Вакцината на Бионтек и Фајзер е ефикасна и против Делта сојот на коронавирус | Свет | DW | 23.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Вакцината на Бионтек и Фајзер е ефикасна и против Делта сојот на коронавирус

Во Европа и Германија продолжува ширењето на Делта сојот на коронавирус. На загриженото прашање – дали помагаат актуелните вакцини, шефот на германската фирма Бионтек дава смирувачки одговор.

„Засега нема никакви укажувања дека е потребно прилагодување на нашата вакцина на курсирачката варијанта на коронавирусот“, изјави Угур Шахин, основачот на Бионтек, на виртуелен собир на вработените на биотехнолошката фирма.

Бионтек работи на флексибилни постапки во областа на технологијата, продукцијата и концесиите. За да биде подготвена за брза реакција во случај да е потребна трета доза за освежување на постојните вакцини или прилагодување кон нов тип на вирус, фирмата Бионтек постојано ја анализира и ефикасноста на вакцината против новонастанатите мутации на коронавирусот, истакнува нејзиниот основач Угур Шахин.

Располагаме со сѐ повеќе информации за новите варијанти на коронавирусот, вели Шахин. Се гледа дека имунитетот на вакцинираните со текот на времето попушта, а настануваат нови варијанти. „Сметам дека ќе биде потребна трета доза вакцина за засилување на имунитетот, но уште не знаеме кога и колку често ќе има потреба од ревакцинација“. 

Повеќе:

Делта-варијантата го загрозува постигнувањето имунитет на стадо

Колку навистина е опасна Делта-варијантата на коронавирус?

Индискиот сој ги врати стравувањата од нов есенски бран на Ковид-19

Според зборовите на претприемачот од Мајнц, неговата фирма Бионтек и американскиот партнер Фајзер за годинава планираат производство од три милијарди дози вакцина против коронавирус, а следната година количеството ќе се зголеми. Најмалку 50% од тоа Бионтек планира да биде негово сопствено производство.

Делта сојот се шири и во Германија

Брзината со која се шири Делта мутацијата на коронавирус, откриена првично во Индија, се покажува и во германската сојузна покраина Хесен. „Располагаме со јасни укажувања дека Делта варијантата во Хесен веќе доминира во преку 20% од случаите“, изјави тамошниот министер за здравство Каи Клозе, апелирајќи на што поскоро вакцинирање.

Институтот Роберт Кох претпоставува дека инфекциите со Делта сојот можат да водат до тежок облик на болеста, а се стравува и од повторно покачување на бројот на инфицирани во Германија доколку лесно преносливата мутација Делта стане доминантна во земјата.

Во други земји Делта сојот веќе ја покажа својата опасност. Во Велика Британија индискиот сој во само неколку недели, без оглед на високите квоти на вакцинација, значително ја влоши општата ситуација. Португалскиот главен град Лисабон на викендот беше изолиран поради појавата на мутацијата. Во рускиот главен град Москва е регистриран рекорден број на нови инфекции, а според градоначалникот Сергеј Собјанин, речиси 90% од Ковид-заболувањата отпаѓаат на Делта варијантата.