По корона-планот на Џонсон: Британците резервираат патувања „како побудалени“ | Економија | DW | 23.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

По корона-планот на Џонсон: Британците резервираат патувања „како побудалени“

По најавеното разлабавување на мерките во Велика Британија, туристичките оператори и авиокомпаниите бележат огромен интерес за патувања.

Британците како одвај да чекаа објавување на план за разлабување на мерките за сузбивање на пандемијата. Непосредно по вчерашното објавување на планот за отворање, во Велика Британија е забележан скок на резервациите на летови за 337% во споредба со претходната недела, додека пак скокот на резервациите за одмор изнесува дури 630%, соопшти денеска авиокомпанијата Изиџет. Се резервирале патувања до туристички цели како Малага, Аликанте и Палма во Шпанија, Фаро во Португалија, како и цели во Грција.

И најголемиот светски туроператор ТУИ забележа зголемување на резервациите преку ноќ и тоа за цели 500%. Шефот на ТУИ, Фриц Јусен, неодамна предвиде бум на патувањата ова лето. На лондонската берза денеска акциите на концернот ТУИ, како и на британско-шпанскиот концерн за авиосообраќај ИАГ, пораснаа за 6%, додека акциите на Изиџет пораснаа за повеќе од 9%.

Гледај видео 02:18

Среде пандемија: Мадрид – магнет за туристи

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера претстави план на отворање на земјата во четири чекори. Според тој план, од крајот на јуни не би имало речиси никакви корона-рестрикции доколку тоа го дозволува состојбата со пандемијата. Велика Британија е земја која е најмногу погодена од пандемијата во Европа, но е и најдалеку во однос на процесот на вакцинација на населението.

Министерот за здравство Мет Хенкок нагласи дека ефикасноста на вакцините против новите варијанти на коронавирус ќе игра голема улога при давањето дозвола за меѓународни патувања.

Повеќе:

Ковид-19: Расте бројот на британски деца со поствирално заболување

Откриени комбинирани мутации на коронавирус во Велика Британија

Какви се симптомите на британскиот сој на коронавирусот

Шефот на Изиџет, Јохан Лундгрен, соопшти дека обраќањето на британскиот премиер Борис Џонсон вчера „им ја даде итно неопходната доверба на многу муштерии во Велика Британија“. Шефот на британската ТУИ, Ендру Флинтам, пак, на британската влада и' понуди заеднички да биде развиена „рамка за ризици“, за туристите ова лето да може да отпатуваат во странство. „Луѓето може да се радуваат на заслужена пауза по една многу тешка година“, рече Флинтам.

Во моментов во Велика Британија има забрана за патување до најголемиот дел од целите и таа важи до 17. мај. За 12 април владата закажа нова проценка на ситуацијата. Авиокомпаниите и туристичките оператори се надеваат дека тогаш ќе отпадне обврската за десетдневен карантин по враќање во земјата. Освен тоа, дел од земјите треба да ја укинат забраната за влез на граѓани од Велика Британија, како Франција и Шпанија, кои воведоа забрани веројатно од страв од британската мутација на коронавирусот.

Гледај видео 03:18

Зимски туризам во Банско и покрај короната