Вевчанскиот карневал – огледало на животот во 2016 година | Македонија | DW | 13.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вевчанскиот карневал – огледало на животот во 2016 година

Вевчанскиот карневал, со стаж од над 1400 години, го слави доаѓањето на Новата година по Јулијанскиот календар.

Карневалот е спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Со архаичноста, таинственоста и уникатните маски тој се одвојува од останатите во светот.

Вевчани од утрово се претвори во своевиден театар без граници. Прво учесниците зад кулисите ги облекуваа и обликуваа маските, далеку од очите на јавноста, смислени и правени со недели пред тоа. Од тој миг секоја куќа и улица стана сцена, а маскираните ги изведуваа своите замислени сценарија како вистински актери.

Под ведрото небо, стотици вевчанци и љубопитни гости од Охрид, Струга, Македонија и од странство на дефилето кое траеше скоро два часа се воодушевуваа на маските кои и овојпат беа лика и прилика на состојбите во Македонија и светот. Низ призмата на сатирата и хуморот сѐ што беше важно на оригинален начин беше допрено од василичарите. Вевчаници речиси никому не останаа должни

. Почнувајќи со традиционалните маски невестата, зетот и глупавиот  Август. Од локалните теми, како кражбата на сефот од вевчанската Пошта, преку маските сврзани со парламентарните избори и препукувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ  и СДСМ, сѐ до Рамковниот договор, Шарената револуција и гатачката на поранешниот премиер Никола Груевски. 

Василичарите по обичај од попладнево до утре напладне ќе ја посетат секоја вевчанска куќа, ќе наздрават за здравје и бериќет и потоа традиционално ќе ги запалат маските за од Вевчани да избегаат злите сили и духови.

Маските со помош на технологијата ќе го „прошетаат“ светот и ќе ја пренесат магијата на карневалот и посебниот дух на вевчанци. Локалната власт карневалот го гледа како промоција и шанса за развој на економијата, туризмот и културата.

DW.COM

Реклама