1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистини и стерeотипи: „Ќе менуваме ли историја за парно?“

28 октомври 2020

Какви се ставовите на македонските граѓани за Бугарија и како е позиционирана таа според перцепцијата за нејзиното политичко присуство?

https://p.dw.com/p/3kWoz
Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

На различни коментари наиде информацијата од БЕГ, дека во периодот од 27-ми до 29-ти октомври се можни редукции на испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење, но дека тие нема значително да ја намалат внатрешната температура во објектите. Причина за ограничување на транспортот на природен гас, како што известила АД ГАМА, е изведување ремонтни зафати за време на грејниот период на транзитниот гасовод од Бугарија кон С. Македонија, што ќе ги извршува бугарската компанија „Булгартрансгаз ЕАД“.

Интересно е како една неполитичка вест, брзо беше ставена во обландата на актуелните спорови за историските прашања, па низ „цевките“ веднаш потекоа коментари од типот - „Договорот за добрососедство веќе не пропушта топлина“, „Бугарија ни ги затвори вентилите“, „Ќе менуваме ли историја за парно?“

Какви се ставовите на македонските граѓани за Бугарија и како соседната земја е позиционирана според перцепцијата за нејзиното политичко присуство? Одговор дава Опсерваторијата на имиџот и влијанието (Impact and Image Observatory) концепт на Институтот Преспа изграден на две компоненти: Индексот на меѓународно присуство и Имиџ-опсерваторијата.

Повеќе:

Доста е историја

Последиците од бугарското вето

Германски печат: Идентитетските прашања повторно ја блокираат С. Македонија

Односот на граѓаните кон Договорот

Со Имиџ-опсерваторијата за 2020 година е истражуван односот на граѓаните кон Договорот со Бугарија. Прашањето е поставено на Ликертова скала од 1 до 5, каде 5 значи целосно позитивно, а 1 целосно негативно го оценуваат договорот. Позитивно (со 4 или 5) Договорот го оцениле 23% од граѓаните. Ниту позитивно ниту негативно, или со оценка 3, го оцениле 30% од граѓаните. Негативно (со 1 или 2) го оцениле 42% од испитаниците. Споредено со Преспанскиот договор, граѓаните подобро го оцениле вториот и искажуваат поголема доверба во него.

Според степенот на образование, поддршката на Договорот со Бугарија е поизразена кај граѓаните со високо образование 25,6%. Поддршка за Договорот дале 20,4% од граѓаните со средно образование, и 22,1% од граѓаните со основно образование. Во однос на возраста, тој најголема поддршка има кај граѓаните од 30 до 39 години (27.2%), а најмала кај граѓаните од 50 до 59 години, со 18,5%. Според етничката припадност, само 14,4% од Македонците позитивно го оценуваат Договорот, додека 54% го оценуваат како негативен. Кај Албанците сликата по ова прашање е целосно различна: 44,6% го оценуваат како позитивен, а како негативен само 8,4%.

Bulgarien Goze Delchev | Borisov und Zoran Zave
Договорот со Бугарија позитивно ог оцениле 23% од граѓаните, а негативно - 42% од испитаниците (фото: премиерите Заев и Борисов, август 2018 година)Фотографија: BGNES

Поделени мислења

Во однос на партиската наклонетост или припадност, разликите по ова прашање се уште поизразени, особено кај македонскиот блок на партии. Најголем дел од симпатизерите на СДСМ (42,2%) позитивно го оценуваат овој договор, додека 18,1% негативно гледаат на него. Кај симпатизерите на ВМРО- ДПМНЕ гледиштата се сосема спротивни од оние на симпатизерите на СДСМ. Само 3,1% од симпатизерите на ВМРО- ДПМНЕ позитивно го оценуваат овој Договор, додека 83,6% го оценуваат како негативен. Кај албанскиот блок на партии разликите се многу помали. Мнозинството од симпатизерите на ДУИ (51,4%), позитивно го оценуваат Договорот, а негативно само 10%. Слично се гледиштата и на симпатизерите на АА: 52,6% позитивно го оценуваат договорот, а само 5,3% како негативен.

Имиџ-опсерваторијата за 2020 покажува дека мислењето на македонската јавност е исклучително поделено во однос на соседна Бугарија. Само 33% во Бугарија препознаваат пријател, соработник, поддржувач, сосед кој позитивно се однесува кон државата. Исто толку, 33%, сметаат дека Бугарија има негативен, непријателски, неправеден, дволичен, уценувачки однос кон Северна Македонија.

Според она што македонските граѓани главно го препознаваат во Бугарија, доминираат туристичките центри (15 отсто), градот Софија (10 отсто), морето (9 отсто). Има процент на македонски граѓани кои зборуваат за непријатели или окупатори (3 отсто), за измамници (2 отсто) или генерално за „нешто лошо“ (3 отсто).

