Викиликс предизвика кавги во Атина за Договорот од Преспа | Северна Македонија | DW | 04.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Викиликс предизвика кавги во Атина за Договорот од Преспа

Грчките медиуми информираат за претстојните посети на Меркел, Столтенберг и Курц, но и за кавгите меѓу власта и опозицијата околу амбасадорската белешка објавена од Викиликс

Жестоки реакции меѓу власта и опозицијата во Грција предизвика белешката од американската амбасада во Скопје испратена од тогашната амбасадорка Џилијан Миловановиќ, која протече од Викиликс, а вчера на неа потсети грчкиот весник „Катимерини“. Во белешката стои дека Македонија била подготвена да го прифати името Република Северна Македонија уште во 2008, под услов да обезбеди признавање на македонскиот јазик и идентитет.
Како што пишува „Катимерини“, белешката во суштина открива дека преговорите на Македонија не претрпеле особено големи промени во последната деценија.

Griechenland Parlament Rede Kyriakos Mitsotakis ND (Reuters/A. Konstantinidis)

Мицотакис договорот од Преспа го смета за штетен по Грција

Мицотакис обвинува

Опозициската „Нова Демократија“ откритието од Викиликс го нарече „трагично“ и го искористи за да ги реафирамира ставовите против Договорот од Преспа. Лидерот на таа партија, Киријакос Мицотакис, издал соопштение во кое ги обвинува премиерот Алексис Ципрас и министрите за надворешни работи и за одбрана, Никос Коѕијас и Панос Каменос, дека штетниот Договор од Преспа сакаат да го претстават како успех.

„Денеска од Викиликс дознаваме дека Скопје уште од 2008. година барало нивната земја да се вика Северна Македонија, а нивните граѓани да се нарекуваат 'Македонци' кои наводно зборуваат 'македонски' јазик, што го потврдува она што го нагласувам сите овие месеци. Тоа е дека Ципрас, Каменос и Коѕијас како успех сакаа да го прикажат нивниот екстремно штетен договор за Грција, а кoj всушност со години ги задоволувал барањата на Скопје и бил отфрлан од сите претходни влади“, реагирал Мицотакис.

Притоа уште еднаш повторил дека Нова Демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа.
Во одговорот од Коѕијас на „монираните обвинувања“ од Мицотакис се вели дека е познато оти Груевски не сакал никакво решение за спорот за името.

„За да ги исмева меѓународните играчи, се претставувал дека е присилен на компромис. Никој не му верувал. Освен, ако се присетиме, господинот Мицотакис“, одговорил Коѕијас. Во реакцијата се додава и дека „фактот што 'Нова Демократија' сé уште ги прифаќа илузорните гаранции на Груевски, покажува дека таа оди заедно со човекот кој тврдел дека Александар Велики е скопјанец“.

Со реакција се јавила и владејачката СИРИЗА, оценувајќи дека „Мицотакис станал сосема предвидлив, особено сега, кога се распаднале неговите различни кобни сценарија во економската сфера“.

Angela Merkel PK mit Nikola Gruevski in Berlin (dapd)

Меркел ќе ја посети Македонија на Денот на независноста

Во Солун протест, во Скопје - Меркел!

Според дел од тамошните аналитичари, со ваквите вербални пресметки опозицијата се обидува да мобилизира граѓани за протестот против Договорот што ќе се одржи в сабота во Солун. Тој е закажан на денот кога грчкиот премиер Алексис Ципрас од Меѓународниот саем во Солун се очекува да упати јасна порака за поддршка на Договорот. Протестот го организираат невладини организации, а за Грците кои не живеат во Солун и за оние од дијаспората, ќе биде обезбеден организиран превоз.

Американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пjат, најавил дека САД ќе бидат почесен гостин на Солунскиот саем и дека Грција е посакуван партнер за соработка со земјите од Западен Балкан. Тој го поздравил Договорот и потенцирал дека „тој го ослободува економскиот потенцијал во регионот и го отвара патот за приклучување на земјите кон НАТО и ЕУ“.

Најавено е дека на саемот ќе се обрати и Кирјакос Мицотакис, кој, меѓу другото, ќе ја претстави и позицијата на Нова Демократија во однос на Договорот.

Истиот ден во Скопје, на Денот на македонската независност, доаѓа германската канцеларка Ангела Меркел. Претходно Македонија ќе биде домаќин и на други гости, а нивното доаѓање синоќа го најави премиерот Зоран Заев.

„Во среда вечер доаѓа Столтенберг, вторпат во шест месеци, во петок австрискиот канцелар Себастијан Курц, а во сабота германската канцеларка Ангела Меркел. Доаѓањето на тројцата светски државници е признание за Македонија и позитивен сигнал. Тие ни подаваат рака да одиме напред“, истакна премиерот од трибина во Берово.

Повеќе: 

Меркел во историска посета на Скопје

Мицкоски во превод: Јас сум возач, ама не смеам да возам!

Според него, и опозицијата е свесна дека ова е моментот за ЕУ и НАТО, момент кога сите треба да бидат обединети за европска Македонија. Премиерот потенцира и дека е убеден оти македонските граѓани ќе ја препознаат и нема да ја пропуштат историската шанса што ќе ја обезбеди иднината на државата и на следните генерации.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама