Венецуела: Кој е всушност Хуан Гуаидо? | Свет | DW | 25.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Венецуела: Кој е всушност Хуан Гуаидо?

До неодамна политички беше речиси непознат. На почетокот од јануари исплива од редовите на опозицијата на чело на парламентот. Сега Гуаидо го предизвикува претседателот Мадуро како никој до сега.

Никој досега не го предизвикал толку директно автократскиот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, како што тоа го стору Хуан Гуаидо во средата. На митинг во Каракас тој се прогласи за преоден претседател на земјата. До 4 јануари ништо не навестуваше дека овој 35-годишен економист е способен за еден ваков чекор. На тој ден демократски избраниот парламент го избра за свој претседател.

Гуаидо е член на опозициската партија „Волунтад популар“ (ВП), која беше основана во 2009 година на чело со харизматичниот Леополдо Лопез. Тој долго време важеше за лицето на опозицијата во Венецуела, иако по крвавите масовни протести од 2014., на кои имаше и загинати, поголем дел од времето е во затвор или во домашен притвор. Оваа партија освои 14 пратенички места. И иако таа е член на социјалистичката интернационала, и Лопез и Гуаидо важат за политичари на центарот.

Повеќе:Криза во Венецуела: клучните играчи и институции 

Од позадина исплива на површина

Покрај Лопез и Хуан Гуаидо е основач на партијата ВП. Својата политичка кариера ја започнал како лидер на студентите на католичкиот универзитет „Андрес Бело“ во Каракас. На последните парламентарни избори, на 6. декември 2015 година, опозицијата освои мнозинство во парламентот. Гуаидо беше избран за пратеник.

Тоа што на 5 јануари Хуан Гуаидо беше избран на позицијата е чиста случајност, вели Хектор Брисено, социолог од Венецуела кој работи на Универзитетот во Росток. „Во хиерархијата на неговата партија има високорангирани личности кои во моментот не се подготвени да ја преземат таа функција.“

Партискиот шеф Леополдо Лопез е во домашен притвор. Фреди Гевара, поранешниот вицепретседател на парламентот, на почетокот на ноември избега во егзил во Чиле, откако режимот на Мадуро кој го контролира Врховниот суд, му го одзема имунитетот и меѓу другото го обвини за отворена агитација. И Карлос Векио, поранешен политички координатор на партијата, се реши за егзил, откако беше обвинет за смртни случаи за време на масовните демонстрации.

Медијатор на поделената опозиција?

Ваквото крварење на опозициски партии му го отвори патот на Гуаидо до претседателското место во парламентот. Но, Гуаидо има и лидерски квалитети, вели социологот Брисено за ДВ: „Тој не важи за доминантна фигура и поради тоа може да игра улога на медијатор. Тој е прагматичен и решителен, може да ги спои различните струи во опозицијата." Покрај тоа, неговата младост ги поттикна надежите кај граѓанското општетство.

Постоењето на различните струи е токму тоа што со години ја правеше опозицијата слаба да му се спротивстави на режимот на поранешниот претседател Хуго Чавез, а сега и на неговиот наследник Мадуро. Победата на опозицискиот сојуз МУД на парламентарните избори во 2015 година беше врвот, но и тој не можеше да скова единствен полтички субјект од конгломератот од социјалисти, либерали и конзервативни партии.

Venezuela Proteste in Caracas (picture-alliance/dpa//R. Hernandez)

На 23 јануари имаше протести во цела Венецуела - животот го загубија четири лица

Без војската на негова страна е ризичен обид

„2018 беше катастрофална година за опозицијата. Беше година кога опозицискиот сојуз МУД се поларизираше", вели за ДВ чилеанскиот политиколог Фернандо Мирес, кој е пензиониран професор на универзитетот Олденбург. Мирес неодреденоста во првиот говор на Гуаидо како претседател на парламентот ја објаснува со желбата да им се угоди на сите раскарани опозициски партии за никој да не застане против него. „И одеднаш Гуаидо се одлучи за авантуристичкиот потфат - да се прогласи за преоден претседател", зачудено констатира Мирес.

Повеќе: Борба за власта во Каракас

На 23 јануари, вели Мирес, станало јасно за кое опозициско крило се одлучил Гуаидо, имено за порадикалните.

„Со тоа што се прогласи за преоден претседател попушти под притисокот на неговата партија, која бара бескомпромисен однос кон Мадуро, како и на Вашингтон, од каде Гуаидо веднаш беше признаен како легитимен претседател на Венецуела уште пред да даде заклетва."

Политикологот стравува од ескалација на ситуацијата: „Никој не знае што сега може да се случи. Ако Гуаидо располага со контакти со војската и може да смета на тоа дека делови од венецуелската војска би можеле да го поддржат, тогаш неговиот потег е исправен. Во спротивно е неодговорно, бидејќи може да предизвика бран на насилство во Венецуела.“

DW.COM

Реклама