Bulgarien Sofia | Blick über die Stadt & Alexander-Newski-Kathedrale
На отворено прашање (без понудени предлози) - која е државата во која македонските граѓани препознаваат најдобар пријател, за Бугарија се изјасниле само 1% (фото: Софија)Фотографија: Imago Images/robertharding/C. Kober

Според ова истражување, Бугарија не е соседната држава со која Северна Македонија има најпријателски однос. Таа е рангирана на четврто место. Прва е Србија, втора Албанија, трето Косово, а на петто место Грција. На отворено прашање (без понудени предлози) - која е државата во која македонските граѓани препознаваат најдобар пријател, за Бугарија се изјасниле само 1%, а само 2% ја препознаваат како македонски најголем трговски партнер.

Политичко присуство - број еден

Другата компонента - Индексот на меѓународно присуство, (кој следи 24 држави), дава одговори на прашањето: во која мерка и во која форма се присутни државите на територијата на Северна Македонија? Присуството претставува ефективно позиционирање, во апсолутна смисла, на различни држави во три различни димензии: економско, политичко и меко, или културно присуство.

Во однос на политичкото присуство за 2019 година, Индексот за меѓународно присуство на првото место ја рангира Бугарија со 676,5 индексни поени. Во таа петорка следат Турција, Словенија, САД и Германија. (За разлика од „политичкото присуство“, во економското присуство на првата позиција е Германија, а следат САД, Турција, Британија, Италија).

Една лонгитудинална анализа на политичката димензија покажува дека Бугарија и нејзино искачување кон врвот на „политичкото присуство“ може да се припише на Договорот за пријателство и соработка, потпишан во август 2017 година, но и на неколку клучни аспекти на истиот: прво интензивирањето на билатералната соработка со Бугарија и потпишаните дополнителни 5 билатерални договори, а потоа и интензитетот на разменските посети, како и одржување на заедничка седница на владите на двете држави. За натамошно јакнење на присуството на Бугарија и стабилизирање на првата позиција, придонесува периодот во кој беше потпишан Договорот, фактот дека Бугарија го имаше претседателството со Советот на ЕУ веднаш потоа, како и создавањето односи на стабилно партнерство преку копретседавањето со Берлинскиот процес за Западен Балкан во текот на оваа година.

Karte Osteuropa Flash-Galerie
Противењето на проширувањето и преговорите со Северна Македонија е ризик за Бугарија да го загуби статусот на регионален лидер, оценува СтојковскиФотографија: AP

Присуство - да, но дали и влијание?

Што може да се заклучи од овие резултати? Според Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот Преспа, Бугарија можеби остварила големо, особено политичко присуство во Северна Македонија, но имајќи ги предвид наодите на Имиџ-опсерваторијата, има мала шанса тоа присуство да го трансформира во влијание или моќ.

„Наодите од Имиџ-опсерваторијата, и особено делот на стереотипите за Бугарија поврзани со ставовите и позициите во однос на пријателството и соработката меѓу двете држави, укажуваат дека актуелниот политички проблем дополнително влијае и ја намалува можноста за трансформација на присуството во влијание. Ако во текот на наредните две недели дојде до ескалирање на проблемот, т.е. Бугарија не се согласи со преговарачката рамка за Северна Македонија и за одржување на првата меѓувладина конференција за пристапување во ЕУ, таа ризикува повеќе да загуби отколку да добие“, вели Стојковски.

Според него, прв на удар е кредибилитетот на Бугарија во рамките на ЕУ, бидејќи, подготвувајќи се за претседателството со Советот на ЕУ, Софија ја издигна на ниво на приоритет политиката за проширување и ја врати повторно на голема врата во рамките на Унијата.

„Нејзиното противење на преговорите со Северна Македонија, сериозно ќе го нарушат нејзиниот кредибилитет. Второ, имајќи ги предвид односите во регионот, како и фактот дека поради Договорот за добрососедство и претседателството со Советот на ЕУ Бугарија се издигна во ранг на регионален лидер, противењето на проширувањето и преговорите со Северна Македонија е ризик за државата да го загуби статусот на регионален лидер“, оценува Стојковски.

Ако се има предвид односот кон Договорот за добрососедство во земјата, и особено поддршката или противењето според партиската припадност, тој смета дека Бугарија ризикува во догледна иднина да не најде партнер во Северна Македонија со кој ќе може да работи на подобрувањето на односите и градењето на пријателство и соработка.

„Запирањето на пристапувањето во ЕУ има разорен потенцијал за политиката за проширување што претставува можност за низа ретроградни процеси во државите од регионот. Ваквиот развој на работите ќе биде дополнителен ризик за надворешни или штетни влијанија и го руши геополитичкиот капацитет на Унијата и Европската комисија. Ако Бугарија ова го разбере сега, ќе биде одлично. По 10-ти ноември, може да биде предоцна“, оценува извршниот директор на Институтот Преспа.