Буџетски пари за партиите: потреба или товар во време на криза? | Северна Македонија | DW | 31.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Буџетски пари за партиите: потреба или товар во време на криза?

Кога разговараме за финансирање на партии во услови на пандемска криза, во основа разговараме за еден вид на државен луксуз, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Ќе се откаже ли опозициската ВМРО-ДПМНЕ од буџетските средства за финансирање на партијата? На оваа тема веќе десетина дена се води јавна дебата меѓу власта и опозицијата, откако почна лицитацијата со предлози што сѐ треба да се скрати за надминување на економските последици од ширењето на коронавирусот. Предлогот партиите да се откажат од годишното буџетско финансирање, пред десетина дена го даде министерката за правда Рената Дескоска.

„Како министер за правда во чија надлежност е Законот за финансирање на политичките партии, ќе предложам уредба со законска сила, со која ќе се укине годишното финансирање на политичките партии кое треба да се исплати оваа година. Се надевам дека сите политички партии ќе ја поддржат предложената уредба“, предложи Дескоска.

Parteienfinanzierung Symbolbild (picture-alliance/dpa/P. Seeger)

Станува збор за сума од 4,5 до 5 милиони евра

За колкава сума станува збор? Ако претходно партиите добиваа 0,06 отсто од буџетот (1,8 милиони евра), со измените на Законот за финансирање на политичките партии од 2018 година тој процент се зголеми на 0,15 отсто. Во зависност од големината на годишниот буџет, станува збор за сума од 4,5 до 5 милиони евра. Најголем дел, 70% од тие средства од државниот буџет ги добиваат партиите што освоиле пратеници или советници на последните избори, пропорционално со бројот на пратениците или советниците што победиле. Другите 30% од буџетските средства рамномерно ги делат сите партии што освоиле најмалку 1% од гласовите на последните парламентарни или локални избори. Покрај тоа, државниот буџет предвидува уште по околу 280.000 евра за годишно финансирање на истражувачко-аналитички центри на партии што функционираат како дел од внатрешната организација на партијата. Средствата за таа намена се планираат во буџетот на Министерството за правда за секоја фискална година.

Нула буџетски пари за партиите

Може ли партиите да си го задржат буџетското финансирање, во време кога е долг списокот на сите ставки кои ќе претрпат големи кратења и кога се води битка за секој денар?

„Кога разговараме за финансирање на политичките партии во услови на здравствена, пандемска криза, треба да запомниме дека во основа разговараме за еден вид на државен луксуз“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

„Политичките партии во моментов не служат никаква државна, општествена или пак здравствена функција. Нивните активности, освен јавната поддршка (таму каде ја има) за мерките, немаат никаков друг општествен бенефит.  Во услови кога е јасно дека ни следи сериозен период на штедење, заради акутната состојба, но и заради подолгорочниот ефект на економијата, во услови кога секој денар може да значи спасен живот, ми изгледа налудничаво државата да ги плаќа партиските сметки“, смета Арсовски. 

Оценката тој ја темели на две главни причини.

„Прво, сега партиските активности не се неопходни, не пополнуваат никаква државна улога. Второ, потребна е базична солидарност, во смисла на основна свест за кризата во која се наоѓаме. Не можам да разберам како некоја партија би жртвувала респиратор за да има оптички интернет. Мислам дека приоритетите на функционирање, како и основната политичка пристојност, налагаат дека во овој период сите ресурси на државата треба да бидат насочени кон излез од оваа криза, прво здравствено, па потоа и економски. Во тоа партиите не учествуваат, па нема зошто да добиваат ни јавни пари“, дециден е Арсовски.

Повеќе:

Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор!

Лажни вести во коалиција со корoнавирусот

Што се случува во ВМРО-ДПМНЕ?

За кратење на буџетското финасирање на партиите се залага и Петар Богојески, носител на политичката платформа „Македонски концепт“, кој упати критики на адреса на двете најголеми партии. 

„Политиките на Владата, која е повеќепартиска и во неа кохабитираат и СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ, во поглед на очекуваната економска криза се погрешни. Особено кратење на буџетски расходи кои ја ограничуваат потрошувачката и јавните инвестиции, а не на непродуктивните трошоци. Дел од тие непродуктивни трошоци се парите наменети за политичките партии, кои треба први да будат укинати и тоа на подолг рок, се до закрепнување на Буџетот. Она што постојано го тврдиме, а тоа е дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се сестри близначки, се докажува и со нивната меѓусебна координација, кога треба да ги заштитат нивните партиски интереси. Како за буџетските примања, така и за изборниот законик“, критикува Богојески. 

Прво функционерите да се откажат од платите

Дека до денес не е постигната заедничка согласност меѓу власта и опозицијата по ова прашање, говори и вчерашниот повик на координаторка на Форумот на жени на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева.

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ упорно не се откажуваат од народните пари кои од буџетот ги добиваат политичките партии. За нив не е важно здравјето за граѓаните, не е важно надминувањето на економската криза. Единствено што им е важно е касата во белиот дворец да биде полна“, рече Ванчева.

Таа потенцира дека ниту еден политичар од самостојноста досега не се однесувал така во време на криза.

„Кога веќе не е способен да помогне, Мицкоски треба да престане неосновано да ги напаѓа институциите, да ги истура своите фрустрации врз граѓаните“, порачаа од СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на неодамнешната прес-конференција изјави дека ќе го прифати предлогот на Дескоска, но ако прво членовите на Владата се откажат од платите до крајот на мандатот. Тој нагласи дека исто како и претседателските, така и претстојните парламентарните избори ќе ги дочекаат со незаконски замрзнат имот на партијата, и без исплатени пари за нејзино тековно годишно функцинирање.

„Добро е да се грижиме средствата од буџетот да бидат вистински наменети. Но исто така сакам да ја охрабрам неа (Дескоска-н.з.), и сите други високи функционери - министри, заменици, државни сектретари, избрани и именувани лица, отсега до крајот на мандатот да работат про боно. Да се откажат од високите плати, илјадниците евра хонорари и од привилегии по основа на репрезентација“, порача Мицкоски. 

Со истиот став партијата се огласи и вчера: таа уште еднаш предложи на седницата на Владата на која ќе се расправа за Законот за финансирање на партиите, министрите да се откажат од нивните плати.

„Да потсетиме дека платите на министрите на СДСМ се бројат во илјадници евра секој месец. Да не заборавиме дека Оливер Спасовски зема плата од државата во вредност од 90 илјади денари, Шекеринска 80 илјади денари, а Дескоска 70 илјади денари. На истата седница и Манчевски може да ја покаже хуманоста и да се откаже од платата од 70 илјади денари како и Царовска од платата од 74 илјади денари“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Реклама