1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вацлав Клаус обвинет за велепредавство

ЕМФ/дпа/бета4 март 2013

Чешкиот Сенат подигна обвинение против претседателот на земјата на заминување Вацлав Клаус за велепредавство.

https://p.dw.com/p/17qCI
Фотографија: DW

За Вацлав Клаус да биде обвинет гласаа 38 сенатори во Прага, додека против беа 30-мина. Неолибералот Вацлав Клаус (фото) е обвинет дека со новогодишната амнестија на затвореници ги пречекорил своите овластувања. Со амнестијата се прекинуваат судењата на некои од најголемите затајувачи на данок и измамници меѓу чешките тајкуни.

Предлогот Клаус да биде изведен пред суд за велепредавство, кое според чешките закони за разлика од предавство на таковината може да го стори само шеф на држава, го поднесе група од 28 сенатори, претежно од редовите на опозиционата левица. „Се работи за тоа да биде заштитен уставниот поредок“, објасни социјалдемократот Јиржи Динстбир јуниор во име на подносителите на барањето.

Сега обвинението за велепредавство против Клаус треба да го проверат судиите на Уставниот суд во Брно.

Можна највисока казна за Клаус би била одземање на функцијата. Но, чешкиот претседател и онака заминува од функцијата. Во петок (08.03) треба да биде инаугуриран неговиот наследник Милош Земан. Доколку биде осуден за велепредавство, 71-годишниот Клаус е соочен со закана да му биде одземено правото на пензија.