Вечера кај Могерини: 2018 - клучна година за евроинтеграциите | Свет | DW | 18.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вечера кај Могерини: 2018 - клучна година за евроинтеграциите

На денешната работна вечера со шесте премиери, шефицата на дипломатијата на ЕУ треба да ги информира лидерите од Западен Балкан за чекорите кои го очекуваат регионот во наредната година на патот на евроинтеграциите.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини со овој состанок ја продолжува започнатата традиција на неформално собирање на лидерите од Западен Балкан во седиштето на Европската дипломатска служба во Брисел. Директна размена на мислења меѓу лидерите од Западен Балкан и консултации со ЕУ за тоа како подобро, побрзо и подалеку да се исчекори на европскиот пат и во регионот - сето тоа се теми кои Могерини сака да ги конкретизира пред самиот крај на 2017 година. Таа, на тој начин, останува доследна и на нејзината, повеќепати повторена, лична посветеност на регионот и на заложбата до крајот на нејзиниот мандат сите шест земји од Западниот Балкан да направат конкретен и неповратен напредок во приближувањето кон ЕУ.

Нејзиниот став за безрезервна поддршка на Западниот Балкан и проширувањето во 2017 година беше поддржан и од најзначајните институции и претставници на Унијата. Советот на ЕУ во март на регионот му порача дека „вратите на ЕУ остануваат отворени“ и вети поддршка на тој пат. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во својот говор за состојбата на Унијата исто така го издвои проширувањето кон Западен Балкан како една од важните теми за ЕУ во наредниот период.

Повеќе на темата:

-Јункер очекува проширување на ЕУ

-Могерини: ЕУ и Западниот Балкан се едно семејство

-Добри вести од Балканот за Европа

Тој најави и изработка на стратегија за успешно пристапување на Србија и на Црна Гора кон ЕУ до 2025 година, што е и прва конкретна временска одредница која Брисел му ја упатил на Западниот Балкан, кога станува збор за проширувањето. Се очекува и Могерини вечер во Брисел да ги потсети премиерите од регионот на сите позитивни пораки и посветеноста кои во текот на 2017 година ЕУ ги испрати во насока на Западниот Балкан и да ја нагласи потребата регионот со својата работа адекватно да одговори и да ја искористи јасно укажаната шанса.

Планови на ЕУ за Западен Балкан до 2025 година

Покрај прегледот на случувањата во годината што е зад нас, основна тема на разговорите на работната вечера на премиерите од Западен Балкан кај шефицата на дипломатијата на ЕУ ќе бидат чекорите кои го очекуваат регионот на патот на евроинтеграциите во 2018 година.

„Претстојната година ќе биде одлучувачка. Европската комисија изработува стратегија за веродостојна перспектива на проширувањето кон Западен Балкан, која ќе биде усвоена во февруари 2018 година. Во април ќе имаме редовен Пакет на проширување, каде ќе дадеме оценка за тоа каде се наоѓаат земјите и каде би требало да бидат кога станува збор за влезот во ЕУ. За тоа ќе расправаат и земјите членки на самитот во јуни. Во меѓувреме, ќе имаме и важен самит ЕУ-Западен Балкан во Софија“, наведе генералниот директор на Директоријатот на Еврокомисијата задолжен за соседството и проширувањето, Кристијан Данијелсон.  

Се очекува дека вечер Могерини ќе ги информира шесте премиери до каде се има стигнато во изработката на Стратегијата за проширување на Европската комисија. Во Брисел неофицијално се дознава дека Еврокомисијата во тој документ би требало да даде конкретни одредници за пристапувањето на Србија и на Црна Гора кон ЕУ. Во засега сѐ уште работните документи се наведува 2025 како година за можно пристапување на Србија кон ЕУ, под услов постигнување на договор за нормализација на односите со Косово до крајот на 2019 година и затворање на сите преговарачки поглавја до 2023 година. Неофицијално, Еврокомисијата во оваа стратегија предвидува кандидатски статус за БиХ до крајот на 2019 година и „залет во преговорите за членство“ на Албанија и на Македонија, доколку Турана ги спроведе петте реформски приоритети, а Скопје го реши проблемот со името со Грција. Во Брисел очекуваат дека оваа Стратегија ќе биде и „охрабрување“ и ќе „укаже на патот“ по кој земјите од Западен Балкан треба да продолжат со цел проближување и влез во ЕУ.

Регионалната соработка останува апсолутен приоритет

Во Брисел нагласуваат дека иако европските институции „напорно работат во рамките на политиката на проширување“, земјите од регионот мора да бидат тие кои ќе му дадат „основна сила и темпо“ на тој процес, работејќи на сопствените внатрешни рефморми, првенствено со цел ефикасно и независно правосудство, борба против организираниот криминал и корупција, функционалност на демократските институции и слобода на медиумите и изразувањето. Се очекува вечер Могерини уште еднаш да ги потсети лидерите од Западен Балкан дека реформите во областа на владеењето на правото, како и регионалната соработка, ќе останат апсолутно клучни за напредокот на сите земји од регионот на европскиот пат во наредната година. Иако во Европската служба за надворешни работи наведуваат дека на маргините на работната вечера во Брисел ќе има можност и за билатерални разговори, како на премиерите со Могерини така и на  премиерите меѓусебно, сепак се нагласува дека не е планиран одвоен состанок на српската и косовската страна во дијалогот за нормализација на меѓусебните односи.

DW.COM

Реклама