тв-интервју и јавно потврди дека нема да биде претседателски кандидат. Во случај опозицијата да ги бојкотира изборите или од други причини да не се постигне законскиот цензус за успешност на претседателските избори, според владините извори, можно е да биде отворена постапка за промена во Уставот, со која ќе се овозможи шефот на државата да се избира од парламентот. Во таков случај, до завршувањето на уставните измени, односно до изборот на нов претседател, функцијата шеф на државата привремено би ја извршувал претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Спорната четворка

Но, во моментов фокусот е ставен на обезбедувањето на неопходното двотретинско мнозинство за гласање во третата, последната фаза за уставните измени, бидејќи тоа мнозинство во моментов не е потврдено. Имено, од 80 пратеници кои на 19 октомври гласаа за отворање на процесот на уставни измени, до денес вкупно 76 пратеници потврдиле дека ќе гласаат „за“ и во финишот на тој процес.

„Другите не негираат, но и не потврдуваат дека ќе гласаат“, велат владините извори.

Дел од „неодлучната четворка“ ја сочинуваат некои од осумте пратениците на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиција, но не се само тие.

„Има и од групата на 49-те пратеници на СДСМ и коалицијата. Нивното незадоволство се должи на донесениот Закон за амнестија. Тие не се согласуваат со таква разврска за настаните од 27-ми април“, велат изворите од „Илинденска“ број 2.  

öffentliche Debatte über die Verfassungsänderungen in Mazedonien (Mazedonien Regierung)

Во моментов фокус е ставен на обезбедувањето на двотретинско мнозинство за гласање во третата, последната фаза за уставните измени

И додека некои пратеници на власта се незадоволни од Законот за амнестијата, во опозициската „осумка“ се задоволни од тој процес кои самите го иницираа, но реагираат на притворите кои ги определи судот за нивните партиски колеги - Сашо Мијлков, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Поради ваквите состојби и бројки, премиерот и натаму бил во интензивни разговори со пратениците. Но, од Владата потенцираат дека останува уште малку време за разговори, со оглед дека уставните измени се на дневен ред веднаш по Божикните празници. И покрај тоа, веруваат дека процесот успешно ќе заврши, а на таков исход се надеваат и во Грција, каде се очекува во ист ден да се одржи и гласањето за Договорот од Преспа, и ратификацијата на протоколот за членството на Македонија во НАТО.

Повеќе:

95-0-0

 Елизабета Канческа: Сѐ ќе излезе на виделина!

Планови за 2019

Ако процесот на уставни измени заврши со успех и нема предвремени парламентарни избори, Владата ќе се посвети на реформите со цел да ги исполни неопходните услови за почеток на преговори со ЕУ. Покрај големиот број реформски закони, планирана е темелна реформа на Управата за безбедност и контразузнавање, а ќе се прават напори до претседателските избори да се избере и нова Државна комисија за спречување на корупција (ДКСК) според новиот закон, како и засилена битка со корупцијата.

„Ако 2018 година помина во знакот на интеграцијата, следната година ќе биде посветена на економијата, со сет мерки кои ќе ги придвижат вработувањата, процесите на преквалификација на работната сила за потребите на пазарот на трудот и за раст на БДП“, велат владините извори.

Паралелно со тоа, ќе продолжат и процесите за помирување, со посебен акцент на партиските подмладоци и навивачки групи, со цел намалување на општествената поларизација.

DW.COM

Реклама