Вакцинација: Младите во С. Македонија најмалку се вакцинираат | Северна Македонија | DW | 24.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Вакцинација: Младите во С. Македонија најмалку се вакцинираат

Едвај 20 проценти е опфатот на имунизирани млади луѓе на возраст меѓу 18 и 40 години. Владините рестрикции во последните недели ги зголемуваат бројките

Северна Македонија | Коронавирус | Вакцинација

Младите на возраст меѓу 18 и 40 години се со најмал опфат на вакцинација во Северна Македонија.

Македонските граѓанки и граѓани на возраст меѓу 18 и 40 години најмалку се опфатени со вакцинацијата, покажуваат податоците на Министерството за здравство. Додека стапките на вакцинирани кај повозрасните старосни групи над 50 години надминуваат 50 проценти, кај помладите тој е многу низок и едвај достигнува 20-ина проценти. Особено критична е состојбата кај старосната група меѓу 18 и 24 години, каде опфатот достигнува мизерни десетина проценти. 

Во старосната група на граѓани од 18 до 40 години досега се целосно (со две дози) вакцинирани нешто помалку од 105 илјади луѓе. Севкупно, прва доза примиле точно 173.697 луѓе во целата држава од оваа старосна група, покажуваат податоците кои ги добивме од Министерството за здравство. 

Рестрикциите поважни од апелите

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вчера ја промовираа кампањата „Вакцинирај се“ која прави обид да ја подигне свеста за потребата од вакцинација и да им застане на патот на лажните вести и дезинформациите. Притоа, Филипче на пресот апелираше токму до младите категории граѓани да се имунизираат и заштитат од опасниот вирус. 

Северна Македонија | Коронавирус | Вакцинација

По најавата за рестрикции порасна интересот за вакцинација во земјата.

Но, не апелите, туку рестрикциите кои ги воведе владата веројатно придонесоа бројките сепак да почнат да растат последниве две недели. Од просечните 3-4 илјади нововакцинирани дневно во текот на јули и почетокот на август, сега бројките се најмалку тројно зголемени и на дневна основа се имунизираат по 12 до 13 илјади граѓани, просечно. Податоците покажуваат дека големо мнозинство од нив се токму припадници на категоријата помлади граѓан/ки кои веројатно се најдоа затекнати од новите рестрикции. Притоа, треба да се напомене дека од почетокот на пандемијата па до пред неколку месеци, официјалниот наратив на надлежните, не само во С. Македонија, беше дека помладите граѓани помалку страдаат од коронавирусот, и дека фокусот треба да се стави на постарите и ранливите групи. 

Вкупно вакцинирани во С. Македонија, заклучно со 23 август, според податоците на Министерството за здравство, се 674.510 граѓани. Од нив, целосно имунизирани се нешто над 503 илјади граѓани. 

Мнозинството вакцинирани над 40 години

Математиката покажува дека од вкупно вакцинираните во државата, само 20 проценти припаѓаат кон старосната група меѓу 18 и 40 години возраст. Но последните познати соеви на коронавирусот, особено ткн. делта варијанта, најмногу циркулира токму меѓу нив, како во земјата, така и во светски рамки. 

Северна Македонија | Коронавирус | Вакцинација

Опфатот на вакцинирани во С. Македонија е далеку зад европскиот просек.


Иако во земјата нема Попис уште од 2002 година, податоците на Државниот завод за статистика од 2015 година покажуваат дека оваа група, на возраст меѓу 18 и 40 години, сочинува речиси една третина од вкупното население во државата. Дури и да се земе предвид висока стапка на иселување од државата во изминатите години, нивниот број веројатно не е помал од 500 илјади луѓе. Практично, тоа укажува дека дури и со најконзервативна проценка на бројот на ова население во земјата, тоа е и најмалку опфатено со имунизацијата во земјата. На ниво на целата земја, таа стапка е под или околу 20 проценти.
Доколку се земат предвид последните податоци на МЗ за вакцинирани над 674 илјади граѓани со барем една доза вакцина, и од таа бројка се одбијат овие 173 илјади на возраст меѓу 18 и 40 години кои примиле прва доза, произлегува дека над 500 илјади граѓани кои досега се вакцинирале во земјата се на возраст над 40 години. 

DW.COM