Вистинска приказна за лажни вести | Македонија | DW | 28.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Вистинска приказна за лажни вести

Дали популарноста на лажните вести кај обичните граѓани е навистина толку масовна и убедлива како што сака да се прикаже? Колумна на Арсим Зеколи

До каде сме со борбата против лажните fake news вести? Судејќи според последната акција на чистење на социалните мрежи од лажни новинарски профили – вклучително и кај нас – би рекол дека не сме повеќе од еден чекор понапред од епидемијата од 2016 година во САД. Стравот на европските естаблишменти од повторување на веќе виденото сценарио при следните европски избори резултира со предупредувања за трол-фарми кои за грст пари одработуваат во корист на крајната десница. Кај нас, вообичаено, борбата против лажните вести се користи како мотив / изговор за изработка на уште една тура нови бесмислени закони со кои ќе се „уредува медиумскиот простор”. Што и да се подразбира под таа апсурдна кованица. 

Лаконскиот одговор кон предизвикот на лажните вести наведува на пазарниот заклучок дека се додека има побарувачка кај јавноста жедна да го чита тоа што однапред го мисли и верува – па колку и да е ноторна лага – ќе постои и понуда која тоа обилно и ќе им го сервира. Додајте го на тоа и аргументот дека необразованата публика голта се што чита по интернет и веќе имате проблем од пеколот за кој тешко дека има лек. Но, дали е сето тоа баш така? Дали навистина популарноста на лажните вести кај обичните граѓани е толку масовна и убедлива како што сака да се прикаже? Дали ескапизмот на лажни вести е клучниот феномен на денешницата и медиумската комуникација?

Причината за повнимателен однос кон тој прелесно прифатен заклучок можеме да ја побараме во некои други форми на масовна комуникација и некои нови феномени кои се случуваат пред наши очи. Како што е парадоксот на паралелниот подем на лажни вести во медиумите и експлозијата на интерес на публиката за филмови снимени според вистински приказни или инспирирани од реални настани. Дека не станува збор за минорен културен аспект на денешницата туку за глобален феномен доволно е да се укаже на фактот дека од осумте номинирани филмови за Оскар годинава, само два од нив („Ѕвездата е родена” и „Црниот Пантер”) не припаѓаа на категоријата „снимено според вистински настан”. Но затоа, сите останати кандидати (вклучително и победникот) не само што се снимени според наводни вистински приказни, туку и прецизно ги отсликуваат современите социо-политички-економски-културни драми на современието и интересот на публиката.

Почнете од контроверзниот победник „Зелена книга” и претендентот „Црниот Клансмен” за историјата на расните односи во Америка – некогаш и денес. Биографијата за тоа што значи да се биде етничко, имигрантско и сексуално малцинство под светлата на рефлекторите, прикажано низ животот на Фреди Меркјури во „Боемската Рапсодија”. Историјскиот одек на #Metoo ерата низ кралските коридори на моќта во „Фаворит”. Искуствата на едно семејство среде перпeтуалните кризи на Кисинџеровата дипломатија и Милтоновата економија во колонијалниот Рим на "Рома” среде Мексико. Заклучно со сатирично-трагичниот портрет на животот и делата на Дик Чејни во „Потпретседателот”.

Други колумни од авторот:

-Кој тоа таму имитира?

-Последното Југо на Балканот

-Еден убав банкрот

Тешко дека ќе најдете современа кинематографија во која филмовите со предзнакот „вистински” не се наоѓаат на самите врвови на популарност и гледаност на публиката и интерес на филмската критика по медиумите. Од Холивуд до Боливуд, жанрот на based on true story е хит на современието и непресушен извор за нови кино-осврти кон минатото. Вистина, многу често екранизираната целулоидна „вистина” е ништо повеќе од конвенционална, пропагандистичка, стерилизирана или прочистена интерпретација на реалноста во која уметноста повеќе ја имитира отколку што ја претставува соголената вистина. Што е причина повеќе за подемот на другиот паралелен феномен кој се одвива во чекор со подемот на лажните вести и биографските филмови. А тоа е расцутената продукција на документарни филмови со широк спектар на опфатени теми кои озбилно им конкурираат на долгометражните вистина-филмови.

