Виена како поука: македонска стратегија за реинтеграција | Северна Македонија | DW | 05.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Виена како поука: македонска стратегија за реинтеграција

За да успее процесот за дерадикализација, најважно е лицата да почувствуваат дека им е дадена шанса за интеграција, за работа, дека не се отфрлени од општеството.

Теорористичкиот напад во Виена, ги враќа во фокусот прашањата за превентивата и безбедноста во Северна Македонија. Интересот не е вивнат само поради фактот што лице со двојно државјанство (австриско и македонско) ја крена Австрија на нозе, туку и поради фактот што Северна Македонија е земја во која од 2016 година има над 80 повратници од боиштата во Сирија. Истовремено има недостиг на информации за бројката на радикализирани структури кои не заминале на боишта, но на домашен терен работат на регрутација на борци или планираат екстремистички активности. Досега за кривичното дело „Учество во странска војна, полиција, паравоени и параполициски формации“ беа обвинети или осудени 22 македонски државјани, од кои 16 уапсени во 2015 и во 2016 година во полициските акции „Ќелија 1 и 2“, а подоцна уште седуммина беа репатрирани.

Сепофатна стратегија

Во септември годинава, американскиот портал специјализиран за безбедносни прашања „Џаст секјурити” објави дека Северна Македонија, која според бројот на жители е една од најмалите членки на Глобалната антитетористичка коалиција, изработи сеопфатна стратегија за реинтеграција на околу 40 нејзини државјани, повеќето жени и деца, кои изминативе години беа во редовите на терористичката организација Исламска држава (ИД).

„Планот, кој е политички, финансиски и технички поддржан од меѓународната заедница, ги опфаќа и терористите кои наскоро треба да бидат ослободени од затвор. Оваа иницијатива на Северна Македонија може да стане модел и за другите западни земји“, оцени порталот. Во анализата се додава дека 83 од вкупно 156 македонски државјани кои престојувале на териториите во Ирак и Сирија под контрола на ИД, веќе се вратиле дома и безбедносните служби внимателно ги следат, па заканата од нив не е голема или е под контрола, барем во догледен рок.

Повеќе:

Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

Македонија- прва европска земја што прифатила повратници од Сирија

Ќелија: Голема акција или мал трансфер на терористи?

Македонија ги анализира заканите на џихадистите

Оценката се потврди уште на 31-ви август годинава, кога МВР спроведе акција извршувајќи претреси во Куманово и уапси три лица, кај кои била пронајдена воена опрема, оружје, елеци кои се користат за терористички акции на бомбаши самоубијци. Оваа тројка веќе била била во Сирија како дел од ИСИС, а по враќањето одлежале и 3 годишни затворски казни. Но, по излегувањето од затвор лани летото, почнале да планираат напади врз витални државни објекти. Најмладиот имал 22 години, најстариот 28, а во нивната ќелија биле регрутирани уште неколку лица под влијание на идеологијата на Исламска држава.  

Гледај видео 04:25

Исламската држава регрутира џихадисти крај Охридското езеро

Дерадикализација

Токму овој случај укажува на неопходноста од процесот на дерадикализација на овие лица за време на издржувањето на затворската казна, а особено по излегувањето од затвор. Северна Македонија има Национален комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, кој брои членови од 22 министерства и институции. Ова тело има подготвено национални стратегии и акциски план за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, кои се базираат на четири столба од Глобалната стратегија на ОН и Стратегијата на ЕУ за борба против тероризам.

Вавите чекори беа нотирани и од „Џаст секјурити“.

„Северна Македонија е меѓу првите земји што изработија национална рамка со мултидисциплинарен пристап за решавање на комплексот ризици и потреби што ги имаат повратниците. Планот е за пофалба од повеќе причини. Тој вклучува повеќе институции и чинители потребни за успех, имајќи ја предвид сложената динамика, како за повратниците, така и за општеството во кое повторно се вклопуваат. На пример, планот ги опишува улогите и одговорностите на различните национални институции, почнувајќи од разузнавачки агенции до здравствени власти кои можат да преземаат функции како што се утврдување дали има доволно докази за гонење на повратник, проценка на нивото на ризик што тој или таа го претставува, оценување на нивните здравствени потреби и слично. Од вака собраните информации потоа се утврдува какви механизми на гонење, советување, социјална поддршка или други услуги треба да бидат преземени“, се наведува во анализата.

Нема специфицирани програми

Но, проблем е што во законските решенија во моментов нема специфицирани програми за повратниците по излегување од затвор. Се работи на подготовка на индикатори преку кои би се следело нивото на радикалност, а се очекува клучна улога во овој процес да играат социјалните работници. Од Комитетот укажуваат дека ги подготвуваат општините за тоа како на локално ниво да се реинтегрираат повратниците и да се вклучат во општествениот живот. Голема улога ќе имаат Центрите за социјална работа, а по потреба ќе се вклучуваат и психолози, кои ќе креираат посебни мерки и услови за реинтеграција. Се планира индивидуален пристап за секој поединец-повратник, но вклучувањето во процесите на рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција е на доброволна основа. Според досегашните искуства, се чини дека затворската казна не може значително да влијае на менување на ставовите, но се прават напори и на тој план. Со проекти на Советот на Европа се работи на подобрување на условите во затворите и обука на вработените, особено обука за односот на затворските службеници кон осудениците.

Според социолози со кои разговараше ДВ, за да успее процесот на дерадикализација најважно е лицата да почувствуваат дека им е дадена шанса за интеграција, за работа, дека не се отфрлени од општеството. Тоа значи долга и макотрпна работа, преку разни механизми за ресоцијализирање, за промена на начинот на живеење и реедукација од верска гледна точка. Истото се однесува и за спречување на млади лица иднината да ја бараат во келии каде ќе ја почнат својата радикализација. Мора да се трага по мерки и решенија со кои ќе се спречи незадоволство од егзистенцијална ситуација (немање на професија и работа), да прерасне во желба да се најде некаква „друга цел“. Тоа е најчестата причина поради која млади луѓе стануваат заведени и го бараат својот професионален ангажман  и идентитет на најпогрешното место.