Вердер го презеде водството од Баерн во Бундеслигата | Теми | DW | 17.10.2005
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Теми

Вердер го презеде водството од Баерн во Бундеслигата

Во формула 1 Рено шампион и во конкуренција на конструктори. Парис ал Султан светски првак во триатлон.

По 9-тото коло во Бундеслигата смена на врвот - Вердер е нов лидер на табелата. Во Бремен огномет од голови и победа на домаќинот против Нирнберг со 6 спрема 2. Од шесте голови 5 се дело на незадржливиот тандем КК - Мирослав Клозе постигна три, Иван Класниќ два гола. Клозе изби на чело на листата на голгетерите со 10 голови, колку што има и Халил Алтинтоп од Кајзерслаутерн, Класниќ го дели третото и четвртото место со Смоларек од Борусија Дортмунд.

Баерн остана непоразен во дербито на колото на гостувањето кај Шалке во Гелзенкирхен, но може да жали по испуштената победа и со право да го критикува судијата Михаел Вајнер, кој инаку го носи знакот на ФИФА. Две негови спорни решенија во последните минути од доигрувањето на надоместот за изгубеното време имаа битно значење: прво досуди спорен пенал од кој Шалке преку Ларсен изедначи и спаси бод, а потоа за обичен фаул го исклучи играчот на Баерн Мартин Демикелис. Инаку, Баерн поведе уште во 19-тата минута преку Роке Санта Круз, но и на овој гол му претходеше офсајд-позиција. „Натпреварот беше каков што го очекувавме. Баерн можеше да го реши уште во првото полувреме, а во вториот дел се ограничи само на контранапади. Тогаш ние, сметам, заслужено изедначивме, така што нерешениот резултат во една ваква игра е прифатлив, иако во краен биланс за нас е премалку“ – рече голманот Франк Рост, кој го одигра јубилејниот, 100-ти натпревар за Шалке. Тимот од Гелзенкирхен останува едниствен непоразен во новото првенство, а бодот за Баерн е прв по серијата од пет последовни порази на гостувањето кај Шалке.

Серијата настапи без порази кај Хамбургер застана на бројката од 19, а ја прекина Волфсбург и тоа среде Хамбург. Потешки последици од самиот пораз веројатно ќе имаат казните што им се закануваат на неколкумина играчи поради неспортското однесување веднаш по завршувањето на средбата, кога ги нападнаа гостинските фудбалери и нивниот тренер Холгер Фах: холандскиот интернационалец Рафаел ван дер Ваарт доби црвен картон уште на теренот, а неговиот сонародник Буларуз, како и Демел посебно се истакнаа во мешаницата.

Вердер на врвот има 22 бода, исто толку и Баерн на второ место, а третопласираниот Хамбургер има 20 бодови. Шалке е на четврто место со 17. Борусија Менхенгладбах остана непоразена на гостувањето во Штутгарт, каде домаќинот спаси бод со израмнување на 1 спрема 1 во финишот. Борусија сега е петта со 15 бодови, колку што има и Волфсбург. Херта Берлин, која е седмопласирана со 14 бодови, прикажа многу слаба партија на гостувањето во Билефелд, каде е совладана од Арминија со 3 спрема 0.

Борусија Дортмунд ја предводи групата од три екипи со по 11 бодови, во која се и Штутграт и Баер Леверкузен. На гостувањето во Кајзерслаутерн тимот од Дортмунд одигра нерешено 3 спрема 3, а куриозитет е дека сите голови ги постигнаа двајца играчи: Алтинтоп сите три за Кајзаерслаутерн, Смоларек за Борусија. Неуспешен старт на Михаел Скибе како нов тренер на Баер Леверкузен: тој имаше само зборови на остра критика на сметка на своите играчи по поразот во Мајнц со 3 спрема 1.

Хановер од Келн се врати како победник и скокна на 11-тото место со 10 бодови. Во првото полувреме Келн играше без репрезентативецот Лукас Подолски, кој влезе во игра дури во вториот дел. И веднаш со негова асистенција Келн поведе во 47-та минута преку Штрајт. Но, веќе во наредната минута уследи израмнување, а во наредните осум минути уште два гола на гостите и целосен пресврт. Точка стави Брдариќ во 70-тата минута со својот втор гол на средбата, а четврти за Хановер. Стадионот во Келн и овој пат беше целосно распродаден.

Келн по четвртиот последовен пораз сега падна на 13-тата позиција на табелата, зад Арминија – обете екипи имаат по 9 бодови. Кајзерслаутерн е 14-ти со осум, Мајнц, за кого настапува македонскиот интернационалец Николче Новески, е петнаесетти со 7 бодови, колку што има и Ајнтрахт Франкфурт, во кој играат Васоски и Николов. Во дербито на дното Ајнтрахт како гостин го совлада Дуизбург со 1 спрема 0. Дуизбург сега е претпоследен со 6 бодови, колку што има и последнопласираниот Нирнберг.

Рено првак и меѓу конструкторите во Ф1

Во последната трка од годинашното светско првенство во автомобилизам формула еден за Големата награда на Кина, на патеката кај Шангај тимот на Рено ја обезбеди и титулата во конкуренција на конструктори. Фернандо Алонзо, кој веќе порано стана светски првак меѓу возачите, сега со сигурната победа, возејќи на челна позиција од почетокот до крајот на трката, му ја донесе и втората титула на својот тим Рено во оваа сезона - кај конструкторите. Кими Рајконен од Мекларен Мерцедес беше втор, но неговиот колега Монтоја не стигна до целта и не обезбеди ни бод, па нивниот тим не можеше да ги надомести двата бода предност на Рено уште од пред трката во Шангај.

Германец – светски првак во триатлон

Германскиот претставник Парис ал Султан прв мина низ целта на првенството триатлон што традиционално се одржува на Хаваи, откако претходно исплива 3,8 километри, возеше 180 километри со велосипед и истрча класична маратонска трка на патека од 42 километра и 195 метри. 27-годишниот спортист од Минхен е трет Германец кој стана светски пвак во триатлон, по Томас Хајлригел во 1997-ма и Норман Штадлер минатата година. „Совладував милја по милја. Проблем беше што задолжените луѓе на пунктовите за освежување уште спиеја кога јас проаѓав и добив премалку храна“ - се пожали новиот светски првак во извонредно тешкото натпреварување. Парис ал Султан ги остави зад себе Камерон Браун од Нов Зеланд и Американецот Питер Рид, инаку трикратен победник во оваа спортска дисциплина.

Германските мечувалци се враќаат на патот на старата слава

На светското првенство во дисциплината меч во екипна конкуренција Германците го освоија сребрениот медал, откако во финалето беа поразени од олимпискиот првак Франција. „Среброто само по себе е голем успех. Но, ќе помине уште многу време додека да го забележам тоа“ – рече Јерг Фидлер, член на екипата. „Во финалето ја имавме за противник најдобрата екипа на светот. Веќе тоа беше силно остварување“- оцени тренерот Валтер Штегмилер

Инаку, претходно, и Ања Милер освои сребрен медал во дисциплината флорет поединечно на првенството што се одржа во Лајпциг.

Кифер го загуби финалето во Москва, но учествува на Мастерсот

Во финалето на тенискиот турнир во Москва Николас Кифер загуби од домашниот претставник Игор Андреев со 2 спрема 1 во сетови. Но, тој обезбеди учество на Мастерс-турнирот, што започнува денеска во Мадрид. Покрај Кифер, на Мастерсот ќе учествува уште еден германски тенисер – Томи Хаас.

Зоран Јордановски