Зошто сојот Р.1 на коронавирусот е толку опасен? | Свет | DW | 08.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Зошто сојот Р.1 на коронавирусот е толку опасен?

Во Бразил екстремно брзо се шири варијантата Р.1 на коронавирусот. Таа е пред сѐ опасна затоа што е многу заразна. И оздравените од Ковид-19 можат повторно да се разболат. Вакцините не делуваат многу силно.

BG - Brasilien - Coronavirus - Infektions- und Todeszahlen steigen weiter an

Погреб на починат од коорнавирус во Вила Формоза - во меѓувреме во Бразил секојдневно умираат по неколку илјади луѓе

Деновиве се потврдува она на што виролозите предупредуваат уште од јануари - вирусната варијанта P.1 се шири со огромна брзина.

Ако на почетокот на јануари во Бразил дневно имаше помалку од 1000 смртни случаи, на крајот на март тој број е драматично зголемен. Во моментов таму дневно има по повеќе од 3000 починати. Околу 90% од новите инфекции се припишуваат на сојот P.1. 

Бројот на нови инфекции не може да се утврди прецизно, но едно е јасно - заразата е излезена од контрола! Од почетокот на пандемијата (состојба 8 април 2021) во Бразил, според податоците на здравствените власти, со коронавирус се заразија повеќе од 13 милиони луѓе.

Но, здравствените работници велат дека има голема темна бројка, затоа што многу од болните и оздравени луѓе најверојатно не се опфатени во корона-статистиката. Земјата има над 200 милиони жители. Земји во кои сојот P.1 исто така се шири се Мексико, Шведска, Белгија и Колумбија.

Што е познато за варијантата P.1?

Лекарите првпат докажаа постоење на варијантата P.1 во Бразил на 10 јануари годинава. Таа има 17 мутации, од кои три лежат на спајк-протеинот. Веројатно поради тоа вирусот полесно влегува во клетките, каде што може да се размножува.

Гледај видео 01:16

Ковид-19 во Бразил: Плажите полни, болниците преполни

Особено е проблематична мутацијата E484K, која веројатно е одговорна за повторно разболување на луѓе кои веќе прележале Ковид-19.

P.1 прво се ширеше во сојузната држава Манаус, што беше чудно, зашто токму таму претходно многу голем број луѓе веќе прележаа Ковид-19, а лекарите се надеваа дека наскоро ќе може да се постигне колективен имунитет. P.1 ја распрсна таа надеж. Мутациите на варијантата P.1 се слични на оние на јужноафриканскиот сој B.1.351, но се развија независно од него.

Повеќе:Ја губи ли Бразил контролата врз пандемијата?

Каков тек има болеста?

Искуствата од другите земји во кои се појави варијантата  P.1 покажуваат дека тежината на болеста не е поголема од онаа кај фенотипот. Но, цврсти податоци кои ќе го докажат тоа - нема. Јасно е дека варијантата е многу позаразна. Тоа во Бразил доведе до очајна состојба во здравството, па оттука и високиот број смртни случаи. Одделенијата за интензивна нега се недостапни за повеќето од пациентите, а резервите на кислород се далеку од доволни.

Фактот што во вакви услови речиси и нема доверливи бројки за нови инфекции, во моментов го прави статистичкиот заклучок за опасноста од варијантата  P.1 речиси невозможен.

Повеќе: Уникатен Ковид-експеримент: Серана - вакцинираниот град во Бразил

Дали и колку добро делуваат расположливите вакцини против варијантата P.1 сѐ уште не може со сигурност да се каже. Познато е дека АстраЗенека и Бионтек во лабораториски услови создаваат неутрализирачки антитела против оваа варијанта. Но, една нацрт студија покажува дека тие не се толку ефикасни како против фенотипот.

Сепак, и натаму има смисла да се продолжи со вакцинирањето, затоа што и при инфекција со варијанта на коронавирусот по вакцинирањето текот на болеста е веројатно поблаг. Вакцинираните лица имаат поретко потреба од интензивно лекување, а се намалува и бројот на смртни случаи.