1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Aufstand im Warschauer Ghetto
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Историја

Варшавското гето- станица на патот кон гасните комори

Моника Ширацка
2 октомври 2020

Пред 80 години нацистите во Варшава го формираа најголемото гето за Евреите во окупирана Европа. Низ него минале стотици илјади луѓе од кои повеќето подоцна биле убиени во концентрационите логори.

https://p.dw.com/p/3jM9O

На втори октомври 1940 година гувернерот на Варшава Лудвиг Фишер потпиша наредба за изолација на „еврејската четврт“ во окупираниот главен град на Полска. Наскоро живата метропола со најголема еврејска заедница во предвоена Европа го доби најголемото гето на европскиот континент.
Есента 1939 година кога германската армија ја нападна Полска, во таа земја живееја 3,5 милиони Евреи, десет проценти од целото население. Окупаторите им го одзедоа имотот и ги протераа во 400 гета.
Во Варшава, на 16 ноември 1940, Еврејскиот кварт беше ограден со ѕид висок три ипол метри и бодликава жица. На Евреите кои без пропусница ќе се најдеа надвор од гетото им се закануваше смртна казна.
Иако околу 280,000 варшавски Евреи сочинуваа една третина од населението на градот, за гетото биле предвидени само 2,4 од неговата површина. По присилните преселби од други делови на Полска, тука повремено престојувале и 450,000 луѓе на само четири квадратни километри.

Ausstellung Untergrundarchiv Warschauer Ghetto Emanuel Ringelblum
Благодарение на еврејскиот историчар Емануел Рингелблум денеска постојат сеопфатни извештаи за секојдневието во Варшавското гетоФотографија: picture-alliance/dpa/Museum Judengasse

Глад и смрт- туристичка атракција

„Живот во гетото, тоа се пред се страшно многу луѓе на мал простор. Хигиенските услови беа фатални. Се ширеа ТБЦ и тифус. Секое утро пред вратите лежеа лешеви“, раскажуваше литературниот критичар Марсел Рајх- Раницки (1920-2013) кој го преживеа Варшавското гето.
За германските окупатори Еврејскиот кварт бил туристичка атракција. Нацистичката организација „Сила низ радост“ (Kraft durch Freude - KfD) нудела посети на гетото со автобус.
„На гробиштата постојано доаѓаа различни групи излетници (војници, цивили), повеќето од нив не покажуваа никакви чувства кон Евреите. Особено внимание привлекуваше амбарот во кој преку ден беа фрлани десетици лешеви. Денес бев таму, тоа е морбидно“, забележа на 20.6.1941 година Емануел Рингелблум. Лешевите изгледале „како костури“.
Најчеста причина за смртта било глад. Според германската уредба, жителите на гетото добивале по 184 калории дневно, нормата за Полјаците била- 634, а за Германците- 2,310 калории.
Благодарение на еврејскиот историчар Рингелблум денеска постојат сеопфатни извештаи за секојдневието во Варшавското гето. Неговиот извештај, во меѓувреме, спаѓа во светското документарно наследство на УНЕСКО.

Aufstand im Warschauer Ghetto
Заробени борци по задушувањето на востанието во ВаршаваФотографија: picture-alliance/dpa

Масовни депортации и ликвидација

За нацистите, гетата биле привремени станици за Евреите на пат до логорите на смртта. Откако во јануари 1942 на Конференцијата на езерото Ванзе е донесена одлука за „конечно решавање на еврејското прашање“, нацистите започнуваат со ликвидација на гетото, односно испраќање на неговите жители во гасни комори. Околу 300,000 Евреи од Варшава се депортирани во текот на седум недели, од јули 1942, во 80 километри оддалечениот логор Треблинка. Таму се убиени.
Во гетото останале 35,000 мнозинството млади мажи кои наводно работеле за германски фирми. Уште 25,000 жители на гетото се криеле. Се повеќе тие се одлучувале на отпор- подобро во смрт со борба одошто во гасна комора. 

Аушвиц: Заедничкото сеќавање поврзува

Востанието

Кога на 19 март 1943 во гетото вмарширале колони на припадници на СС единиците за да ги депортираат преостанатите жители на гетото, биле изненадени. Никој не очекувал дека Евреите можат да пружат отпор.
„Еврејските востаници пукаат врз тенковите и возилата и фрлаат Молотови коктели врз нив. По половина час нашите единици се разбиени и деморализирани“, забележал лидерот на СС групата Јирген Штроп.
Околу 750 борци вооружени со пиштоли и гранати се бореле против 2,000 тешко вооружени војници, полицајци и СС трупи. 
Еден од лидерите на востанието, 23-годишниот Мордехај Аниелевиц, неколку дена пред смртта ќе запише: „Она што го доживеавме не може да се опише со зборови: Двапати ги принудивме Германците на бегство од гетото. Мојот животен сон во секој случај се оствари: гетото само се брани“.
Но востаниците на крајот немале шанси. Кога на 16 јуни 1943 е разорена Големата синагога, Штроп пишува: „Во Варшава веќе не постои Еврејска четврт“.

Warschau Kniefall Willy Brandt 1970
Поклонувањето на Вили Брант, 7.12.1970Фотографија: Imago/Sven Simon

Вили Брант на колена

На востанието во гетото и на убиството на 90 отсто од полските Евреи, вниманието на јавноста повторно го сврте тогашниот германски канцелар Вили Брант кога во декември 1970 година клекна пред споменикот на јунаците на Варшавското гето. Тој гест беше протолкуван како израз на понизност и како симбол на политиката на Брант кон Истокот, насочена кон дијалог со комунистичките влади.
Но, во полските медиуми за тоа немаше ни збори- со исклучок на еден мал еврејски весник кој објави куса вест. Гестот на Брент, имено, потсетуваше дека Холокаустот во најголем дел се случуваше на територијата на окупирана Полска- а официјалната политика на комунистичката влада беше тоа да се премолчува.
„Во јавните расправи се говореше за злосторства над Полјаците, а не над Евреите“, вели полскиот историчар Мариуш Јастрзаб од Музејот на историјата на полските Евреи во Варшава. Воопшто не се споменувало дека половината од шесте милиони полски жртви биле Евреи.
„На комунистичката влада и недостасуваше легитимност и така тие секогаш говореа за полското мачеништво“.
Денес, полската влада сака да ги прикаже полско-еврејските односи како „приказна за толеранција“ и во прв план ги става само полските херои кои и покрај заканата од смрт им помагале на Евреите. Јастрзаб предупредува на опасноста од еднострани разубавување на историјата.
Следејќи група ученици и туристи, тој е сепак горд што во меѓувреме секој кој минува низ просторот на поранешното гето во најстрогиот дел на Варшава, има можност да се запознае со тоа мрачно поглавје во историјата на овој град. Покрај споменикот на хероите на востанието има графит и спомен-плоча. Некогашната граница на гетото е одбележана на тротоарот. Тоа порано било незамисливо.

Polen Skulptur The Warsaw Ghetto Uprising in Warschau
Споменикот на хероите од Варшавското гетоФотографија: picture-alliance/NurPhoto/J. Arriens
Прескокни го блокот Поврзани теми

Поврзани теми

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Апасиев, лидер на Левица

Колку многу агенти

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница