Венецуела во потрага по загубените петродолари | Економија | DW | 26.11.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Венецуела во потрага по загубените петродолари

Во Венецуела литар вода чини десет пати повеќе од литар бензин. Но времињата на економски чуда на државата членка на ОПЕК се минато. Падот на цената на нафтата ја принудува земјата на реформи.

„Цената на нафтата би можела да предизвика повеќе промени отколку парламентарните избори наредната година“, оценува во разговор за ДВ венецуелскиот експерт по економија Даниел Лопез од Каракас. „Ако цената падне на 60 американски долари и таму се задржи, тогаш тоа ќе се одрази на социјалните програми овде, кои ќе треба да се намалат.“

Падот на цената на нафтата го погаѓа во срж „социјализмот на 21. век“. Зашто во моделот воведен во 1998 година од страна на поранешниот венецуелски претседател Хуго Чавез, голема улога играат подржавувањето, контролата на цените и прераспределбата. Дури и Светската банка признава дека социјалните програми, наречени „мисионес“, придонесле за намалување на сиромаштијата на населението од околу 50 проценти во 1998 година на 30 проценти во 2012 година.

Многу боливари, малку девизи

Сега се поставува прашањето колку Каракас ќе може да си дозволи финансирање на овие социјални програми. Според наводи на Светска банка и на Меѓународниот монетарен фонд, буџетскиот дефицит на Венецуела во меѓувреме изнесува над 15 проценти од брутодомашниот производ, инфлацијата во 2014 година ја надмина границата од 60 проценти, а економијата годинава би требало да забележи пад од дури 3 проценти.

Venezuela Geld Währung Banknoten Bolivares

Со боливарите може да се купи малку

Според проценки на венецуелскиот институт за економски истражувања „Екоаналитика“, токму земјата со најголеми нафтени резерви во светот на меѓународните авиокомпании, автомобилски концерни, фармацевтски концерни и производители на прехранбени намирници им должи двоцифрено изразени милијарди. Причина за високите долгови се бегството на капитал и недостатокот на девизи.

„Венецуелското стопанство е особено многу изложено на лабилноста на цените на меѓународниот пазар, затоа што продажбата на нафта сочинува 96 проценти од извозот на земјата“, се вели во анализата на Светска банка. „Со приходите од извоз на нафта се финансира половина од државниот буџет.“

Увоз на нафта и покрај оргомните резерви

И тоа не е се‘. Се намалува и црпењето нафта. Државниот концерн ПДВСА нема доволно пари ни за инвестиции во постројките за црпење нафта, ниту за да гради нови модерни рафинерии за преработка на суровата нафта. Според пишувањето на весникот „Ел Универзал“ од Каракас, Венецуела во октомври, првпат во својата историја, увезла сурова нафта од Алжир.

Venezuela Präsident Nicolas Maduro

Претседателот Николас Мадуро потпиша повеќе декрети, меѓу кои и воведување дополнителен данок на луксузна стока, алкохол и цигари

Со оглед на тоа што владата мора да ги компензира приходите од нафтениот бизнис кои постојано се намалуваат, експертите сметаат дека последица ќе биде не само намалување на социјалната заштита, туку и повисоки даноци и цени на бензинот. На 18 ноември претседателот Николас Мадуро потпиша повеќе декрети, меѓу кои и воведување дополнителен данок на луксузна стока, алкохол и цигари.

Според наводи на Светска банка, литар бензин во Венецуела чини околу два цента (0,02 долари, н.з.). „Нашиот бензин е за бадијала! Планот е цената да се зголеми на 4 центи, односно да се субвенционира само транспортот, а не целото производство како досега“, вели економистот Лопез и заклучува: „Тоа би требало да се случи и тоа набргу.“

Надеж за зделки во САД

Владата на Венецуела, според медиумски извештаи, прави напори и за продажба на американската фирма-ќерка на државниот концерн за минерални масла ПДВСА, за на тој начин да се дојде до итно неопходните девизи. Најголемата фирма-ќерка Цитго во САД располага со мрежа од околу 6.000 бензински станици и три рафинерии.

Venezuela Währung Bolívar Fuerte

Секоја година нешто нема - млеко, путер, сапун...

И покрај заострената економска криза во Венецуела, економистот Лопез исклучува можност за банкрот, како во случајот со Аргентина. „Нема да дојдеме до банкрот. Пари има!“, сигурен е Лопез. На почетокот на месецов Венецуела доби кредит од кинеската влада во висина од четири милијарди долари. Меѓународните резерви, според претпоставките, изнесуваат 23,5 милијарди долари.

Лопез во меѓувреме е навикнат на апсурдите во економското чудо - Венецуела. „Секоја година нешто нема. Во 2006 година немаше млеко, денес нема тоалетна хартија, путер и сапун“, вели тој. „Валутата е секој ден се‘ послаба. Со нашите боливари (валутата на Венецуела, н.з.) не можеме да купиме ништо.“ Горчливиот заклучок на Лопез гласи: „Нашата економија е фантазија.“

Реклама