Вакцините им ги наполнија џебовите на бројни германски лекари | Информации и анализи за Германија | DW | 24.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Вакцините им ги наполнија џебовите на бројни германски лекари

Во Германија лекарите со приватна ординација добиваат дури 28 евра за секоја аплицирана корона-вакцина. Ова го плаќаат даночните обврзници. Зошто државата овозможи богатите да станат уште побогати, се прашува Марко Милер

Коцид-вакцинацијата како бизнис модел: во бројни лекарски ординации се вакцинира како на лента

Коцид-вакцинацијата како бизнис модел: во бројни лекарски ординации се вакцинира како на лента

Пандемијата ја чини државата - што значи граѓаните, многу пари. И тоа е во ред кога е медицински, економски и општествено неопходно. Но, тоа не значи дека поединечни групи во земјата треба да добиваат „дарови“ на наша сметка.

Кон крајот на летото ширум Германија се затвораа центрите за вакцинација, но потоа дојде ред за бустер доза. Трескавично се размислуваше како да се поттикне што повеќе луѓе да примат трета доза.

Тогашниот министер за здравство Јенс Шпан го одбра наједноставниот пат – го зголеми надоместот за лекарите во приватните ординации кои го добиваат за секоја аплицирана вакцина – и тоа од 20 на 28 евра!

Неверојатна сума кога ќе се помисли колку се мали платите на болничкиот персонал кој за време на корона-пандемијата работи без престан.

Огромен надомест

Лекарите со сопствени ординации во Германија и онака спаѓаат во групата која добро заработува. Кога ќе се одбијат трошоците, ним им останува меѓу 200 и 250 илјади евра бруто заработувачка годишно. Некои специјалисти заработуваат и до 400.000 евра.

Но, ова не е се. Новиот министер за здравство од редовите на социјалдемократите Карл Лаутербах, привремено го зголеми надоместот за секоја аплицирана вакцина дури на 36 евра, за периодот околу Нова Година. Речиси никој да не го забележа ова.

Марко Милер, автор на коментарот

Марко Милер, автор на коментарот

Оваа сума е декадентна кога ќе се спореди со надоместот кој се дава за други видови вакцини. На пример, за секоја аплицирана вакцина против грип лекарите добиваат осум евра, а вакцинирањето против грип ни одблизу не е така масовно како вакцинирањето против корона. Зошто аплицирањето единечна доза вакцина сега наеднаш е повеќекратно поскапо?

Лекарите секако ќе најдат оправдувања, а тоа е дека процесот е проследен со голема документација, компликувано планирање на термините, советување и разговори со пациентите, голема одговорност...Но зарем ова не е секојдневие на еден лекар?

Критика од здравствените осигурувања

Финтата е во тоа што здравственото осигурување не ги покрива трошоците за ваквата дебела заработувачка на приватните лекари. Не, овие надоместоци ги исплаќа Сојузниот завод за социјална грижа, односно државата, односно германските даночни обврзници.

Здружението на здравствени осигурувања соопшти дека соодветен надомест би бил од пет до десет евра по вакцина. Тоа е едвај третина од сумата која великодушно ја исплаќа државата. И ова соопштение остана речиси незабележано во јавноста.

Дали лекарите може да се мотивираат да вакцинираат само ако добијат многу пари? Тие положиле заклетва дека ќе им помагаат на луѓето – а таму не пишуваше дека ќе ја искористат пандемиската криза за да се збогатат.

Гледај видео 02:02

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

Многу лекари би вакцинирале и за помал надомест

Додуша не е фер да се осудуваат паушално. Многу приватни лекари со свои ординации велат дека би вакцинирале луѓе и за многу помалку пари. Имаше и такви кои своевремено се пријавија да волонтираат во центрите за вакцинација, а потоа дознаа дека сојузните покраини за тоа плаќаа вртоглави 175 евра за час! Тоа е пропаст на политиката – да им се плаќаат толку пари на лекарите кои ниту ги сакаат тие пари, ниту им требаат.

Превисоките надоместоци ги користат само оние приватни лекари кои во вакцинацијата гледаат бизнис. Од друга страна, многу граѓани поради короната претрпеа големи загуби, намалена им е заработувачката или ја загубија работата. А сега плаќајќи данок ја плаќаат прескапата вакцинација. Тоа не е ниту праведно ниту солидарно.

Дали кампањата за вакцинација против коронавирусот ќе пропаднеше ако приватните лекарите добиваат ист надомест по вакцина како и за било која друга вакцина пред пандемијата? Веројатно не. А доколку пропаднеше поради тоа барем ќе дознаевме во каква средина живееме.