Зошто е важно да се вакцинираме? | Северна Македонија | DW | 30.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Зошто е важно да се вакцинираме?

Екстремниот аргумент на тие што не сакаат да се вакцинираат е правото на слобода да одлучуваат за сопственото здравје. Но, таа теза е дискутабилна. Пишува Ивор Мицковски

Бројот на заболени од Ковид-19 повторно почнува да расте. Само вчера беа евидентирани нови 54 случаи, по недели и месеци на едноцифрени бројки на заразени. Министерот за здравство Венко Филипче вчера оцени дека во насока на заштита на населението ќе нема  друга можност освен да воведат некаква форма на рестрикција и оти е разговарано и дополнително ќе се разговара за мерки кои би се однесувале на невакцинираните. За конкретни мерки, според министерот, подетално ќе се дискутира во август.

Во Европа и светот веќе се воведуваат ограничувања за невакцинираните граѓани. За влез во затворен јавен простор, пристап до угостителски, спортски или други услуги се бара задолжително приложување на вакцинален сертификат. Очигледно е дека такви рестрикции од септември или октомври ќе стапат на сила и кај нас.

Во Македонија досега вкупно се аплицирани 862.426 дози вакцини, а ревакцинирани се 361.431 граѓани, соопшти Министерството за здравство. Тоа значи дека од популацијата која е предвидена за вакцинација се покриени приближно 30% од населението. За постигнување на колективен имунитет потребно е тој процент да се искачи барем до 65-75% од населението, додека поради сѐ поголемата присутност на Делта варијантата, барем според податоците од Израел, за колективен имунитет е потребно процентот да се искачи далеку над 80%.

Тоа кажува дека Македонија нема никакви шанси да постигне колективен имунитет оваа есен или зима, што пак значи дека рестриктивните мерки за невакцинираните, тотални или парцијални, ќе станат неизбежна нужност и пред крајот на годината.

Слобода да им се наштети на другите

Во земјите од ЕУ веќе гледаме дека рестрикциите или обидот вакцинацијата да се направи задолжителна предизвикаа големи општествени немири, жолчни дебати, па дури и протести од антиваксерските движења или пак од партиите кои популистички се определија против одлуките на државните институции. Каква би била ситуацијата кај нас, кога веќе се соочуваме со низок процент на вакцинација и што е потребно за евентуалните рестрикции да се воведат, а притоа да не се остави преголем простор за несовесните индивидуи или одредени партии да го претворат здравственото прашање во идеолошка војна која би го искористила и издеформирала принципот на слободата?

Се разбира, за секое општество е подобро да се настапи со убедување, отколку со наметнување, со едукација наместо со казнување. Но и кај нас, станува сѐ позабележливо дека се наметнува една налудничава идеја за слободата и за правата, која меѓу граѓанските слободи и права го категоризира и егоистичкото однесување – да се биде слободен да им се наштети на другите. Така сфатената слобода кај тие што најчесто одбиваат да се вакцинираат е еднаква на претендирањето слобода да се вози автомобил без кочници и со него да се лета пред некое училиште или градинка.

Евентуалниот вакцинален сертификат секако би имал задолжително својство. Доколку го немаш, се откажуваш од добар дел од твојот општествен живот. Но, за секоја задолжителност да биде легитимна и функционална, подложна е на некои услови, диктирани од Уставот и од здравиот разум.

Прво, верувам дека ќе биде неопходно да се донесе посебен закон за вакциналниот сертификат. Што се однесува до Уставот, Уставниот суд во 2014 и 2016 година разгледувал пет иницијативи кои во суштина се исти и се однесувале на тоа дека задолжителната вакцинација е во спротивност со Уставот. Судот оценил дека се неосновани тврдењата во иницијативата за повреда на одредбите од Уставот на кои се повикува таа. Задолжителната вакцинација во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение во однос на одредбите од Уставот, каде што се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Тоа значи дека евентуалната неуставност на вакциналниот сертификат не би поминала, исто како што не би преставувало проблем доколку утре се одлучи за задолжителна вакцинација за Ковид-19. Тоа е така затоа што во нашата земја, во присуство на колективен интерес или интерес на заедницата, вакцинацијата може да биде законски наметната, се разбира сѐ додека законот не предвидува закана за физичкиот и моралниот интегритет на личноста.

Други колумни од авторот:

Живееме во време на климатска криза

Куба - диктатура без диктатор

Англија – „европски“ шампион?!

Разумно би било законот да рефлектира одредени критериуми на градуалност, на умерена и прогресивна апликација за колку што е можно повеќе да се избегнат забраните и диктатот, бидејќи секоја задолжителна здравствена мерка стои на ивица помеѓу правата и обврските.

Второ, задолжителноста мора да биде реално остварлива. Преку половина од популацијата не примила ниту една доза од вакцината, а помеѓу 40-50 % чекаат на втора доза. Доколку сите луѓе во државава утре би тргнале да се вакцинираат, нивното барање не би можело да биде задоволено, затоа што во моментов немаме повеќе од 250-300 илјади вакцини. Но, за претпоставка е дека до септември-октомври би имале доволно резерви за целокупната популација и веројатно затоа и нашите институции размислуваат за рестрикции.

Трето, посебно прашање е екстензијата на вакциналниот сертификат. Тоа зависи од фактичката состојба и од правата кои би биле тангирани од мерката. Денес живееме една алармантна состојба, но не и апсолутно кризна состојба како кога дневно имавме преку 2000 заразени и 50 починати, преполни болници и сериозни рестриктивни мерки. Тоа значи дека легитимно е да се воведат рестрикции на одредени секундарни права кои се однесуваат на слободното време, како вечера во ресторан или следење на натпревар во затворена сала. Тоа што не би требало да биде вклучено во законот се правата кои и самиот Устав ги именува како фундаментални, односно оние кои се однесуваат на работата, образованието или јавниот превоз.

