Владата на Курти на Косово: По зборовите мора да следат дела | Информации и анализи за Балкан | DW | 05.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Владата на Курти на Косово: По зборовите мора да следат дела

Самоопределување и Демократската лига на Косово ќе владеат заедно. А за да бидат исполнети предизборните ветувања и да се покрене дијалогот со Србија, ќе бидат потребни тешки компромиси, смета Вилма Филај-Балвора.

Напорните и жилави преговори се одолговлекоа повеќе од 4 месеци. Изгледаше дека спротивностите се непремостливи, како и дека коалицијата ќе пропадне пред да биде формирана. Но, Косово сега има нова влада. А премиерот се вика Албин Курти. Некогашниот бунтовник и „енфант терибле“ на Косово сега е нов шеф на владата. На гласањето во парламентот (на 2 февруари) му претходеа други несогласувања меѓу Самоопределување и Демократската лига на Косово. Коалициската влада е потврдена без гласови на опозициските партии, кои во парламентот имаат 44 од вкупно 120 мандати.

„Новата ера“ зависи од старите структури

Во својот говор пред гласањето во парламентот, Курти ветуваше многу: дека ќе ја оживее економијата, но и ќе поведе огорчена борба против корупцијата. Дека ќе се погрижи на Косово да завладеат правна држава и поредок. Зборуваше за „нова ера“. Курти најави и подготвеност да разговара со Белград, но инсистираше на „реципроцитет во трговијата, политиката и во економијата“. Тоа се амбициозно поставени цели! А како сето тоа тој ќе го постигне - не се знае. Коалицискиот договор за јавноста остана непознат. Па, дури и за пратениците. Затоа опозициските пратеници ја напуштија собраниската сала. На новата влада нема да ѝ биде лесно да ги истурка во парламентот важните закони, бидејќи ѝ е спротивставена силна опозиција. Мнозинството во парламентот е тесно, владеачката коалиција има малку повеќе од половината мандати.

Повеќе на темата:

-Српската листа нема да му прави проблеми на Курти?

-Конститутивна седница на косовскиот парламент без согласност за коалиција

-Курти: „Не ѝ даваме територија на Србија како утеха за загубено Косово“

За време на коалициските преговори, Демократската лига на Косово во повеќе наврати успеа да го натера Курти да попушти. Тој беше за смена на владата од 12 министри, на крајот сепак беа 15. Неговото Самоопределување прво одлучно го бараше за себе ресорот за внатрешни работи, сметајќи дека е подобро сами да управуваат со борбата против корупцијата, но на крајот тоа министерство го доби Демократската лига. Исто како и функцијата претседател на парламентот.

Filaj-Ballvora Vilma Kommentarbild App

Вилма Филај-Балвора, уредничка на редакцијата на албански јазик на ДВ и авторка на коментарот

Секоја партија постави 6 министри, а три министерства се во рацете на малцинството (два во рацете на српското малцинство). Главна причина за несогласувањата беше спорот околу прашањето чиј ќе биде во наредните години претседателот на државата. Поради тоа се закануваше прекин на преговорите. И затоа со темата се чекаше до последниот момент. Таа на крајот е оставена - за подоцна. Но, тоа не значи дека оваа тема исчезна. Наскоро би можело да дојде до тешка проба за владата на Курти.

Подготовки за неопходни компромиси

На владеачката коалиција ѝ е спротивставена многу силна опозиција: Демократската партија на Косово на Хашим Тачи и Алијансата за иднината на Косово на досегашниот премиер Рамуш Харадинај. Двајцата се поранешни команданти на УЧК кои во 1990-те се бореа против српското владеење. Од крајот на војната се менуваа на власт. Притоа, пацифистичката Демократска лига најчесто беше коалициски партнер, а сега е во владата. Од друга страна, Самоопределување со своите, во поголем број, млади политичари кои доаѓаат од вонпарламентарната опозиција, сѐ уште нема искуство на власт. Албин Курти го чека Сизифовска работа. Тој не смее да ги разочара своите избирачи. Но, ако сака да постигне напредок во приближување на Косово и на Србија, нема да може да избегне болни компромиси со Белград. Притоа, тука е и големиот притисок од САД и од ЕУ врз двете страни конечно да дојде до нормализирање меѓу некогашните воени противници. А време има сѐ помалку.

Граѓаните на Косово, со најмладо население во Европа - чија просечна старост е 27 години - сакаат решенија за подобар живот во својата земја. Тие се презаситени од политика. Разочараните избирачи полагаат голема надеж во Курти. Неговиот курс е против досегашниот естаблишмент, непотизмот и против стагнацијата. Сега мора да покаже дека мисли сериозно!

Односите на силите во косовскиот парламент ја одразуваат и поделбата во косовското општество кога станува збор за преговорите со Србија. Судењето на косовските Албанци осомничени за злосторства би можеле да ја разбрануваат атмосферата во земјата. Бидејќи, поранешните борци на УЧК се слават како херои и уште имаат голема поддршка од народот. Самоопределување и Демократската лига на Косово мораат да имаат обѕир кон овие национални чувства и традиции, да бидат во состојба да ја држат под контрола ситуацијата во земјата. Во секој случај, поранешниот полтички бунтовник Курти сега мора да успее во тешка задача: да го подготви косовското општество на неопходни компромиси.

DW.COM

Реклама