Германија ќе го зголемува производството на вакцини | Информации и анализи за Германија | DW | 02.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Германија ќе го зголемува производството на вакцини

Германија за неколку месеци се претвори во една од централните земји за производство на вакцини против коронавирусот. Новата Бионтек-фабрика во Марбург е само почеток.

BG Corona-November in Deutschland | Spahn besucht Impfstoffhersteller IDT Biologika

ИДТ Биологика во Десау

Производството на вакцини, меѓу другото, почнува со соли, масти и шеќер. Но, преработката на овие супстанции во т.н. биореактори нема врска со она што ни е познато од пекарниците. Во новата фабрика на Бионтек во Марбург од почеток на процесот до готов производ се прават околу 50.000 работни чекори. Деновиве од фабриката излегуваат првите производи, кои прво заминуваат на полнење во белгискиот град Пурс. Потоа готовите дози се распоредуваат и по завршната контрола би требало да се инјектираат од крајот на април.

Со 250 милиони дози по квартал само од Марбург, Бионтек има намера да ја забрза светската вакцинација против коронавирус. Новата фабрика е најголемата, но не и единствената мерка, со која треба да се зголеми продукцијата на вакцини.

„Германија за неколку месеци се разви во земја која е пример за производство на вакцини против Ковид-19 во светот“, вели Ролф Хемке, портпарол на Сојузот на истражувачки производители на лекови (ВФА). Германските фабрики, меѓутоа, се упатени на тоа други чекори во процесот да се завршуваат во други европски фабрики.

Повеќе: Ковид-вакцини: Јојо со АстраЗенека и некои позитивни новости

Нови производители

„Во наредните месеци ќе има уште низа фирми. Тогаш ќе се собираат плодовите од работата од изминатите месеци“, вели Хемке за ДВ.

На пример, би требало да се приклучат партнери кои би можеле да ги полнат дозите со вакцината на Бионтек. Покрај фирмата Бакстер во Хале, тоа би требало да се прави и во Алергофарма во Рајнбек и Зигфрид во Хамелн, „Полнењето секогаш звучи тривијално, но не е толку банално. Зашто ако супстанцијата се полни на погрешен начин, таа не е ефикасна“, вели Хемке.

До крајот на јуни дозвола би требало да добие уште една вакцина развиена во Германија. Компанијата од Тибинген, Кјурвек(CureVac), е со намера да произведе повеќе од 100 милиони дози во Хајделберг. Освен тоа, Кјурвек има и партнери, меѓу кои и фармацевтскиот џин Бајер: производството во Вупертал би требало да почне уште во текот на оваа година, а наредната година Бајер има намера таму да произведе 160 милиони дози.

Tübingen | Pharmaunternehmen CureVac AG

Кјурвек е со намера да произведе повеќе од 100 милиони вакцини во Хајделберг

Долги подготовки

При производството на вакцини и полнењето на дозите, покрај специјалните технички услови, важат и екстремно строги хигиенски прописи, кои во Германија можат да се и уште построги отколку во други региони во светот. Комплетно опремување на една фабрика е работа која не може да се заврши за помалку од една година, проценува Хемке.

Конечно, кога сѐ ќе биде поставено, потребно е време и за обука на вработените во врска со производствениот процес и машините. Треба да се научи кои се „вистинската температура, вистинската концентрација, вистинскиот начин на мешање на работите“.

Повеќе: Две нови фабрики за вакцини во ЕУ 

Дури и кога ќе се има фабрика полна со специјална техника и квалификуван персонал, за вакцината е потребно уште нешто - состојки, како на пример липиди, со чија помош мРНК-елементите стигнуваат до вистинското место во телото на лицето кое се вакцинира.

„Фирмите во текот на последнава година, кога стана јасно дека ќе мора од мало производство за истражувачки цели да преминеме на големо производство, разговараа со своите доставувачи“, објаснува Хемке. Така, на пример, хемискиот концерн од Есен, Евоник, го зголемува производството на липиди во две свои фабрики. Тие липиди ќе му бидат доставувани на Бионтек во втората половина од годинава.

Tübinger Impfstoff-Studie

До 31 март најмалку еднаш беа вакцинирани само 4,31% од светското население.

Следните вакцини веќе чекаат

Компанија која стана позната во врска со вакцинацијата во Германија еИДТ Биологика во Десау. По распадот на ГДР, фирмата била од страна на стечаен управник била проценета како фирма која „не може да се санира“, објаснува Марсел Граул од Службата за поттик на економијата во Десау. Денес ИДТ е светски лидер за одделни вакцини.

Во меѓувреме, ИДТ е вклучена и во производството на вакцини против коронавирусот. На почетокот на март започнаа подготовки за производство на вакцината Џонсон и Џонсон. Се смета дека првата испорака ќе може да се реализира на 19 април. Таму вакцината ќе се произведува 12 недели. Имено, за толкав период е одложено планираното производство на вакцина против денга-вирус. Во моментов ИДТ работи на производствена линија за продукција на АстраЗенека, која, според плановите, би требало да почне со работа на крајот на 2022 година. Покрај таквите планови, во моментов се водат преговори за да се почне со производство на првите дози на АстраЗенека уште во текот на тековниот квартал. ИДТ е во преговори и за производство на руската вакцина Спутник V, но тие преговори сѐ уште се без резултат, информира портпарол на компанијата.

Во баварски Илертисен руската фирма Р-Фарм во моментов гради погон за производство на АстраЗенека со лиценца. По добиена дозвола од страна на ЕУ, во Илертисен би можела да се произведува и вакцината Спутник V. Тоа што АстраЗенека, Спутник V и Џонсон и Џонсон често се набројуваат заедно, се должи на фактот што тие се т.н. векторски вакцини, кои се произведуваат поинаку отколку новите мРНК-вакцини на Бионтек/Фајзер и Модерна.

Impfstoffabfüllung

ИДТ е во преговори и за производство на руската вакцина Спутник V, но тие преговори сѐ уште се без резултат

Резерви за иднина

За догледно време ќе бидат неопходни сите капацитети во борбата против пандемијата. На 31 март најмалку еднаш беа вакцинирани само 4,31% од светското население. Освен тоа, стручњаците сметаат дека новите мутации ќе предизвикаат потреба од натамошно вакцинирање. До мај германските сили за брза вакцинална интервенција изработија концепт за производство на вакцини од 2022 година натаму. „Целта е Германија да добие повеќе истражувачки и производствени капацитети за вакцини со новите технологии, како што е мРНК и тоа да се зацврсти на долг рок“, соопшти Министерството за економија на прашање на ДВ.

Ролф Хемке од ВФА укажува дека ќе треба да се најде начин за поделба на трошоците помеѓу производителите, кои инвестираат во фабрики и стручен персонал, и државата „која сака фабриките и натаму да се држат во состојба на подготвеност во случај тоа да биде неопходно“.

По пандемијата, таму би можеле да се тестираат и произведуваат и мРНК-вакцини против други предизвикувачи на болести, за кои досега немало вакцина.

DW.COM