1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Deutschland Wanderung durch die herbstlich bunten Weinberge der Mosel bei Winningen und Lay
Фотографија: Jogi/Eibner-Pressefoto/picture alliance

Реките и приказните, дамнешни и денешни - Мозел и Вардар

Кица Колбе
6 септември 2021

За да може да се пласира виното надвор од Македонија, треба да се создадат најдобрите земјоделски и стопански услови за производство на квалитетно вино. Пишува Кица Колбе

https://www.dw.com/mk/%D0%B2%D0%B0%D1%80%D0%B4%D0%B0%D1%80-%D0%BC%D0%BE%D0%B7%D0%B5%D0%BB-%D1%80%D0%B5%D0%BA%D0%B0-%D0%B3%D0%B5%D1%80%D0%BC%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D1%83%D0%BC%D0%BD%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D0%BB%D1%83%D0%BC%D0%BD%D0%B8/a-59094944

Повторно мојата понеделничка колумна ја пишувам во хотелот што е сместен во некогашната куќа на позната винарска фамилија, изградена во осумнаесеттиот век, само неколку метри од брегот на реката Мозел, во најубавиот предел во југозападна Германија, богат со длабоки шуми и бескрајни лозја. Помеѓу куќата и реката има само тесна улица со стара калдрма. Си ги замислувам променадите по таа калдрма во времето кога била изградена старата куќа со прекрасното душеме и ѕидовите дебели еден метар. Восхитувачки се двокрилните прозорци, со неколку квадратни окна, оградени од белобојадисани рамки. Наспроти староста на зданието, апартманите се уредени во модерен, минималистички стил. Човек се чувствува како да стигнал дома по долго патување, иако од Келн во регионот Мозел се стигнува за два-три часа, зависно од сообраќајот. Со мажот ми пак се повлековме овде на неколку дена, за да ги исползуваме последните сончеви денови од крајот на летото.

Припадност на реката

Погледот врз големата река Мозел, која под заодните сончеви зраци блеска со илјадници кристали и проблесоци, пак, ненадејно разбуди во мене стари, одамна заборавени слики на реки. Сонувани, доживеани, па заборавени. Одамна не сум помислила на сонот кој едно време се повторуваше неколкупати, во кој стоев на прозорецот на голема река што тече тивко и спокојно. Слично на оваа моќна, но толку блага река Мозел. И како тогаш во сонот, кога во себе си реков дека сум конечно дома, и сега ми се чини при секој поглед врз реката дека овде препознавам нешто роднинско. Секако, многу ги сакам реките!

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Кица КолбеФотографија: Privat

Мојот сон за куќата крај големата река отсекогаш го поврзувам со нашето семејно бегалско наследено паметење. Куќата на дедо ми во селото Овчарани во Егејска Македонија, таа каде што татко ми живееше до шестнаесеттата година, се‘ дури Граѓанската војна не го изгони од неа засекогаш, уште стои празна крај патот. Со поглед од прозорците од кои одамна никој повеќе не погледнува врз исушеното корито на некогашната голема река. Таа течела пред куќата на дедо ми кога таму се родил татко ми. Кога од прозорците врз тивката река гледала баба ми. Чие име го добив јас, првата внука родена по нејзината трагична смрт на патот на бегството. Можеби затоа толку ги сакам реките, затоа што знам дека и таа ги љубела, а останала мртва во снегот крај една замрзната река.

И еве, вторпат, крај Мозел, реката во Германија, се разбудува во мене исконско чувство на припадност на реката. И на животот крај неа. Нешто длабоко роднинско ме поздравува од лозјата на брегот на реката. Којзнае, можеби татко ми раскажуваше дека тие дома имале лозје, а јас тоа сум го заборавила? Се прашувам дали како дете сум ги видела ваквите непрегледни лозја и некаде во Македонија? Гледав ли слични лозја и по течението на Вардар, кога со родителите патувавме за празникот Први Мај со преполнетиот шинобус за Велес? Ги паметам само шумите од расцутени јорговани крај пругата која делумно поминуваше крај Вардар, но не и лозјата во Македонија. И, сепак, при секоја средба со предели со бескрајни лозја како, на пример, оние во чудесно благите долини во Тоскана, од тој видик постојано ми проговорува во душата нешто многу познато, одамна видено, најверојатно во детството во Македонија.

