Вклучуваш светло - и нема коронавирус? | Панорама | DW | 08.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Вклучуваш светло - и нема коронавирус?

Во пандемијата на коронавирус има и „воени профитери“. Меѓу нив се и производителите на УВ-светилки, кои ветуваат чуда во борбата против Ковид-19 и ги шират своите капацитети. Колку е ефикасна ултравиолетовата светлина?

Швајцарски робот дезинфицира канцелариски простор со ултравиолетова светлина

Швајцарски робот дезинфицира канцелариски простор со ултравиолетова светлина

Оној кој ги слуша продавачите на „Филипс", „Осрам" и други производители на специјални „лампи за дезинфекција", би можел да помисли дека со коронавирусот лесно може да се излезе на крај. Наместо со хемикалии, дезинфекцијата навистина одамна се врши и со ултравиолетова светлина од краток спектар (УВЦ, бранова должина од 100 до 280 нанометри). Вируси, бактерии и микроорганизми од секаков вид, на која било површина, во воздух, па дури и во вода, за само неколку секунди веќе не се проблем. Зашто, зрачењето од ваков вид „црна светлина" го разорува генетскиот код кај микроорганизмите.

Таа технологија постои веќе подолго време. Така, на пример, се дезинфицира дури и водата за пиење, возилата за брза помош и производствените ленти во индустријата каде тоа е неопходно. Секако, вирусите не можат да преживеат ни во воздух осветлен со таква светлина. Па кој тогаш не би купил таква ламба, па дури и ако е малку поскапа? Сега, додека е уште лето, можат да се отворат прозорците заради проветрување и вирусите евентуално да излезат надвор. Но, во зима ќе биде тешко да се прочистува воздухот на таков начин во канцелариите и училниците.

Бизнис на векот!

И навистина, навалицата е огромна. Фирмата „Сигнифај" (Signify) која донеодамна беше огранок на „Филипс лајтс" (Philips Lights) произведува осумпати повеќе такви лампи отколку пред пандемијата. Со започнувањето на ширењето на вирусот пролетоска, од холандската фирма веднаш понудија „нова серија" свои производи, како за домаќинство, така и за деловни простории.

Pressebilder Signify GmbH | upper room air disinfection (Signify GmbH)

УВ-светилки на „Сигнифај“ во чекалница

Меѓутоа, постои едно „проблемче" со УВЦ-лампите: светлина од тој спектар на земјината површина има многу малку, најголем дел го проголтува заштитниот слој на атмосферата. Во спротивно, сите ние би биле мртви. Таа светлина навистина го уништува генетскиот код на вирусите, но докажано го уништува и – нашиот. Лекарите и дерматолозите не врескаат залудно да не се изложуваме премногу на сонце.

Таквата светлина навистина се користи во индустријата, но притоа се внимава со неа да не се озрачат и луѓе. Но, во „Сигнифај" имаат идеја како тоа да го решат. Тие нудат посебни лампи кои таа светлост ќе ја зрачат кон плафонот. А бидејќи воздухот кружи низ просторијата, така стигнува и во тој дел од собата и се враќа кај корисниците, но без вируси. Во Азија и во Америка тоа веќе сега масовно се користи, единствено Европејците се претпазливи со таа технологија, се жали Кристијан Гебел од „Сигнифај".

Германската служба не е убедена

И навистина, Хајнц-Јерн Мориске од Германската служба за заштита на животната средина е повеќе од воздржан: „Ако од која било причина се отвори лампата во просторијата за луѓе додека е уште вклучена, тоа може да предизвика тешки изгореници на кожата и да ги надразни очите", предупредува Мориске.

Производителот меѓутоа тврди дека е доволно придржување на упатствата за употреба и во тој случај не може да има проблеми: „Технологијата е испробана, секој знае дека таа помага. Прашање е само безбедносното ракување со неа", тврди Кристијан Гебел од „Сигнифај". Се разбира, можеби е потребно дополнително предупредување до луѓето кои влегуваат во просторија осветлена со такви лампи што тука се случува, но тоа би било доволно за да не настанат штети за здравјето на луѓето од УВЦ-лампи, вели тој.

Повеќе:

Коронавирусот се пренесува преку дишење, кои маски помагаат?

Потценетa опасностa од корона-аеросолите

Од каде потекнува коронавирусот? Колку останува на површините? Одговори на Вашите прашања

Хајнц-Јерн Мориске меѓутоа и натаму не е уверен. Зашто, постои и уште еден друг проблем: не е целосно докажано дека таа светлина насекаде го уништува и вирусот на Ковид-19. Точно е, токму „Филипс" и „Сигнифај" во соработка со Универзитетот Бостон во истражување покажаа дека коронавирусите така се уништуваат за неколку секунди од површината на предметите, но практично нема истражувања кои потврдуваат дека ултравиолетовата светлина уништува вируси и во воздух. А тука постојат и многу фактори: колку е голема просторијата, колку често циркулира воздухот низ осветленото подрачје и секако - колку е силна светилката.

Најопасна е лажната безбедност

Циркулацијата на воздухот во одредена просторија е посебна приказна. Таа е целосно поинаква во аглите отколку, на пример, кај прозорците, или некое грејно тело. Може ли тогаш воопшто да се рече дека некоја просторија е „безбедна" ако во неа има таква лампа? И дали е таа поефикасна од прочистување на воздухот со механички филтри, се прашува експертот од Германската служба за заштита на животната средина.

Најопасна може да биде некоја на таков начин создадена лажна сигурност: „Тоа не би смеело да води кон тоа едноставно да се каже: Сега ми е студено, па ќе ги затворам прозорците, бидејќи постои прочистувач на воздухот и тој ќе ја изврши работата. Токму тоа би бил погрешен заклучок кој мора да го избегнеме", предупредува Мориске.

Во фирмата за производство на лампи секако го почитуваат мислењето на службениците од Германија, но додаваат дека „со оглед на големината на проблемот", сепак мислат дека е потребен малку повеќе прагматизам и отвореност од страна на германските служби. Претставникот на „Сигнифај" Гебел и лично верува дека лампите од неговата фирма делуваат: „Ако сега ме прашате дали би се согласил да го пуштам син ми во детска градинка во која виси една таква УВЦ-лампа, веднаш би одговорил: ‘да'. Секако, под претпоставка да е доволно високо и далеку од љубопитните детски очи и прстиња."

 

Поврзана содржина

Реклама