1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Македонцки работи: Кој за Врање, кој за Ниш

25 март 2021

Заразата се шири, жртви се сѐ помлади луѓе. Недостигот на вакцини го круниса трендот „сите патишта водат кон Србија“, на ленти во кои се разминуваат потребата и достоинството.

https://p.dw.com/p/3r5xb
Nord-Mazedonien | Patienten Anlieferung
Фотографија: Petr Stojanovsk/DW

Две девојки, на 23 и 24-годишна возраст беа меѓу најмладите жртви во вчерашниот црн ковид-биланс. Едната имала и други заболувања, што ѝ ја отежнало состојбата, а втората немала други заболувања, но не реагирала на терапијата што ѝ била давана на клиниката. Со една-две реченици објаснување добиени на барање на медиумите, а некогаш ни толку, се проследуваат бројките од дневните извештаи за жртвите на Ковид -19. Во последниот период заразата зафаќа сѐ помлади лица, а и смртните исходи не се поврзани само со средовечни и повозрасни лица. Границата се спушта, заразата експоненцијално се шири, но не и мерките за заштита. Според властите, состојбата е под контрола, според опозицијата – црвениот аларм одамна е вклучен.

„Колку ситуацијата е лоша, може да се види компаративно и да го споредиме бројот на починати кај нас со земјите од регионот, гледано според принципот на починати на милион жители“, посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на синоќешната прес-конференција. Споредбата се однесува за лица починати од Ковид-19.

„Грција со 11 милиони жители, вчера (завчера, н.з.) имала 51 починато лице - по 5 починати на еден милион жители, за разлика од Македонија која имаше 25 починати лица, односно повеќе од 12 починати на милион жители!  Два и пол пати повеќе! Иста е ситуацијата и со Словенија, каде деветмина починале вчера - четворица починати на милион жители, три пати помалку од Македонија. Во Србија со 7 милиони жители, вчера починале 36, односно 5 починати на милион жители, два и пол пати помалку од бројот на починати во Македонија“, спореди Стоилковски.

Nordmazedonien Parteizentrale der VMRO-DPMNE in Skopje
Македонија е црниот лидер во регионот и Европа по бројот на заразени и починати, црниот лидер по невакцинирани, обвинува ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозициската партија направи и друга споредба: за една недела умираат луѓе колку во една зграда.

„Ова се луѓе кои можеби немало ниту да се заразат, а уште помалку да починат, ако се донесеа вакцини и почнеше имунизацијата навреме. Секој ден десетици семејства се завиваат во црно, само и само заради желбата за провизии, коишто се на прво место за власта, на штета на здравјето на граѓаните. Македонија е црниот лидер во регионот и Европа по бројот на заразени и починати, црниот лидер по невакцинирани. Полицискиот час нема никаков ефект, и е само за популизам на власта. Народот се заразува затоа што нема протоколи“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Повеќе:

Заев очекува до крајот на март вакцините сепак да пристигнат

Едно и пол месечно бебе хоспитализирано во ковид-центарот за деца

Полициски час до 6 април во С. Македонија

Кај комшиите на кафе и вакцина

Недостигот на вакцини во земјата почна да се супституира со еснафска помош од соседна Србија во организирање на имунизација за колеги од Македонија. Во организација на Македонската асоцијација на новинари (МАН) и Здружението на новинарите на Србија (УНС) тој процес веќе го поминаа стотина медиумски работници кои се вакцинираа во Врање.

На ред се бизнисмените, откако Стопанската комора на Србија во соработка со Владата на Србија најави дека ќе обезбеди 10.000 вакцини за бизнисмени и вработени од регионот: Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово. И додека се договараат термините за имунизација на македонските бизнисмени во Србија, Независниот синдикат на полицијата (НСП) објави дека во соработка со збратимените синдикати од Србија е во завршна фаза на преговори за обезбедување на количество вакцини за членовите на НСП.

„Вакцинацијата, првенствено на членовите, но и на останатите вработени од организационите единици со најголем ризик кои доброволно ќе се пријават, ќе се одвива во Р. Србија по претходно изготвен план од работно тело кое ќе го формира Синдикатот и за кое дополнително ќе Ве известиме“, стои на веб-страницата на НСП.

Serbien Belgrad Impfzentrum Sputnik Impfstoff
Во Србија се вакцинираат и луѓе од регионот, меѓу нив и многу МакедонциФотографија: Alexander Miocic/Sputnik/dpa/picture alliance

„Да не е малку многу? Достоинство - што беше тоа? Кој за Врање, кој за Ниш, овде ништо“,  гласат дел од коментарите. Политичарите избегнуваат да коментираат на оваа тема. Причините се познати: пред да критикуваат, ќе треба да одговорат зошто навреме не обезбедиле вакцини. Но, останува горкото чувство дека некој политички профитира од недостигот на вакцини во земјата.

Вакцина против „изгубената мерка“

Во однос корона-кризата, незадоволството не се врти само околу недостигот на вакцини. Оние кои изгубиле блиски уште пред вакцините да бидат пуштени за употреба, велат дека недостига имунизација и против „изгубената мерка“.

„Немањето мерка во однесувањето во ваков момент, остава впечаток дека се нема ни почит кон жртвите, ни кон семејствата кои во налетот на епидемијата изгубија еден или повеќе членови на семејството“, вели скопјанка која кон крајот на минатата година како последица на Ковид-19 ги изгубила двајцата родители, но и неколку возрасни роднини од поширокото семејство.

„Однесувањето на нашите политичари не е соодветно за времето и неприликите во кои живееме. Едни се шетаат, други се расправаат за блокада на Собранието, за тендери, пари, пописи. Изгубија ли чувство за реалноста? А секој ден слушаме бројки на заболени, починати, оздравени. Луѓето не се бројки. Треба да знае дали има доволно болнички кревети, дали има кислород, дали ја има неопходната терапија... Тажно е да се слушне дека додека луѓе се бореле за здив или умирале, некаде се склучувале договори за милионски суми во четири очи. Разочарување е благ збор. Тоа создава револт. Последниве денови меѓу жртвите има сѐ помлади лица, ама како никој да не се вознемирува за тоа, главни тема повторно е нешто друго", вели разочарано нашата соговорничка.

Од почетокот на епидемијата до вчера во земјата починаа 3.545 лица. Односот кон жртвите од Ковид-19 не е секаде ист. Десетици европски градови вчера напладне со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите на пандемијата на коронавирусот. Организаторот „Евроситис" соопшти дека повеќе од 200 градови во 40 земји организирале различни настани и начини за комеморација. Во некои градови автобусите и возовите го запреа движењето, некаде беа прекинати работните активности, некаде гестот беше искажан со молк на црковните ѕвона. Раководителот на мрежата „Евроситис" и градоначалник на Фиренца, Дарио Нардела се обрати во директен пренос и им оддаде почит на жртвите на Ковид-19.