(Не)остварлива желба

Гратчето Велен (Wehlen) на брегот на Мозел е познато по прочуениот „Веленски сончев часовник“ (Wehlener Sonneuhr) кој се наоѓа на спротивниот брег на реката, среде лозјата. Изграден е во една голема карпа среде лозјата како подарок од еден од најпознатите винари во мозелската област, Јодокус Прим (Jodocus Prüm), чии наследници во неколку генерации уште произведуваат вино во гратчево. Куќата на еден од наследниците е само стотина метри подалеку во улицава.

Додека ги гледам лозјата на високите брегови отспротива, кои се отсликуваат во зеленикавата површина на реката како во огромно огледало, се прашувам кога и во македонските градови кои се наоѓаат по текот на големите реки, особено оние крај брегот на Вардар, како Велес, ќе биде откриен туризмот кој со децении успешно се практикува во регионот Мозел? За тоа би требало само со државна стратегија да се ревитализираат напуштените села, но и квартовите во градовите што се наоѓаат во лозарските подрачја. Зошто ваквата желба ми се чини неостварлива во Македонија? А има толку стари куќи кои пропаѓаат во Велес! Тие би можеле да се обноват и да станат туристички апартмани за луѓето од Балканот и пошироко.

Тајна формула за успех

Секако, за тоа е потребно државата да го поттикнува лозарството. Неодамна прочитав дека за подобрување на лозарството и винарството и во Македонија треба да почнат да се применуваат и светските стандарди во одгледувањето на грозјето. Како во многу други области во Македонија, проблемот и во оваа област е непрофесионалноста, неконсеквентноста на патот на кој може да се постигне најдобриот квалитет. Гледајќи ги лозјата на брегот од реката Мозел, кои се чинат како да се некои волшебни висечки градини, исцртани небаре со линијар и шестар во ридот, со тага сознавам дека и во мозелската област и во Македонија лозарството и винарството имаат подеднакво долга историја.

Други колумни од авторката:

Бегалците отсекогаш и насекаде ги сместуваат во предградијата

Кога антиваксерите се споредуваат со Евреите

Црниците во далечните скопски лета

Римјаните, особено Цезар, при своето освојување на Галија, го поттикнал лозарството во подрачјето на Мозел. Реката Мозел тече во три држави - Германија, Франција и Луксембург. И во сите нив подеднакво цути лозарството и производството на вина од светско реноме. И во Македонија лозарството и винарството постоело во времето кога таа била римска провинција. Тоа несомнено било силно развиено и во времето на средниот век, во Византија. И, сепак, мозелските вина ги знае и посакува целиот свет, а најскапото вино од Македонија, „Т‘га за Југ“, може да се купи во Германија за нецели пет евра. Неуспешниот пласман на вината од Македонија се должи и на фактот што таа уште им е непозната како туристичка цел на најголемиот број граѓани од ЕУ. А за да може да се пласира виното надвор од Македонија, треба да се создадат најдобрите земјоделски и стопански услови за производство на квалитетно вино.

Доколку македонската држава еден ден направи глобална визија за развојот на своето стопанство, таа на младите луѓе ќе може да им понуди помош да произведуваат еколошки квалитетно вино, дополнето со современи форми на индивидуален туризам. Такви се овдешните „био-лозари”. Големите винари овде, крај реката Мозел, им нудат на туристите апартмани за кус или подолг одмор.

Mazedonien Preise Vergleich
Фотографија: DW/K. Delimitov

Како и подрачјето на Мозел, и Македонија има многу археолошки локалитети, стари средновековни цркви, стара живописна архитектура. Тоа што е неопходно во Македонија за таа да стане исто толку привлечна за лозарите, како што е долината на Мозел, не е само креативната фантазија, туку и силната желба да се востанови нешто што има долга традиција и во Македонија. Така еден ден и македонските вина би станале познати во ЕУ како што се оние од регионот Мозел. Двете реки, Мозел и Вардар, паметат приказни за големите лозари и винари кои со векови ја пишувале историјата на својата фасцинација за виното во почвата која уште е способна и во Македонија да раѓа највисок квалитет. Тајната формула за тоа е иста и во Македонија и во Германија: силна желба и истрајност. И многу работа!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница