Вакцините ќе стигнат „деновиве“ | Северна Македонија | DW | 01.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Вакцините ќе стигнат „деновиве“

Денови се во прашање кога ќе стигнат вакцините - уверуваат премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче. Одново се преговара со кинеските власти, а се размислува и за руската „Спутник“ 

Четири месеци откако започна имунизацијата во светот против опасниот Ковид-19, Северна Македонија е една од ретките земји која што не започнала со вакцинација на населението. Освен 8.000 дози кои што пристигнаа од Србија, за вакцинација на здравствените работници кои што се во првите редови во борбата против Ковид-19, се уште нема јасен сигнал дека наскоро ќе пристигне поголема пратка за вакцинација и на населението, кое стравува од се позаразните мутации на коронавирусот. И премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче смируваат дека вакцините наскоро ќе пристигнат. 
Земјата треба да добие 200 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Покрај очекуваните количини преку системот Ковакс, во тек се разговори за набавка и на 100 илјади дози од руската „Спутник V“. Вакцината „Фајзер“ која требаше да биде нарачана директно од производителот, веќе не се споменува.
Загриженост во јавноста предизвика информацијата дека Министерството за здравство го повлекло авансот што беше уплатен за набавка на вакцини од „Синофарм“, но оти договорот не е откажан. Уплатата била повлечена на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата.

-повеќе на темата: Сега ги нема доволно, наскоро вакцини во Европа ќе има на претек

Министерот Венко Филипче тврди дека авансот за кинеските вакцини е повлечен поради сигурност. Тој вели дека разговорите за овие вакцини се во завршна фаза и дека тие за многу скоро ќе бидат во земјава.
„Процесот траеше подолго време од тоа што сите ние на почетокот планиравме, се бараа многу дополнителни документи, нешто што се случува практично со сите земји. Се врати дел од средствата, но навистина преговорите сега овие денови, па дури и за време на викендот, ми се чини дека се во последната фаза“, вели Филипче.
Иако беше повлечен авансот за кинеските вакцини, премиерот Зоран Заев соопшти дека очекува позитивен сигнал од Кина.
„Авансот е повлечен заради тоа што ја чекавме поддршката од кинеското МНР. Не можеме да оставиме пари да лежат во туѓа земја додека не се заврши постапка. Авансот се пушти како дел од процедурата. Ќе чекаме прво да се заврши работата, па потоа да ги уплатиме парите“, вели Заев. Тој најавува дека има и втора постапка за набавување 200.000 вакцини, а формализирани се и постапките за руската вакцина „Спутник“.
„Денови се во прашање кога ќе стигнат вакцините“, дециден е премиерот. 

-повеќе на темата: АстраЗенека: Се бара решение за неискористените вакцини

Коментирајќи го проблемот со вратениот капар за кинеските вакцини, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска вели дека Владата е транспарентна и не ги крие информациите од јавноста и проблемите со коишто се соочува.
Опозиција бара Владата да понесе одговорност заради тоа што не набавила вакцини навреме, со што го загрозува здравјето и животот на граѓаните. 
Од почетокот на епидемијата, во С. Македонија се евидентирани вкупно 102.787 заразнени лица. Оздравеле 91.233, а битката со Ковид-19 ја загубиле 3.137 лица. Зголем број на хоспитализирани лица последниот период има во Кавадарци, Прилеп и Охрид. Комисијата за заразни болести деновиве треба да се состане и да утврди дали растот на заразени се должи на нов бран кој пак ќе треба да донесе и нови рестриктивни мерки.

DW.COM

Реклама