Нова надеж за Босна и Херцеговина | Информации и анализи за Балкан | DW | 23.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Нова надеж за Босна и Херцеговина

На 20 јануари германската влада официјално ја претстави кандидатурата на поранешниот министер за земјоделство Кристијан Шмит за Висок претставник во Босна и Херцеговина. Конечно! Пишува Кристијан Шварц-Шилинг.

Во изминативе недели во медиумите се појавија теории на заговор за оваа тема од кои ниту една немаше никаква врска со вистината.

Важно е да се напомене дека Германија со кандидатурата на Кристијан Шмит „презема иницијатива за враќање на земјата на меѓународната политичка агенда. Германската влада има голем интерес за развојот на Босна и Херцеговина и ја поддржува перспективата за идно членство на земјата во Европската Унија“, наведено е на официјалната страница на германското МНР.

Со кандидатурата на Кристијан Шмит (предлогот дојде директно од кабинетот на канцеларката Ангела Меркел) пред се' јасно се става до знаење дека: Канцеларијата на Високиот претставник (ОХР) не се укинува. Напротив, со нови сили и нова политика треба да се врати влијанието на меѓународната заедница во Босна.

Актуелниот висок претставник Валентин Инцко и јас уште од октомври 2020 постојано разговаравме за една „трета фаза“ од развојот на оваа институција. ОХР е таму да обезбеди цивилно спроведување на Дејтонскиот мировен договор со кој и' се стави крај на војната во Босна од 1995 година. Таа негова улога сѐ уште не е исполнета.  На Босна и натаму и' е потребна поддршка од ЕУ на патот на транзиција кон демократија. Пр тоа е предност тоа што Кристијан Шмит повеќе години се занимава со Босна и Херцеговина и делумно ги познава состојбите таму.

Deutschland Christian Schmidt NEU

Германија со кандидатурата на Кристијан Шмит презема иницијатива за враќање на БиХ на меѓународната политичка агенда, оценува Шварц-Шилинг

Ако требаше работите да останат по старо, Германија немаше да преземе инцијатива. Напротив, оваа иницијатива покажува дека Германија ја поддржува Босна. Зад кандидатурата на Кристијан Шмит не стои, како што некои злонамерно тврдат, соло настап или таен план со Русија. Напротив. Ова се прави во „тесна координација со меѓународните партнери и членовите на Управниот одбор на Советот за имплементација на мирот“. 

Неодамна ја прославивме 25-годишнината од Дејтонскиот договор. Многу интересни написи се појавија на оваа тема – но и зачудувачки повици, според кои босанскиот Устав не смее да се разниша и дека ситуацијата треба да остане статус кво. 

Овие приговори се несфатливи и неспоиви со кандидатурата на Кристијан Шмит. БиХ мора да го промени Уставот, кој е на сила веќе 25 години, ако сака да ја извлече нефункционалната држава од слепата улица. Демократските принципи мора да заживеат и конечно да се спроведат одамна донесените пресуди за БиХ од Европскиот суд за човекови права.

Би сакал да напоменам две добри анализи за состојбата во Босна. Извештајот на Вилсон Центар и Документот за политиката за демократизација.

Гледај видео 07:46

Дејтонскиот мировен договор, младите и „идентитетите со етикети“

И двете анализи содржат добри предлози и во ниту еден од нив не стои дека Високиот претставник треба да ги спроведува уставните измени со „Бонските овластувања“ кои му ги дава Управниот комитет. Ставот отсекогаш бил и ќе биде дека уставните промени мора да си ги направат Босанците сами. Така беше и во времето додека бев Висок претставник и така мора и да остане. Граѓанската иницијатива мора да ја има водечката улога, но поддршката од меѓународната заедница е апсолутно неопходна.

Други колумни од авторот:

25 години Дејтонски договор: Правда за Босна и Херцеговина

Балканското минато уште живее

Со задоволство можам да заклучам дека во последно време во Босна и Херцеговина не недостасуваат такви идеи. Добив мноштво барања за помош при поддршка на ваквите граѓански иницијативи.

Уште еднаш би сакал да нагласам дека ОХР не попусто е во Босна, дека неговата улога и натаму има големо значење, и дека и натаму е потребна поцврста политика од страна на меѓународната заедница во БиХ. Има уште многу реформи и закони кои чекаат на одобрување во нефункционалните парламенти во земјата, бидејќи етничките ставови сѐ уште им се приоритетни, а блокадите го одредуваат секојдневниот политички живот. Тука меѓународната заедница мора посилно да се ангажира и да му даде поголема поддршка на ОХР и новиот шеф.

Како пример секогаш го наведувам Законот против негирање на геноцидот и глорификација на воените злосторници. Никој што има барем малку свест и емпатија не може да има нешто против ваков закон, но за жал овој закон досега не помина кај парламентарците во Босна.

Joe Biden zu Besuch in Sarajevo 2009

Џо Бајден во посета на Сараево во 2009 година, кога беше потпретседател на САД

Во мојата нова книга „Прокоцканиот мир во БиХ“ често пишував за еден од најважните моменти во историјата: кога во истовреме се среќаваат две добри личности во политиката, може да дојде до големи промени. Фактот дека светот сега можеше да го поздрави новиот американски претседател Џо Бајден кој за време на југословенската војна од 1990-те секогаш беше на вистинската страна, не би требало да остане без значење за Босна и Херцеговина.

Како што напишаа неделава амбасадорите на САД и Велика Британија во нивниот заеднички блог, тие бараат „партнери со волја “ да и' помогнат на Босна и Херцеговина. Со кандидатурата на Кристијан Шмит Германија покажа дека е подготвена да биде еден таков партнер.

Проф. д-р Кристијан Шварц-Шилинг од 1982 до 1992 година беше сојузен министер за Пошта и телекомуникации. Поднесе оставка во знак на протест против однесувањето на германската влада во босанската војна. Во 2006/2007 беше Висок претставник и Специјален ополномоштеник на ЕУ во Босна и Херцеговина.

Реклама