За да работиш, треба да си вакциниран: Какви правила важат во која земја? | Економија | DW | 07.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

За да работиш, треба да си вакциниран: Какви правила важат во која земја?

Од молчење до задолжителна вакцинација – од земја до земја има разлики во третманот на вработените кои не сакаат да се вакцинираат. Работите стојат вака:

Прашањето е просто, а на различни места во светот се третира сосема различно -  како можеме да се вратиме на работните места без притоа тие да станат расадник за коронавирусот. По една и пол година со задолжително носење маски, прегради од плексиглас, маркирано растојание на подовите, расте надежта дека со вакцинацијата овие работи во иднина ќе се избегнат. Но, за тоа барем делумно да може да функционира треба речиси сите вработени на едно место да бидат вакцинирани. Некои земји веќе воведуваат обврска за задолжителна вакцинација во одредени сектори и поради тоа се предмет на остра критика.

Германија: Сензитивно прашање

Во Германија дебатата во моментов повеќе се води во насока на тоа дали компаниите воопшто смеат да бараат информација од вработените дали се вакцинирани. Здруженијата на работодавачи аргументираат дека на тој начин работните места може да се направат побезбедни.

Министерот за труд и социјала, Хубертус Хајл од СПД, традиционално е на страната на работниците и наведува задршки од аспект на правната држава. Во Германија работодавачите генерално немаат право да бараат од вработените информации во врска со нивната здравствена состојба. На иста страна е и министерката за правда Кристина Ламберт, исто така од СПД, која вели дека може да има само одредени исклучоци од ова правило „во кои се работи за ситуации на посебна загрозеност“. За такви специјални случаи, како на пример, работни места во болници или затвори, според Хајл, Министерството за здравство може да развие „прагматични решенија“.

Но, тоа барем до изборите закажани за крајот на септември, се чини неверојатно, бидејќи владиниот кабинет тукушто донесе нова верзија на Законот за заштита од инфекции.

Symbolbild Homeoffice

Во Германија дебатата во моментов повеќе се води во насока на тоа дали компаниите воопшто смеат да бараат информација од вработените дали се вакцинирани

Како се справуваат други земји

И во Данска работодавачите се соочуваат со сличен проблем. Нивниот закон предвидува само мал број исклучоци во кои смее да се побара информација за здравствената состојба на вработените. Но, оваа скандинавска земја е чекор понапред – поради високата стапка на вакцинирани, во моментов 72%, оваа земја на 10 септември ги укина сите корона-мерки и вонредната состојба.

Во Нов Зеланд вработените исто така не мора да споделуваат такви информации. Некаде лицата кои одбиваат да дадат информација за вакцинирањето се изедначувани со невакцинирани лица и не смеат да ги извршуваат сите работни задачи.

Во Ирска вакви податоци може да се споделат само во специјални случаи, како на пример доколку лицата работат во здравство. Во Шпанија и Велика Британија дозволено е да се одговара на вакви прашања, но таму важат посебни правила за заштита на лични податоци.

Повеќе:

Не си вакциниран? Тогаш нема плата!

Грција ќе им даде втора шанса на невакцинираните медицински лица

Треба ли вакцинираните да имаат повеќе права од невакцинираните?

Обврска за вакцинација во некои држави

Велика Британија истовремено донесе и делумна обврска за задолжителна вакцинација: од есенва во старечките и домовите за нега дозволен е влез само за вакцинирани лица. Тоа не важи само за тамошниот персонал, туку, на пример, и за мајстори кои доаѓаат однадвор. Дополнително на ова се појавија и првите британски компании кои инсистираат нивните вработени да бидат вакцинирани. Особено далекусежна обврска за вакцинација има во САД, каде што компаниите можат да им наметнат на вработените обврска да се вакцинираат. Таа можност досега ја искористија многу големи компании, како технолошките концерни Гугл и Фејсбук, како и железничката компанија АмТрак и ланецот за брза храна Мекдоналдс. Дојче Бан таквото правило во нејзиното седиште во САД во Њујорк планира да го прошири и за нивните доставувачи и клиенти.

Berlin | Grippe | Impfung

Од есенва во старечките и домовите за нега во Велика Британија е дозволен влез само за вакцинирани лица

Делумно задолжителна вакцинација има и во други сојузни држави, како на пример Њујорк, каде што сите негуватели мора да се вакцинираат, додека во Калифорнија тоа важи за наставниот кадар. Припадниците на одредени професии на многу места во светот се обврзани на вакцинација, како на пример во Австралија, Кенија, Саудиска Арабија и Фиџи. Во Полска тоа важи за високоризични групи, во Туркменистан - за полнолетното население. Од аспект на заштита на вработените интересна е регулативата во Казахстан – таму е задолжителна вакцинација или алтернативно тест на неделна основа за сите кои работат во групи од минимум 20 лица. Во рускиот главен град Москва има казни и за компаниите за да се обезбеди до средината на јули минимум 60% од вработените да примиле барем по една доза. Истото важи и за вработените во јавниот сектор чија работа подразбира многу контакти со луѓе.

Франција: Протест и заштита на податоци

Во Франција, слично како и во Грција постојано има протести против задолжителната вакцина на припадници на одредени професии. Ако до 15 септември сѐ уште не се целосно вакцинирани, вработените во француското здравство ќе мора да заминат на неплатен одмор додека не ја исполнат таа обврска. Веќе од оваа недела има и друго правило за останати професии кои имаат контакт со други лица: вработени во ресторани и хотели, кина и јавен превоз мора да имаат важечки „санитарен пасош“ односно француската верзија на дигиталниоит ковид пасош признаен во ЕУ. И тука се закануваат парични казни за работодавачите кои на тој начин треба да се примораат да вршат контроли.

Без важечки бар код за вакцинација и на вработените во овие сектори им се заканува неплатен принуден одмор. Но, де факто ова не е обврска за вакцинација, а нивниот вакцинален статус останува лична работа, бидејќи бар кодот може да се добие и со негативен тест, а во апликацијата со која работодавачите го контролираат бар кодот не можат да видат дали лицето е вакцинирано, неодамна прележано или тестирано.

DW.COM