Дополнително, рестрикциите особено не би преставувале кршење на слободите и правата во случај кога би било дозволено тие бидат надминати со негативен тест. И конечно, лимитирањето или рестрикцијата на одредени индивидуални слободи во име на колективното добро е фундаментален и конститутивен принцип на либералната демократија.

Масовен егоизам

Се разбира темата нема само своја правна димензија, особено е проблематична моралната или ако сакате и филозофската димензија. Мора да си признаеме дека сѐ почесто доминира една супкултура на просто изедначување, дека секој еден вреди колку некој друг еден во секој контекст и во секоја ситуација, создавајќи така една банализација на слободите и правата, каде и за битни колективни здравствени прашања, многу луѓе претендираат нивното неинформирано и необразовано мислење да биде еднакво на мислењето на некој научник или епидемиолог.

Луѓето кои одбиваат да се вакцинираат, или популарно наречените антиваксери, се однесуваат себично, оставајќи или чекајќи другите да се вакцинираат сите останати, за тие да ја избегнат обврската или одговорноста. Таквата слобода, ослободена од одговорноста, всушност не е ни вистинска слобода, затоа што во однос на колективитетот и правото на здравје на останатите се однесува како откачена, незаинтересирана и неангажирана, отсутна слобода. Тоа е претендирање на слобода кое ја отфрла секоја поврзаност или обврска кон останатите во општеството. Станува збор за еден масовен егоизам кој не ја зема предвид моралната, а некогаш и правната обврска за општествена солидарност. Апсурдот е дека тоа слепо повикување на својата егоистичка слобода, всушност со најавените селективни рестрикции, ќе произведе само поголеми ограничувања за огромен број на луѓе.

Но, тоа не значи дека решението на проблемот лежи само во судир или оцрнување на оние кои мислат поинаку. Ако ги исклучиме од равенката оние кои застапуваат бесмислени тези или заговори, како врската помеѓу вакцините и 5Г, постојат и луѓе кои се спротивставуваат бидејќи сметаат дека вакцините не се совршено безбедни, дека се наметнати од економски причини од страна на големите фармацевтски компании во соработка со државите, и тие луѓе стравуваат за последиците по своето здравје.

Тие луѓе треба да разберат дека ништо на овој свет и во овој живот не е совршено безбедно или дека и стотици лекарства кои ги земаат на своја рака имаат сериозни последици, а тие сепак ги конзумираат. Екстремниот аргумент на тие што не сакаат да се вакцинираат е, како што реков, правото на слобода да одлучуваат за сопственото здравје. Но, таа теза е дискутабилна затоа што денес научната заедница е едногласна дека со масовна вакцинација се постигнува колективен имунитет, дека со невакцинирање се става на ризик здравјето на другите, дека ефикасноста на вакцините за 96% ја намалува смртноста, за 95% ја намалува хоспитализацијата, дека за 97% ја намалува потребата од интензивна нега. И дека во исто време, 96% од новозаразените се луѓе кои не примиле вакцина или примиле само една доза. Се разбира, вакциниран човек во одредени случаи и понатаму може да се зарази или да пренесе зараза, но со минимална симптоматологија. Просто кажано, вакцината е единственото средство кое ни дозволува да спасиме огромен број на човечки животи и да избегнеме ужасни страдања, особено кај најранливите и кај болните.

Нема слобода без одговорност

Имунодепресивните, болните кои поради разно-разни патологии не можат да се вакцинираат, старите и кревки лица, се оние кои најмногу ризикуваат во актуелната ситуација. И токму затоа што немаме колективен имунитет, ќе мора да постојат одредени рестрикции. Не можеме да се залажуваме дека вакцинирањето на кревките и истоштени луѓе е решение на проблемот. Токму слободата на кревките и болните луѓе, а не на оние кои се здрави и одбиваат да се вакцинираат, треба да се заштити во едно општество кое треба да знае или пак да научи дека слободата не може да постои без одговорност. За да ги заштитиме послабите и покревките од нас - токму затоа имаме морална обврска да се вакцинираме.

За таа цел и за убедување на луѓето кои одбиваат да се вакцинираат потребен е директен дијалог и јасна комуникациска стратегија. Многу често скептицизмот кај таквите луѓе не се базира на тотална и идеолошка опозиција против здравствената наука, колку на индивидуалното убедување дека „мене не ми треба“, или „јас немам потреба“. Нашата политика и нашите функционери да искористеа само мал дел од своето време, наместо на бесмислени кампањи за избори и празни ветувања, на реални средби и контакти со граѓаните, ќе постигнеа многу повеќе и за самите себе и за целата заедница.

Информациите и комуникацијата не може да се базираат само на квантитет, на брзи кампањи со познати лица, на потенцирање само на емотивните аспекти. Таквата комуникација создава брзи ефекти, но и долгорочна одбивност. Потребен е континуитет, организираност, јасни мерки и константни контроли, за луѓето да разберат дека се одржува внимание и дека постои реална грижа кај надлежните. Потребни се видливи инвестиции во здравството, да не се задушуваат демократските процеси, да не се фаворизираат тесните партиски или бизнис интереси, да запре криминалот и корупцијата.

Тоа луѓето не го гледаат и за многумина, недовербата во државата и во нејзините функционери и институции се преведува во општа недоверба дури и кога се преземаат или се планира да се преземат паметни мерки.