„Вештерки“ сѐ уште има | Свет | DW | 27.10.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„Вештерки“ сѐ уште има

И во Европа беше „нормално“ уште пред неколку века некои жени да се обвинат дека се вештерки. Тоа верување се’ уште постои во некои земји во Африка, покрај сите закони кои забрануваат прогон на таквите жени.

Во Бојанс, традиционално село на северот на Гана, се’ изгледа како Африка на разгледница. Прекрасен сончев ден, птиците пејат над полињата чии род е висок како речиси ѕидовите околу колибите. Но зад тие ѕидови е како пред неколку века. Бидејќи во еден од тие имоти се сместени жени кои се обвинети дека се вештерки.

Една од петте жени кои се сместени таму е и Вумби. Има 70-тина години и барем 20 години била селска бабица во селото Јанг. Така било, ни раскажува Вумби додека чисти кикирики, додека не ја повикале кај една жена која се пораѓала: „Кога стигнав таму, веќе се мачеше... И’ помогнав додека не излезе бебето, но тоа веќе беше мртво. Си отидов дома, но подоцна ме викнаа повторно бидејќи ни мајката не се чувствувала добро“, ни раскажува поранешната бабица. „Ја однесоа во болница, но умре.“

Во селската заедница смртта била сомнителна и имало се’ повеќе луѓе кои верувале дека токму Вумби и фрлила некави уроци на несреќната жена која умрела. Бабицата се обидела да ги увери во бесмисленоста на тие обвинувања: мртвороденчето и‘ било шесто дете на жената и сите останати деца токму таа и’ помогнала да ги донесе на свет. И на крајот, зошто некој би помислил дека некому би посакала да умре?

Исто како смртна казна

Но одлуката на селскиот совет била јасна: Вумби е вештерка и мора да си оди. Порано прогонството во дивина било исто како смртна казна бидејќи на таква жена никој не би и’ дал храна или засолниште. А ако некогаш се врати во своето село, ја чека друга казна: ќе биде каменувана.

И седумте деца на Вумби се очајни поради обвинувањата дека нивната мајка е вештерка. Азара Сулемана е загрижена за судбината на својата мајка и за местото каде што е сместена: „Таму никој не им подготвува храна. Проблем е и како воопшто ги перат своите алишта бидејќи се престари.“ Редовно ја посетува, но е бесна на селската заедница: уверена е дека нејзината мајка е неправдно осудена.

Гана е земја во која тоа суеверие е многу раширено, иако тамошната влада упорно се обидува да ја запре таа пракса. Минатата година е основана и комисија, составена од 7 лица кои заслужуваат доверба и кои посетија многу од тие „засолништа за вештерки“ на северот на земјата. Нивна задача е да се обидат да посредуваат меѓу селските заедници и тие „вештерки“ и потоа стотина жени сепак смееја да се вратат дома.

Враќање или само илузија?

Во тоа помага и невладината оранизација Еид Гана, но соработничката Алиа Мумуни сведочи дека има селски старешини кои упорно се противат на секое помирување и враќање на прогонетите „вештерки“. „Имаше случаи кога се противеа старците и селските старешини, но има и млади кои се противат на враќање на жените во нивните заедници.“ Всушност, и ако во преговорите е дозволено враќањето, тоа се’ уште не мора да значи успех, признава Алиа Мумуни: „Тоа е навистина тешка работа, бидејќи и ако ја вратите таа жена во нивната заедница, се’ уште не знаете што ќе се случи кога ќе си отидете од тоа село.“

По тоа прашање законски во денешна Гана е се’ јасно. Како што ни објаснува иследникот Адам Бани од ганската Комисија за човекови права и административно правосудство, таквото прогонство е казнено дело и дури е забрането со Уставот. „Нашиот Устав забранува прогонство. Имате право да живеете во која било заедница, зошто некој би имал право да ве протера?“ И ова државно тело учествува во работата на комисијата која се обидува да им овозможи на прогонетите жени да се вратат дома. Всушност на располагање им е и правосудството: особено тврдоглав селски старешина може да се најде пред суд и на крајот во затвор. „Мора да им биде јасно дека тие не се над законот“, ни вели главниот иследник на метрополата на северната област на Гана, Тамалеа. Но ќе потрае додека тие обичаи и верувања не исчезнат пред законот во таа земја.