1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле - човек што ја сакаше слободата

Александер Кудашеф / превод: ЕМФ19 март 2016

Гидо Вестервеле ги доведе либералите до невидени височини, но и до најдлабоката криза во нивната историја. Главниот уредник на ДВ Александер Кудашеф оценува: Вестервеле останува политичар кој се осмелуваше на многу нешта

https://p.dw.com/p/1IGHC
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Hanschke

Гидо Вестервеле беше еден од најуспешните либерали во повоеното време. И, еден од најнесреќните. Тој ја одведе ФДП во неверојатни височини и беше одговорен за нивниот длабок пад на последните сојузни избори. Тој се залагаше за политички либерализам, кој и лично го живееше, кому му беше важно само едно: слободата. Слободата на граѓанинот и слободата на општеството. Тој покажа како се прави тоа со своето декларирање како хомосексуалец, што за еден политичар сѐ уште се смета за храбар чекор во јавноста.

Оратор кој влеваше страв

Гидо Вестервеле исто така и поларизираше. Тој, кој во личните односи знаеше да биде слободен, великодушен, отворен и посветен, важеше за ладнокрвен неолиберал. За тоа придонесуваше и неговата брилијантна и остра реторика. Ретко кој можеше подобро, поударно, попоентирачки да говори од него. Затоа тој влеваше страв и беше почитуван. Но, не беше омилен. Противниците го толкуваа неговите остри говори во Бундестагот и во изборните кампањи како ароганција. Притоа, тој често само беше надмоќен.

Alexander Kudascheff DW Chefredakteur Kommentar Bild
Александер Кудашеф, главен уредник на ДВФотографија: DW/M. Müller

Негов најблескав момент: изборите за Бундестагот во 2009 година. Тој ја доведе својата партија, ФДП, до неверојатни речиси 15% освоени гласови. ФДП немаше постигнато таков резулат од 1949 година. Се чинеше дека либералите се на пат да станат повеќе од само партија која е неопходна за да се состави мнозинство во парламентот. Вестервеле ги доби изборите со едно ветување: ќе биде спроведена даночна реформа, праведен, едноставен, фер и разбирлив даночен систем за граѓаните. Во неделите на коалициони преговори меѓутоа Вестервеле попушти и се откажа од тоа и дури и гласаше за намалување на данокот на додадена вредност за хотелски преноќевања. Тоа беше непоправлива политичка грешка. А, тој се согласи пред сѐ за да стане министер за надворешни работи.

Животен сон - министер за надворешни работи

Тоа беше неговиот животен сон: министер за надворешни работи на Германија. По стапките на Ханс-Дитрих Геншер, кој владееше 18 години и беше и до денес е водечка фигура во ФДП. Но, на функцијата шеф на дипломатијата Вестервеле преземаше несреќни потези. Дури и разумните одлуки, како на пример да не се учествува во воено бомбардирање на Либија, се претвораа во политичка катастрофа. По две години и редица тешки изборни порази на либералите на покраинските избори, тој се откажа од лидерската функција во партијата, но остана министер за надворешни работи. Но, веќе не ѝ даде никаков личен печат на функцијата. Политичката кариера му заврши по катастрофалниот пораз на сојузните избори во 2013 година, кога ФДП првпат не успеа да го помине изборниот праг од пет проценти. Тоа беше лично дно за Вестервеле. Тој беше обвинет дека е одговорен за страшниот пораз на партијата. Оттогаш беше во политичка пензија. Тука го погоди леукемијата, против која се бореше, но попусто.

Вестервеле беше политичар со извонредни способности. Беше сјаен оратор, човек кој се залагаше за слобода и така и живееше, неконвенционално, храбро. Човек кој сакаше да е во центарот на вниманието и кој тешко страдаше поради критиката од медиумите. Зад неговите често остри и самоуверени настапи се криеше чувствителен карактер. Тој останува политичар кој се осмелуваше на многу нешта, политичар кој успеа да ја покрене целата република. И, човек кој на либералите им покажа дека во Германија е можно и она што претходно се чинело незамисливо.