Вашингтон не е само Доналд Трамп | Свет | DW | 05.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Вашингтон не е само Доналд Трамп

Долго нерешените проблеми на НАТО никако да се решат. На настанот по повод 70-годишнината на НАТО во САД, трансатлантската алијанса конечно ја доби потврдата дека Вашингтон во поширока смисла и натаму стои зад неа.

Вообичаената отворена критика од страна на администрацијата на Трамп беше повторно присутна, овојпат во изведба на потпретседателот Мајк Пенс, кој рече дека европските земји, особено Германија, би требало да одвојуваат повеќе пари за одбраната. Потоа следуваше вообичаената реакција од европските земји, особено од Германија, дека веќе започнале да го прават тоа и дека ќе продолжат и во иднина. И исто така „висеше“ и вообичаеното, иако најчесто неизговорено прашање, колку Америка и натаму ќе се ангажира и ќе го поддржува НАТО. Во таа смисла, средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Вашингтон по повод 70-годишнината од Алијансата потсетуваше на претходните од ерата на Трамп.

Да не беше поканата за генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, да се обрати на заедничка средба на Конгресот и неговите забелешки кои наидоа на силен аплауз од страна на американските пратеници од двете партии, 70-годишнината на Алијансата ќе поминеше како блед настан обележан главно од незаузданите барања на Белата куќа за повеќе пари.

US Präsident Trump und NATO Generalsekretär Stoltenberg (Reuters/J. Roberts)

Јенс Столтенберг и Доналд Трамп во Вашингтон

Поддршка надвор од претседателскиот кабинет

Наместо тоа, можеби и наспроти очекувањата, собирот на НАТО во Вашингтон успеа да заврши со позитивна нота, вели Даглас Лут, поранешниот американски амбасадор во НАТО во времето на Барак Обама.
„Мислам дека пораката која излегува од САД за светот е потврда“, оценува тој. „Надвор од кабинетот, во неговата администрација, но уште поважно - во Конгресот има силна посветеност и непроменлива поддршка за НАТО и се цени вредноста на Алијансата. По повеќе години, кога ќе погледнеме назад на оваа годишнина, тоа ќе биде главната порака."

Потпретседателот Мајк Пенс имаше говор на конференцијата #NATOEngages и таму ја повтори силната критика на Доналд Трамп за Германија, додека државниот секретар Мајк Помпео како домаќин избра малку помек тон и не се осврна посебно на Германија во своите забелешки.

Повеќе:

НАТО уште не е зрел за пензија

Роденден на НАТО: Не баш пријателски штимунг

Работниот состанок на министрите за време на годишнината беше без поголеми настани, што со оглед на актуелните прашања во Алијансата, би можело да се нарече успех. „Начинот на кој што беше примен говорот на генералниот секретар на НАТО во Конгресот покажа сила двопартиска поддршка за американското учество во НАТО и за Алијансата“, вели Али Вајн, аналитичар во корпорацијата Ранд. Вајн додава дека иако не противречи на реториката на Претседателот, администрацијата фактички во пракса, ако не на збор, ја поддржува НАТО алијансата и го зголеми военото присуство во Источна Европа. Тоа не значи дека прашањата за поделба на трошоците, улогата на Турција во иднина и долгорочната посветеност на САД и Европа на Алијансата ќе бидат решени во скоро време или дека наскоро ќе исчезнат.

USA, Washington: Mike Pence - NATO - Atlantischer Rat (picture-alliance/AP/C. Owen)

Мајк Пенс побара Германија да издвои повеќе пари

Повторна потврда и потсетување

Не може разумно да се очекува разрешување на таквите проблеми на една средба. „Мислам дека министрите за надворешни работи ќе го напуштат Вашингтон неделава со потврда за постоечката поддршка за Алијансата и посветеноста на Америка на неа“, уверен е Лут.

„Пораката во САД, интерно, е повеќе потсетување за вредностите на Алијансата дека оваа трансатлантска релација е двонасочна улица и дека НАТО е во интерес на Европа, но еднакво витално значење има и за националните интереси на Америка."

Сепак, старите нерешени прашања за иднината на Алијансата секако ќе се појават повторно, вели Вајн. А, дотогаш сите вклучени страни може само да уживаат во кратката пауза благодарение на настанот по повод 70-годишнината. „Мислам дека ќе имаме краткорочен ефект од грижите за американскиот ангажман и учество во НАТО" предвидува Вајн.

DW.COM

Реклама