1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата на Заев преживеа, ВМРО-ДПМНЕ си замина од Собранието

ДТЗ
11 ноември 2021

Драматичниот ден во Собранието и околу него заврши со неуспех на опозицијата да ја урне владата на СДСМ и ДУИ. Откажувањето на Кастриот Реџепи ја осуди иницијативата на неуспех.

https://p.dw.com/p/42th5
Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
Фотографија: Petr Stojanovski

Гласање на доверба со филмски заплет и среќен крај за Владата. Собранискиот канал во четвртокот ги урна сите рекорди на гледаност, иако во најголем дел на него можеше да се видат концерти, наместо парламентарна дебата. Причина за тоа беше седницата за гласање доверба на Владата, која беше неизвесна уште од самиот старт. Десет минути по нејзиниот почеток веќе беше јасно - дека ќе биде тоа долг и тежок ден за пратениците, особено за двајцата парламентарци од ВМРО-ДПМНЕ болни од Ковид-19, коишто во скафандери и во посебни кабини, го поминаа целиот ден во очекување да се обезбеди кворум. 

По 21 часот вечерта, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала, а партискиот потпретседател Александар Николоски рече дека најдобро и најбрзо решение за излез од кризата се предвремени парламентарни избори. Еден час претходно, партискиот лидер Христијан Мицкоски се сликаше од болница каде му била извршена лесна хируршка интервенција на вратот. 

Реџепи ги урна сите надежи на опозицијата 

Целиот случај доби филмски заплет кога пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи не се појави со собраниската сала, поради што не можеше да се обезбеди кворум за дневнот ред со само една точка - гласање доверба на Владата. 

Nord-Mazedonien | Coronavirus Parlament Skopje
Двајца парламентарци од ВМРО-ДПМНЕ болни од Ковид-19, во скафандери и во посебни кабини, го поминаа целиот ден во очекување да се обезбеди кворум. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пратениците се броеја и пребројуваа, но никако не успеаја да стигнат до прагот од 61 пратеник, особено откако собранискиот спикер Талат Џафери ја напушти седницата и му го препушти столчето на потпретседателот на Собранието, Фадиљ Зендели од Беса. Потоа тој им се придружи на сопартијците од ДУИ и на коалициониот партнер СДСМ, кои што не влегоа во салата.  Оптимизмот на опозицијата дека има сигурно ново мнозинство спласна откако и по неколкучасовните обиди не успеаја да стапат во контакт со „одметнатиот“ Реџепи. 

Неговите сопартијци од Беса изразија сомнеж дека тој се држи некаде без негова волја, се ширеа шпекулации дека е киднапиран и дека можеби се наоѓа во Бугарија, за случајот дури беше алармирана и полицијата, од која беше побарано да го пронајде Реџепи и „под дрво и под камен“.  Додека Зијадин Села, претседателот на Алијанса за Албанците, изрази загриженост за безбедноста на Реџепи, од  ДУИ смируваа дека нема причина за вознемиреност. „ Неговото срце спие во Вашингтон и во Брисел“, порачаа вицепремиерот Артан Груби и Арбер Адеми од ДУИ. 

Криенка со опозицијата 

Реџепи после неколкучасовната „криенка“ со опозицијата, најпрво објави статус на Фејсбук во кој образложи зошто нема да гласа на собраниската седница, а откако ни тоа не беше доволно да ги убеди сопартијците дека ова е негова лична одлука без притисок, попладнето се огласи и преку видео порака: „Добар сум, на вистинската страна сум“, вели Реџепи. 

И тој и владејачката партија СДСМ излегоа со спротивни тврдења од ВМРО-ДПМНЕ - ја обвинија опозицијата дека врши притисок врз пратеникот на Беса, кој вети дека деновиве детално ќе раскаже низ што се поминал. 

Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
СДСМ најави дека нивното мнозинство расне, а за тоа потврда ќе има веќе утре.Фотографија: Petr Stojanovski

Иницијативата на опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ не само што не вроди со „паѓање“ на Владата, туку ги засили позициите на владејачкото мнозинство. СДСМ најави дека нивното мнозинство расте, а потврда за тоа се очекува в петок. 

„Ќе оставиме партиите сами да соопштат утре“, најави координаторот на СДСМ, Јован Митрески, најавувајќи нов заплет на политичката сцена, кој деновиве доживува кулминација, по најавите за повлекување на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по поразот на локалните избори. Од 31 октомври до сега се случија безброј пресврти, а оставката на Заев која што воопшто и не беше поднесена, е ставена во мирување на неопределено време.