Вархеји: „Зелено светло“ за преговорите со ЕУ до крајот на годинава | Северна Македонија | DW | 20.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Вархеји: „Зелено светло“ за преговорите со ЕУ до крајот на годинава

Еврокомесарот за проширување рече дека бугарскиот европратеник Андреј Ковaчев му е таен помошник и ќе продолжи да работи со него за да се надмине блокадата.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји очекува до крајот на годинава година „зелено светло“ за преговорите со С.Македонија и Албанија.

„Се сретнав со лидерите на двете земји и врз таа основа би требало да најдеме решение и да го убедиме Советот да даде зелено светло уште оваа година“, изјави вчера Вархеји. Тој вчера го презентираше извештајот за напредокот  на Северна Македонија, во Европскиот парламент во Стразбур за сите шест земји од Западен Балкан.

Во извешајот се нотира дека Северна Македонија  продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување во ЕУ и властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати, иако реформскиот напредок во многу области се оценува како умерен. Еврокомисијата упати и критика за блокадата за почеток на преговори за државата. 

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека бугарскиот европратеник Андреј Ковaчев му е таен помошник и ќе продолжи да работи со него во обид да се надмине блокадата на Македонија за почнување на пристапните преговори со ЕУ.

„Тоа се разбира значи дека работам со европратениците затоа што можат да бидат од помош во пренесувањето пораки помеѓу политичките чинители и се надевам дека пренесувањето на овие пораки ќе помогне да дојдеме до решение“, рече Вархеји. 

Според него, Албанија и С. Македонија не треба да се двојат на патот кон ЕУ, со што ја коригираше изјавата дадена во мај годинава во интервју за „Евроњус“ кога рече дека ако не се реши проблемот со Бугарија, ќе треба да се разгледува опцијата Албанија да се одвои од Северна Македонија во процесот.

„Двете земји ги исполнија сите критериуми и услови за отворање на првата Меѓувладина конференција и затоа треба да работиме заедно, како што реков, во Комисијата за надворешни работи, големо мнозинство земји членки не сакаат одвојување, така што сакаме да најдеме решение“, изјави еврокомесарот за проширување, кој вчера одговараше на прашања на европратениците од Комитетот за надворешни работи по објавувањето на извештајот на ЕК. 

Извештајот е реален

„Извештаите на ЕК за напредокот на Македонија се реални, во делот на судство има голем напредок, уважени се напорите за активноста на Судскиот совет, има пофалби за Академија на судии, има повеќе елементи дека се спроведуваат реформите“, оцени Бојан Маричиќ, министер за правда во Студио 10 на ТВ24.

Според него, земјата се движи во вистинската насока. „Имаме средна оценка, умерено подготвен. Јавниот сервис не е чепнат затоа што има премногу критични околности. Се продолжија случаите на СЈО, има многу работи кои се направија за овие 4 години кои нѐ придвижија од 'заробена држава'. Не треба да заборавиме дека година и пол се занимаваме со ублажување на Ковид-последиците. Реален е извештајот, факт е дека е добро што опозицијата е во Собранието“, вели Маричиќ.