Виктор Орбан и „корона–кампањата на смртта“ | Свет | DW | 10.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Виктор Орбан и „корона–кампањата на смртта“

Неизвесна е победата на унгарскиот премиер на изборите кои треба да се одржат следната година. Во моментов во тек е бизарна кампања на оцрнување на опозицијата. Двајца политиколози станаа жртвени јарци.

Се почна со еден лажен цитат: на почетокот на јануари медиумите блиски до власта го обвинија унгарскиот политиколог Петер Креко дека ја повикува опозицијата да шири кампања против вакцинацијата со цел повеќе луѓе да починат од коронавирусот. Потоа опозицијата вината за овие жртви би ја насочила кон премиерот Виктор Орбан, што би довело до пораз на изборите, тврдат медиумите.

Наводната изјава на Креко ја коментираше и самиот Орбан во едно интервју: „Злобата нема граници“, рече тој.

Но, Креко нема изјавено ништо такво. На крајот на декември, политикологот за бриселскиот магазин „Политико“, зборуваше за можните „политички последици“ за Орбан, ако тој и неговата влада премногу инсистираат на вакцинација, со не баш омилените вакцини - руската Спутник V и кинеската Синофарм, бидејќи тоа би влијаело негативно врз и онака слабата подготвеност за вакцинација кај населението.

Иако изјавата на Креко е недвосмислена, десничарскиот и расистички публицист Золт Бајер, близок до Орбан и еден од основачите на унгарската владејачка партија Фидес покрена онлајн петиција против политикологот и неговата наводна „кампања на смртта“. Политикологот и неговото семејство оттогаш добиваат бројни смртни закани. Медиумите блиски до Орбан објавија стотина текстови со клевети на сметка на Креко. За време на расправата во парламентот во Будимпешта во средата (07.04) еден од водечките политичари на Фидес повторно изнесе обвиненија против политикологот, иако веќе има две судски одлуки со кои е оценето дека обвинувањата на сметка на Креко се лажни. „Сето ова е многу вознемирувачки“, вели Креко за ДВ и додава: „Во меѓувреме речиси станав синоним за зло“.

Измислени обвиненија

Нападот на унгарскиот политоколог не само што е без преседан, туку исто така означува почеток на нова голема политичка офанзива против унгарската опозиција. Од почетокот на годинава Виктор Орбан, неговата влада, неговата партија и медиумите кои му се блиски неуморно ја обвинуваат опозициската партија дека води антиваксерска „кампања на смртта“

Повеќе:

-Орбановите војници на социјалните мрежи

-Унгарија: Синофарм и Спутник наместо ЕУ-вакцините

-Унгарската опозиција се обединува против Орбан

Но, таа кампања, како и наводната изјава на Креко не постојат. Шест главни опозициски партии кои формираа коалиција кон крајот на минатата година, постојано ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат. Тие додуша ја критикуваат употребата на кинеската и руската вакцина пред да бидат одобрени од ЕМА.

Одобрување на вакцините и покрај предупредувањето од експертите

Националниот институт за фармација и храна на Унгарија (ОГИЕИ) во јануари ја одобри употребата на Спутник V и Синофарм иако дел од експертите во институтот беа против руската вакцина со препорака да се почека одлуката на Европската агенција за лекови. Но нивните приговори беа отфрлени.

Унгарија исто така стана првата земја во ЕУ која ги употребува овие две вакцини. Додуша со европскиот закон за вонредни ситуации на националните земји им е дозволено да користат и вакцини кои се уште не се одобрени на европско ниво. Но, поголемиот дел од земјите сака да ја почека одлуката на ЕМА и избегнуваат да носат одлуки на своја рака.

Криза во владата поради Спутник V

Каква политичка криза може да предизвика вакцинацијата против корона покажуваат и примерите од Словачка и Чешка. Во Словачка премиерот Игор Матовиќ минатата недела поднесе оставка по спорот со коалицискиот партнер во врска со употребата на руската вакцина. Словачкиот државен институт за контрола на лекови (СУКЛ) во вторникот го одби барањето за одобрување на  Спутник V. Во Чешка пак во средата (07.04) е сменет министерот за здравство бидејќи се изјасни против употреба на руската вакцина пред таа да биде одобрена од ЕМА.

Иако унгарската опозиција има ист став како и поголемиот дел од земјите во ЕУ и иако не шири антиваксерска кампања, нападите врз нив во медиумите блиски до власта се жестоки. Речиси секојдневно паушално ги обвинуваат дека се предавници на татковината или непријатели на нацијата кои си „поигруваат со смртта и болката,“ како што пред неколку дена напиша весникот „Маѓар немзет“.

Гревот на опозицијата

Самиот Орбан се изразува помалку агресивно, но го кажува во суштина истото. Во неодамнешно интервју наводната кампања на опозицијата против вакцинирањето ја нарече „грев”, реторички запрашувајќи се дали опозициските политичари би можеле да си ја смират совеста ако умрат оние кои ги слушале и кои не сакале да се вакцинираат. “Такви владини кампањи се водат со години”, вели Петар Креко. „Унгарија притоа не е единствена во Европа во светот. Но, посебно е тоа што унгарскиот државен апарат се повеќе се политизира, како би можеле да се шират пораките на владата. Во такви размери тоа никаде го нема."

Забрането известување

Причините за актуелната капања се очигледни: реизборот на Орбан на пролет следна година според актуелните анкети е сериозно доведен во прашање. Голем број граѓани на Унгарија се уморни од Орбан, многу се незадоволни заради расипништвото и корупциските афери поврзани со него. Покрај тоа, кризниот менаџмент на унгарската влада за борба против пандемијата од изминатите месеци следи нејасен курс на попуштање и затегнување на мерките.

Унгарија во моментов е меѓу земјите со најголема смртност од коронавирусот во Европа. Во многу болници ситуацијата е драматична, а нема прецизни информации бидејќи владата на Орбан забрани независно новинарско известување од болниците и центрите за вакцинација. Заради тоа залудно протестираа и независните медиуми и Унгарското здружение на лекари.

„Разумен дискурс не е возможен“

Истовремено благодарение на владината кампања за вакцинација повеќе од четврт од населението веќе има примено прва доза од вакцината. На Орбан таквиот успех му е итно потребен за да може повторно да ја покрене економијата во земјата. Заради долгите ограничувања за време на пандемијата на Унгарија и се заканува економска криза чиј обем се уште не може да се претскаже.

Во потрага за виновниците политичарите на Фидес и медиумите блиски до власта пронајдоа уште еден познат политиколог, Атила Тибор Наѓ. Една негова изјава за можната предизборна стратегија на опозицијата беше толку искривоколчена што сега и тој стана еден од креаторите на “кампањата на смртта”. „Година дена пред кампањата атмосферата е се понапната", вели Наги за ДВ. „Разумен политички дискурс во Унгарија веќе не е можен. Тоа сега го доживувам на сопствена кожа."