Буџет од 4,4 милијарди евра - за развој или за гаснење социјален пожар? | Северна Македонија | DW | 03.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Буџет од 4,4 милијарди евра - за развој или за гаснење социјален пожар?

Растот на платите среде криза е ризично сценарио кое ќе ја изеде развојната компонента на државната каса предупредуваат упатените. Стопанствениците очекуваат и конструктивност од опозицијата.

Рекордно тежок предлог буџет за 2022 година

Рекордно тежок предлог буџет за 2022 година

Зголемени капитални расходи, намалени непродуктивни трошоци. Вака накусо изгледа владиниот предлог за државната каса во 2022 година кој влегува во собраниска процедура. Буџетот е рекордно тежок и предвидува повеќе пари, дури и за зголемени плати на дел од административците. Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека документот е скроен реално и нуди основа за развој на економијата:

„Буџетот ќе биде целосно ликвиден и ќе ги исполнува навреме сите потреби“, изјави Бесими.

Владата тврди дека буџетот кој го скроила е развоен, но она што боде очи е што во него повторно доминира социјалната компонента. Дополнително и делот на платите и надоместоците кои ќе изедат дури 531 милион евра. Во неа се предвидени 5% повисоки плати во здравството, 15% зголемување на платите во судството и обвинителството. Дополнително и во образованието каде според колективниот договор платите ќе пораснат за 7%, но и во инспекциските служби за 10%. Ваквата стратегија среде криза според упатените е ризична и може многу лесно да ги урне прокциите за раст:

„Владата предвидува економски раст од 4,6%, но прашањето е како до него, кога гледаме дека повторно во буџетот доминира социјалната компонента. Евидентно е дека ќе треба да се гаснат социјални пожари, а не ни знаеме какви социјални пожари ќе ни се случуваат. Тоа не ни можеме да го предвидиме бидејќи сме се уште во пандемија, а не очекува и енергетска криза. Од друга страна, начинот на кој ќе се собираат средствата повторно е под знак прашање. Задолжувањето ќе биде ризично и многу поскапо бидејќи на секоја политичка криза, следи и финансиска криза, но и помала даночна дисциплина. Сите се во исчекување што ќе се случува, намалени ќе бидат приходите по основ на даноци, така што оптимистички ќе биде ако имаме ребаланс ушто во првиот квартал во наредната година“, коментира за Дојче веле бизнисменот Миле Бошков. 

Македонскиот министер за финансии Фатмир Бесими

Македонскиот министер за финансии Фатмир Бесими

Закана од енергетска криза 

Развојната компонента дополнително може да ја урне енергетската криза која сериозно се заканува во пресрет на зимскиот период. За разлика од платите и социјалните трансфери, во буџетот нема наведено посебна ставка за финансиска помош на енергетските компании, што индиректно ќе значи и помош за граѓаните од евентуален ценовен удар. Министерот Бесими уверува дека состојбата се следи и доколку има потреба ќе се реагира:

„Во Владата има работен тим што ја следи состојбата и во зависност од тоа каде ќе се ослободат средства ќе се интервенира. Битно е граѓаните да знаат дека ќе се направат сите напори пред се да има доволно електрична енергија и да се ублажи ценовниот ефект. Во актуелниот Буџет има средства од програмата за Ковид од околу 6 милијарди денари кои се` уште не се реализирани и со нив може да се поддржат енергетските компании“, изјави министерот Бесими.

Развојната компонента на буџетот е базирана на проекциите за капитални инвестици, но и на поволните прогнози за развојот на европските економии, посебно на германската, која важи за главен трговски партнер на македонската економија. Бруто инвестициите е предвидено да се зголемат за 8,5% на реална основа, а потрошувачката за 3,1%. Дополнително се очекува да расте и извозот, а да се зголемува и вработеноста. За капитални проекти предвидени се близу 600 милиони евра што е раст од 27% во споредба со годинава. Учеството во вкупните расходи пак е 14% што според Владата е досега најголемо. 

Каде ќе завршат капиталните инвестиции? 

Сепак искуствата досега покажуваат дека проекциите во делот на капиталните расходи ретко кога се реализирале во целост. Напротив, тие постојано се кратат, а парите кои не се искористени завршуваат за други, главно непродуктивни намени. Стопанствениците постојано укажуваат дека оваа пракса мора да престане. Но за тоа да се случи, овој пат сметаат дека ќе мора да има и поддршка од страна на опозицијата:

„Треба да се биде реален и да се знае дека буџетот е донесен на седница на Влада пред да се случат локалните избори по кои еве гледаме дека нема политичка кохабитација. А кога тоа го нема, знаеме дека нема голема реализација на капиталните проекти. Што значи дека капитални инвестиции во услови кога повеќе од половина локална власт е во рацете на опозицијата е предизвик да се реализираат за сите. Бидејќи знаеме дека проектите не се само околу Владата, туку добар дел од нив се и на локално ниво и за локален развој. Оттука очекувам дека ќе има соработка и еден вид кохабитација на политичко ниво, посебно во услови кога гледаме што се случува во околината. Пандемијата повторно зема замав и може многу лесно да се случи нов домино ефект кој ќе не чини многу поскапо“, предупредува Бошков. 

Дали актуелната политичка криза ќе биде пречка за усвојувањето на буџетот во Собранието?

Дали актуелната политичка криза ќе биде пречка за усвојувањето на буџетот во Собранието?

Дупка од половина милијарда евра 

Дополнителен ризик е и проектираниот дефицит. Планот на Владата е да собере 3,9 милијарди евра, што е за 7,4% повеќе од годинава, но во исто време да потроши и нешто над 4,4 милијарди евра. Ова отвора дупка од над половина милијарда евра која ќе се покрива преку задолжување. Планот е тоа да се прави на домашниот и на меѓународниот пазар. Или конкретно, буџетскиот дефицит ќе изнесува 4,3% од БДП или во пари, 544,4 милиони евра. Ќе се враќаат и 188 милиони евра веќе позајмени пари. Од овие 441 милион евра ќе се обезбедат од домашни извори, а 346 милиони евра од странски извори.

Министерот за финансии Бесими ги претстави и новите извори на финансирање. Развојна, зелена, проектна обврзница и обврзница индицирана со инфлација. Ваквата стратегија на задолжување и раздолжување ќе влијае на зголемување на јавниот долг кој веќе е сериозно висок. Според проценките, доколку се остварат проекциите, крајот на 2022 година ќе го дочекаме со ниво на јавен долг во висина од 65,5% од Бруто домашниот производ. Што се однесува пак до инфлацијата, таа се прогнозира да изнесува 2,4%.

По усвојувањето од страна на Владата, Буџетот сега треба да оди во Собрание. Тоа треба да се случи најдоцна до 15 ноември, но според најавите тој веќе е таму и уште утре треба да биде ставен на увид на народните избраници. Според Деловникот, за предлогот најпрвин ќе се расправа во комисијата за финансирање и буџет. Усвојувањето е на пленарна собраниска седница најдоцна до 31 декември. Актуелните случувања на политички план отвараат дилеми во какви услови ќе помине целата процедура. Од Владата велат дека актуелната политичка криза нема да биде пречка за усвојувањето на буџетот и дека има доволно време за сите собраниски процедури пред тој да биде ставен на финално гласање.