Ветувања за милијарди долари помош за Сирија | Свет | DW | 04.02.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ветувања за милијарди долари помош за Сирија

Повеќе земји-донатори ветија дека ќе одвојат милијарди долари помош за Сиријците жртви на граѓанската војна која беснее во нивната земја. Прекинати мировните преговори во Женева

По неуспехот на новата рунда мировни преговори во Женева, целта на конференцијата во Лондон е да им помогне на околу 6 милиони луѓе кои ги напуштија своите домови во Сирија и уште четири милиони кои си заминаа од државата.

Потсетувајќи на очајната ситуација на теренот во Сирија, турскиот премиер Ахмет Давутоглу на конференцијата изјави дека десетици илјади Сиријци веќе се движат кон неговата земја во обид да избегаат од новиот бран бомбардирање на градот Алепо.

„60 до 70 илјади луѓе од камповите во северно Алепо се движат кон Турција. Во моментов со умот не сум во Лондон, туку на границата- како да ги сместиме овие нови луѓе кои доаѓаат од Сирија?“, рече тој.

Турција е веќе домаќин на повеќе од 2,5 милиони сиријски бегалци. Јордан и Либан исто така прифатија милиони бегалци.

„Кога ќе го погледнам мојот народ во очи, и ќе ги видам потешкотиите со кои се соочуваат, морам да ви кажам дека ја достигнавме границата“, рече јорданскиот крал Абдула.

Агенциите на ОН апелираат за 7,7 милијарди долари помош за оваа година за да излезат на крај со вонредната состојба, додека земјите од регионот бараат дополнителни 1,2 милијарди.

Ко-домаќините на конференцијата Британија, Норвешка и Германија веќе најавија помош.

Британија вети дополнителни 1,2 милијарди фунти до 2020 година, со што нејзиното учество достигна 2,3 милијарди фунти. Норвешка вети 1,1 милијарди долари за следните четири години, додека Германија ќе одвои 2,3 милијарди евра заклучно со 2018 година.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск најави дека ЕУ годинава ќе обезбеди над 3 милијарди евра за помош на сириските бегалци и на земјите-соседи на Сирија. „Соседите на Сирија покажаа огромен напор во сместувањето на над 4,6 милиони бегалци. Бегалците немаат друг избор освен да бегаат од земјата. Сега, по толку години конфликт, луѓето загубија надеж. Ние имаме морална обврска да им ја вратиме надежта“, рече Туск.

Syrien Aleppo Zerstörung Bombardierung

Засилените напади врз Алепо од страна на сириската армија ги запреа мировните преговори во Женева

За европските држави, подобрувањето на хуманитарната состојба во Сирија и околните држави е клучно за намалување на мотивацијата на Сиријците да бегаат кон Европа, каде големиот бран бегалци веќе предизвикува големи потешкотии.

„Германската влада е убедена дека движењето на бегалците може да се запре преку борба со причините за нивното заминување. Лондон е голем чекор да постигнување на оваа цел“, рече германската канцеларка Ангела Меркел.

Во средата беа запрени преговорие на мировната конференција за Сирија во Женева, откако сириската армија поддржана од руски воздушни удари почна да напредува против позициите на бунтовниците во Алепо. По пристигнувањето на конференцијата во Лондон, американскиот државен секретар Џон Кери рече дека Русија има обврска да ги исполни своите заложби кон ОН, да дозволи влез на хуманитарна помош и да ги прекине нападите врз сириските цивили.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун изјави дека првите чекори на мировните преговори биле минирани од недостатокот на хуманитарен пристап и од ненадејното засилување на воздушните напади и воените активности на терен.

Реклама