Венецуела: Одмерување на силите на границата | Свет | DW | 23.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Венецуела: Одмерување на силите на границата

Многумина зборуваат за одлучувачки ден во борбата за власт во Венецуела: опозицијата сака да ја внесе помошта во земјата, а владата делумно ја затвори границата. Се зголемува загриженоста од можно насилство.

Во судирот околу помошта за Венецуелците, опозицијата планира ризична акција. Таа го повика народот денеска да го придружува камионот со речиси 200 тони помош од Колумбија до внатрешноста на Венецуела. Кога товарот ќе стигне на границата, ќе дојде до одлучувачко одмерување на силите. Ќе дозволи ли венецуелската армија внесување на храната и лековите или ќе дојде до судир?

Владата во Каракас соопшти дека нема да дозволи внесување на помошта, зашто таа била само изговор за американска инвазија. Освен тоа, владата издаде и наредба за делумно затворање на границата кон Колумбија. Привремената мерка важи за три гранични премини во венецуелската сојузна држава Тачира, напиша вицепретседателката Делси Родригез на Твитер. Причина за ваквата одлука, како што наведува таа, биле „тешките и илегални закани“ од страна на колумбиската влада за мирот и суверенитетот на Венецуела.

Повеќе: 

Венецуела затвора и други граници

Во Венецуела нема лекови

Хуан Гуаидо за ДВ: „Владата на Мадуро нема иднина“

Гуаидо: Ја имам поддршката на армијата

Границата кон Колумбија вчера ја помина самопрогласениот преоден претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо. Тој изненадувачки присуствуваше на хуманитарниот концерт „Venezuela Aid Live“ во колумбискиот пограничен град Кукута. „Многумина се прашуваат како стигнавме во Колумбија кога воздушниот простор е затворен, поморскиот сообраќај е прекинат, а патиштата се блокирани. Ние сме овде, затоа што армијата ни помогна. Тоа е вистината“, изјави Гуаидо пред магацинот со помош во придружба на колумбискиот претседател Иван Дуке, чилеанскиот претседател Себастијан Пињера и парагвјаскиот претседател Марио Абдо.

Kolumbien | Juan Guaido auf Konzert an der Grenze zu Venezuela (Getty Images/AFP/L. Robayo)

Гуаидо на концертот во Кукута

Посетата на Гуаидо беше отворена провокација за неговиот противник Николас Мадуро. Имено, поради истражна постапка која е во тек, Гуаидо воопшто не смееше да ја напушта земјата.

Ескалација на границата со Бразил

Големи количества помош за Венецуела има и на карипскиот остров Курасао и во Бразил, но Мадуро нареди затворање на границата кон овие соседи. Според медиумски извештаи, на границата со Бразил се распоредени војници и тенкови.

Колку е експлозивна ситуацијата на граничните рпемини се покажа вчера. Венецуелската опозиција јави за судири помеѓу војниците и припадниците на индигениот народ Пемон во пограничниот регион со Бразил. Притоа биле убиени двајца припадници на народот Пемон, а повредени биле повеќе од десетмина, напиша опозицискиот пратеник Америко де Грација на Твитер.

Unruhe nahe Venezuelas Grenze zu Brasilien (Reuters/R. Moraes)

Тензии на венецуелско-бразилската граница

САД предупредуваат од насилство

САД ја предупредија венецуелската армија да не употребува насилство. Кршењето на човековите права нема да остане „неказнето“, се вели во соопштението на Белата куќа. Армијата на Венецуела се потсетува на нејзината уставна задача за заштита на народот и од нејзе се бара пропуштање на хуманитарната помош во земјата. „Светот гледа“, се вели на крајот на соопштението.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика страните да не применуваат насилство. Русија и Кина предупредуваат дека треба да се почитува волјата на социјалистичката влада во Каракас. За разлика од САД, Германија и многу други европски земји, овие две земји не ја признаа преодната влада на Гуаидо.

DW.COM

Реклама