Владата во тесно - германски инвеститори бараат пониски царини! | Економија | DW | 31.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Владата во тесно - германски инвеститори бараат пониски царини!

На дел од странските компании не им се доволни огромните поволности во Македонија, па „условуваат“ за повеќе. Владата бара решение, домашните стопанственици негодуваат.

Unternehmen Kromberg & Schubert in Mazedonien (DW/A. Dimitrievska)

Објектот на „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона Жабени

Уште пониски давачки, но и помалку административни процедури. Македонија им овозможува еден куп поволности на странските инвеститори кои отвориле или сакаат да отворат бизнис во земјата, но за дел од нив тие стануваат недоволни. Неколку компании, кои веќе имаат производствени погони во Македонија, се жалат дека царинските давачки за одредени репроматеријали им биле високи и бараат тие да се намалат.

Станува збор за германските компании Марквард, Кромбер и Шуберт, Костал и Гентерм. На средба во владата тие се пожалиле дека поради повисоки царини за одредени репроматеријали нивните производи губеле на конкурентност. Притискаат за промена на царинските стапки за кои тврдат дека биле многу повисоки од истите во земји од Европската Унија и регионот. Дел од нив поради ова дури и ги замрзнале плановите за проширување на своите инвестиции. Ќе почекале да добијат намалување на царинските тарифи: 

Patrick Martens, Mazedonien, DMWV Delegierter der Deutschen Wirtschaft (Marija Radevska)

Дел од германските инвеститори деновиве оствариле средба со министерот за финансии Тевдовски - фото: Патрик Мартенс, директор на делегацијата на Германското стопанство во Македонија

„Проблемот е што некои од фирмите што сакаат да ги зголемат инвестициите истите ги ставаат на стендбај, бидејќи иако тука работната сила им е евтина, се жалат дека крајниот производ им е многу поскап. Тие царини се можеби и до 15% повисоки од ЕУ или во некои други поразвиени држави. Станува збор за електронски компоненти кои ги користат дел од инвеститорите со покомплексно производство. Ова не се однесува за сите компании, туку за дел од нив, меѓу кои има и такви кои се жалат и на царинските процедури“, објаснуваат за Дојче веле од Германската стопанска комора во Македонија. 

Деновиве тие оствариле средба со министерот за финансии Драган Тевдовски, пред кого ги изложиле своите конкретни предлози за промена на одредени царински стапки:

„Дел од присутните компании планираат проширување на своите инвестиции, но првично ќе почекаат на намалување на царинските тарифи. Тие се жалат дека царините ги прават неконкурентни и во такви услови не можат пред своите централи да образложат зошто би ја прошириле инвестицијата во Македонија и би отвориле нови работни места. Сметаат дека Македонија на ваков начин ја губи конкурентноста“, велат од Германската комора. 

„Допрва ќе видиме“

Дојче веле стапи во контакт и со некои од менаџерите во овие компании кои сепак не сакаат да изнесуваат детали за нивните барања и инвестициски планови. За целата постапка упатија на надлежните. Во Владата ги сослушале, им ветиле дека ќе направат анализа на доставените барања и ќе вложат напори за да се најде соодветно решение. Но неизвесно е какво ќе биде тоа ако се има предвид дека станува збор за компании кои веќе уживаат огромни бенефити за своите инвестиции во Македонија. Од Владата засега официјално не сакаат да коментираат ништо конкретно. Се разгледувале опции и се правеле анализи дали воопшто има простор за решение.

„Тие фирми прават енормни профити и сѐ уште, освен од царина, во буџетот од нив не влегува ништо, бидејќи не се надминати тие 10 години период којшто го добиваат како поволност со низа даночни ослободувања, што беше политика на претходната Влада. Сѐ друго останува за нив. Има некоја идеја да се направат одредени корекции во делот на царините, но само за нови инвестиции, не и за веќе постојните. Тие исто така би добиле доколку ја прошират инвестицијата. Но проблем е, бидејќи од овие капацитети во буџетот влегуваат само средства од царини и придонеси за вработените. Ако се минимизира таа тарифа, државата ќе губи милионски суми, бидејќи ќе создава дупка во приходите во буџетот. Од една страна, се мислиш за приходите, но од друга страна ќе има нови вработувања и на некој начин пак ќе се вратат парите во буџетот. Но ајде, допрва ќе видиме“, коментира за Дојче веле владин претставник кој инсистира на анонимност.  

Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov (DW/B. Georgievski )

Германски фирми се жалат дека царините ги прават неконкурентни

Преку леб погача...

Дополнителните барања на странските инвеститори се во услови кога Владата воведе политика на еднаквост со домашните стопанственици. За разлика од политиката на претходната влада, плановите за повисок раст и поддршка на инвестициите сега се однесува на сите стопанственици, домашни и странски. Домашни бизнисмени коментираат дека пристапот на странските компании е во најмала рака непримерен:  

 „Не сум изненаден што бараат, изненаден ќе бидам ако владата им даде. Тоа што тие го бараат не е можно. Јас ги разбирам и се сложувам со нив и тоа што тие го зборуваат, но кај нас царините главно не ја одразуваат заштитата на македонското стопанство, туку приходите на владата. Од тој аспект ако гледаме можеби имаат право, но невозможно е да се даде некому повластувања во тој дел и не знам како замислуваат дека може да ги добијат. И нам не ни се допаѓа кога челикот од земјите како нашата доби посебни давачки во Европската унија. И што ни кажаа за тоа - ние многу се извинуваме, но тие ќе продолжат и во наредните толку и толку години. Затоа, ако сакаат да инвестираат тие се добредојдени и тоа се условите на пазарот. Ако не сакаат, тогаш нека не инвестираат“, коментира бизнисменот Горан Рафајловски. 

Повеќе: 

Германија го одврзува „ќесето“ за поддршка на Македонија

Германија нуди поддршка, но бара стабилност и извесност за инвестициите

Идејата за дополнителни олеснувања, според него, е нелогична ако се имаат предвид и досегашните привилегии кои ги уживаат странските инвеститори:

„Тие имаат посебни повластувања. Веќе користат, да не кажам, страшни, такви какви што никаде не можат да сонуваат во рамки на земји на ЕУ. Тие добија т.н. 'такс холидеј'. Така се вика тоа. И сега бараат уште и се жалат дека некаде имало пониски давачки. Да, секој има право да бара, но не поддржувам дека треба да добијат", реагира Рафајловски. 

Политиката на привлекување странски инвеститори која беше силно промовирана од претходната Влада донесе дваесетина инвеститори кои изградија фабрики во технолошко-индустриските развојни зони, но и надвор од нив. За нивно прилекување беа потрошени околу 150 милиони ера народни пари во делот на маркетинг, промоција, субвенции, изградба на инфраструктура во зоните. Сите тие дополнително во период од максимум 10 години се ослободени од давачки за данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход. За секоја од нив, државното земјиште е под долгорочен закуп до 99 години, а беа доделувани и државни средства за изградба на фабриките од 100.000, па дури до 500.000 евра. Актуелната влада, непосредно по преземање на функцијата, ги направи јавни сите информации и договори за доделување на државна помош со странските инвеститори.

DW.COM

Реклама