Владата „за“,опозицијата и народот против | Свет | DW | 05.09.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Владата „за“,опозицијата и народот против

Во Турција е во тек вонредна седница на националниот Парламент на која пратениците треба да одлучат дали ќе и дадат одобрение на одлуката на владата за испраќање турски мировни сили во Либан.

Демонстрации против испраќање турски војници во Либан

Демонстрации против испраќање турски војници во Либан

Иако гласањето за ова се очекува за неколку часа,благодарејќи на огромното мнозинство на владеачката Партија за правда и напредок,неизвесност речиси не постои,наспроти острото несогласување на опозицијата и голем дел од јавноста,кои се против испраќање на турската војска во зовриениот Либан.Доколку Парламентот даде зелено светло,Турција во привремените мандатни сили на ОН за Либан ќе испрати најмногу до илјада војници,една морска корвета или два до три брода на крајбрежната стража.На седницата потребата за испраќање турски сили во мисијата на ОН ја образложија шефот на турската дипломатија Абдула Ѓул и министерот за турската одбрана,кои истакнаа дека присуството на Турција во УНИФИЛ силите е прашање на чест,обврска кон мирот во регионот и од стратешка важност за земјата.Претставниците на опозиционите партии се изјаснија против како што рекоа најновата турска блискоисточна авантура и побараа од пратениците да го послушаат гласот на турската јавност,која со дури 84 проценти според последните анкети смета дека местото на турската војска не и е во Либан.Горливото прашање за испраќање мировни сили во Либан е последна капка во чашката на незадоволството на турската јавност,која е прелеана до незадоволството од загинување на турските војници во судирите со припадниците на Курдистанската ПКК на југоистокот на земјата. На бројните протести кои се одржуваат во земјата на владата и се упатени пораки дека на народот му се доста погреби и дека не е за пролевање на крвта на турските војници надвор од земјата.Истовремено на овие протести на највисоките државни функционери им е поставено прашање зошто нивните синовии не служат војска во кризните региони,а на владата порачано дека наместо испраќање турски војници во Либан,вистинскиот потег би бил конкретно дистанцирање од Израел,со кој Турција има високоразвиени одбранбени и економски односи.