Вашингтон пост објави текст на Кашоги | Свет | DW | 18.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Вашингтон пост објави текст на Кашоги

Повеќе од две недели по исчезнувањето на саудискиот новинар, критичар на режимот, американскиот весник објави прилог од Џамал Кашоги. Во него тој ја критикува ситуацијата со слободата на печатот во арапските држави.

Весникот „Вашингтон пост“ ја објави новата колумна на саудискиот новинар во која Џамал Кашоги предупредува дека на владите во земјите на Балискиот Исток им е дадена целосна слобода да продолжат со замолкнување на медиумите во сѐ поголеми размери.

Весникот текстот го објави синоќа, 16 дена откако Кашоги е виден последен пат, како влегува во саудискиот конзулат во Истанбул, каде дошол по документите, кои му биле потребни за веридба. Турските власти тврдат дека Кашоги е убиен во конзулатот, а Ријад го негира тоа.

Колумната е објавена неколку часа откако турскиот весник Јени Сафак извести дека претставници на Саудиска Арабија најнапред му ги отсекле прстите на Кашоги, а потоа му ја отсекле главата во конзулатот, додека неговата свршеница чекала пред зградата.

Уредничката на рубриката Глобални мислења на весникот „Вашингтон пост“ во предговорот за колумната наведува дека текстот го добила од преведувачот на Кашоги еден ден по неговото исчезнување.

Саудискиот новинар започна да пишува за оваа рубрика во септември 2017 година, а во колумните честа цел на неговата критика беа саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман, насоката во која се движи Саудиска Арабија и нејзините конкретни потези.

Во колумната „Слобода на говорот е она што најмногу му треба на арапскиот свет“, Кашоги го споменува апсењето на познатиот писател кој говореше против саудиските власти и преземањето на контролата врз еден весник од страна на египетските власти. 

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој првобитно остро настапуваше кон Саудијците поради исчезнувањето на новинарот, а потоа значително го ублажи ставот, синоќа истакна дека ги побарал од Турција сите аудио и видео снимки за наводното убиство на Кашоги „доколку постојат“.

Трамп претходно истакна дека меѓународната заедница прерано заклучила дека Ријад стои зад исчезнувањето на Кашоги. 59-годишниот новинар минатата година живееше во САД, поради страв да не биде уапсен во татковината.