Па така, хитови на сезоната во сферата на документарните филмови се серијските прикази за политичкиот импакт на случајот Нирбхаја во „Злосторство во Делхи”. Темната страница во историјата на Обединитети Нации во „Замрзнат случај: Убиството на Даг Хамарстјолд” и „Валцерот на Валдхајм”. Провокативниот запис за современата технологија, безбедноста и политиката низ призма на вирусот Stuxnet во "Нулта Денови”. Историјата на зачетокот на раводот помеѓу Британија и ЕУ во „Брегзит: Нецивилизирана Војна”. Накратко, тешко дека минува недела без да гигантите Нетфликс, ХБО, Зулу, BBC не понудат некој нов документарец за тековни прашања или потсетат на настани од минатото кои сеуште влијат врз креирањето на свеста и совеста на јавноста. За жал, темната страна на таквата продукција е што не ретко ја експлоатира воајеристичката природа на гледачите преку надразнување на мрачните сетила и фетишизација на криминалот. Како што е секако примерот со поплавата од квази-документарни прикази за сериски убијци, мафиози или грозоморни епизоди од историјата.

Отсаството на озбилни социални истражувања за паралелниот и парадоксален подем на овие две екстремно спортиставени појави го остава отворено прашањето дали во интересот на јавноста за вистински филмови се крие антидотот за пошаста на лажните вести. Гледано оттстрана, првиот заклучок кој се наметнува е дека за разлика од филмовите кои го третираат и екранизираат минатото кое се случило, лажните вести се вперени кон иднината која целат да ја моделираат според потребата или замислата. Додека филмовите и документарците тежнеат да ја образуваат публиката преку нудење поуки од минатото за иднината, лажните вести се мотивирани од манипулирање со минатото за форматизирање на иднината преку експлоатација на довербата, стравот или ниските страсти. Но она што е сепак највредно за промислување е што и вистинските филмографии и лажните вести ја споделуваат истата матрица на масовна недоверба во службените вести, информации, статистики и политики, како од минатото, така и од сегашноста.  Коренот на подемот на овие паралелни феномени е заеднички – сомнежот на обичниот граѓанин во сервираните вистини од страна на владините естаблишменти или кругови на моќта и црпење од љубопитноста и жедта за дознавање на вистината во нејзината најискрено можна суштина. Разликата е во мотивацијата која е колку актуелна, толку и метафизички исконска уште од библијските приказни за Абел, Каин и Богот како за смртниците недокучива вистина во која се верува со срце, а не со разум. 

Таа метафизика денес се отсликува во судирот помеѓу духот на човечката вистинољубивост од една страна и современата машинерија на психологијата. Поедноставено, додека филмуваните вистински истории ја таргетираат емотивната интелигенција на човекот, индустријата на лажни вести за катаклизмичмите иднини е конструкт на извитоперената наука на психологијата на масите и техниките на нејзини манипулации. Изборот за осознавање на вистината е аскетски вернички однос сведен помеѓу индивидуата и нејзината определба или желба за ука, наука и дознавање преку барање и наоѓање на филмот, книгата или документарецот. Односот, пак, кон лажните вести е детерминиран од конзумеристичкото сервирање преку социални мрежи во кои се што се бара и се што е потребно е религиозното суеверно вјерују искажано преку притискање лајк или емотикон на ужас. Вистината е секогаш историја. Лажните вести се фикс за бегство од сопствената реалност.

Медиумите, кинематорафски или социјални, се современите цркви на аморфни вернички пастви во кои се проповедаат опелата на надежта или паранојата – па кој како си посакува. Непресушиот океан на човечки паранои укажува на тоа дека борбата со лажни вести ќе биде навистина долга. Но во големиот дизајн на нештата сепак само епизодна хистерија на психологијата на лабилноста во времиња обременети со предизвици. За жал, наивно е да се очекува дека кинематографијата и  документаристиката ќе бидат доволни за извојување на победа против лажните вести. Впрочем, менталитетот на етсбалишментот и властите базиран врз филозофијата на цинично смирување и контролирање на јавноста преку сервирање службени полувистини или бели лаги е апсурдот на современието. Поголем и подеструктивен од самиот феномен на лажни вести. Во чие креирање и самите допринесуваат. Доколку не верувате – имате доволно домашни провладини телевизии за да се уверите. 

 

DW.COM

Реклама