Буџет за 2019: Поддршка од бизнисот, критики од синдикатите | Економија | DW | 14.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Буџет за 2019: Поддршка од бизнисот, критики од синдикатите

Повисок раст, повисоки плати, повеќе субвенции, но и повисок јавен долг. Бизнисмените бараат целосна реализација на рекордно проектираните капитални инвестиции. Синдикатите пак, уште повисоки плати.

2019 година ќе биде во знакот на економијата. Вака барем може да звучи првичната оценка по она што деновиве го презентираше и го доби како фидбек власта околу предлог буџетот за 2019 година. Официјално, најважниот документ за функционирање на државата се објавува денеска. Но неговите контури веќе се познати во јавноста. Државната каса ќе тежи 3,7 милијарди евра и предвидува повеќе пари за платите во здравството, јавната администрација, образованието, одбраната. Повеќе пари ќе има за реформи во делот на социјалната заштита, политиките за вработување, но и капиталните инвестиции кои се позиционирани на рекордни 418 милиони евра. Растот, според проекциите, треба да достигне 3,2%, а дефицитот 2,5% од бруто домашниот производ, или околу 288 милиони евра. Министерот за финансии Драган Тевдовски уверува дека буџетот е скроен врз стабилни основи:

„Сакаме да бидеме реални, а не како претходниците. Прогнозите сега се слични на оние на меѓународните институции. За овој раст предвидени се дури 418 милиони евра за капитални инвестиции, најмногу за патна, железничка, комунална и енергетска инфраструктура, но и во сите други сектори, како и во Технолошко индустриските развојни зони. Клучните проекти кои беа забавени сега се откочени, тоа ќе ги поттурне напред капиталните инвестиции“, оптимист е Тевдовски.

Sitzung der mazedonischen Regierung (Press service of the Macedonian Government )

Премиерот Заев пред бизнис заедницата вети дека 2019 ќе биде година на економијата

Поддршка од стопанствениците 

Клучната поддршка Власта ја добива од стопанството, кое и покрај проблемите со неквалификуваната работна сила, одливот на кадар и најавениот прогресивен данок, е оптимистично. Клучно, според бизнисмените, е конечно во целост да се реализираат капиталните инвестиции, но и наредната година да не биде изборна, туку политички стабилна:

„Најдобро би било да не дојде до предвремени парламентарни избори коишто би ги закочиле процесите. Го поддржувам премиерот дека ќе наоѓаме начини и средства да се доближиме до просеците на растот во регионот од околу 4% во наредната година и сметам дека треба да ги поделиме обврските и одговорностите и секој да партиципира во тој процес. Ќе вршиме и притисок развојната компонента на буџетот да се зголемува секоја година и очекуваме дека нема да има проблеми со капиталните инвестиции. За нас, овие и средствата што се обезбедени од развојните и иновативни проекти на стопанството директно од владата се многу значајни за исчекор во извозот и развојот на индустриските капацитети“, изјави претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески. 

Премиерот Зоран Заев пред бизнис заедницата вети дека 2019 ќе биде година на економијата:

„Иако политичките околности се многу примамливи кај политичарите за парламентарни избори, нашиот став е да не се оди на избори и да се даде шанса на економијата“, уверува Заев.  

Дел од упатените предупредуваат дека пред Владата претстои многу работа доколку сака она што го ветува и што е ставено на хартија да се реализира во пракса. Реализацијата на капиталните инвестиции е само сегмент од проблемите кои се влечат уште од претходната влада. Клучно што треба да се реши е ефикасноста на јавната администрација, што засега изостанува:

„Капиталните инвестиции се важни, но клучен е капацитетот на јавната администрација да може да ги сработи. И тука е проблемот кој и натаму се провлекува. Мора да се работи на реформи во овој сегмент. Инаку и сами по себе повисоките плати се поттик на потрошувачката, а со тоа и на расто“, коментира за Дојче веле еден од поранешните министри за финансии на Република Македонија.

Symbolbild China Industrie Produktion (picture-alliance/dpa)

Со буџетот се предвидени и мерки за поддршка на вработување преку  преквалификација, доквалификација и целосна квалификација на работната сила

Не помалку важно во целиот процес, според нашиот соговорник, е и политичкиот амбиент кој, доколку се релаксира, би ги олабавил стегите кои реално го кочат бизнисот:

„Што поскоро заврши ова со Договорот со Грција толку ќе биде подобро. Ќе има одредено релаксирање кај граѓаните, но и кај инвеститорите. Повеќе фактори се во игра кои би влијаеле за да се остварат позитивните очекувања за наредната година. Но генерално, во економските политики не гледам некои позначајни поместувања од лани“, коментира поранешниот министер.

За домашниот бизнис е значајно што со буџетот се предвидени и мерки за поддршка на вработување преку  преквалификација, доквалификација и целосна квалификација на работната сила за да може компаниите да имаат на располагање квалификуван кадар. Активните мерки за вработување се поддржани со 1,1 милијарда денари, што е за 10% повеќе од лани. Владата со ова меѓу другото планира и натамошно намалување на невработеноста на 20% и покачување на номиналната нето плата за 4,5%.  

Синдикатите бараат уште повисоки плати

Наспроти задоволството на бизнисот, она што донекаде изненадува се критиките и незадоволството од синдикатите и покрај најавите за повисоки плати. Синдикатот за образование наука и култура бара поголемо зголемување и од најавените 5%, кое би важело од први јануари. Негодуваат и од синдикатот на Клиниките, кои бараат лекарите специјалисти да не бидат привилегирани во процесот на зголемување на платите:  

„Малку сме изненадени, бидејќи очекувавме поинакви решенија. Најавените 10% зголемување на платите за лекарите специјалисти од стартот на наредната година е малку, а уште помалку 5% за останатиот персонал што се најавува за од септември. Ваквите мерки само придонесуваат за поделби и незадоволство. Ние инсистираме Владата да се држи до планот во 2020 година платите двојно да се зголемат и ќе инсистираме на тоа“, реагира Горан Беговиќ, од Синдикатот на Клиничкиот центар.

Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps (DW/P. Stojanovski )

Владата да се држи до планот во 2020 година платите двојно да се зголемат, бараат синдикалците на Клиничкиот центар

Во предлог буџетот за следната година за пензии ќе се потрошат рекордни 917 милиони евра, од кои 457 милиони се директен трансфер од буџетот, што сепак е помалку од годинава. Нешто повеќе, или 460 милиони евра ќе чинат платите за административците. Дополнителни 2,2 милијарди денари се предвидени за реформираниот систем за социјална и детска заштита, а се планира и воведување социјална пензија за околу 6.000 лица кои имаат барем еден ден работен стаж и 65 години старост. Јавниот долг е проектиран на 54,2% од БДП. Дефицитот барем засега се планира да се покрива преку домашно и задолжување во странство. Инфлацијата треба да изнесува 2 отсто.

DW.COM

Реклама