Буџетот е рекорден, но колку реално и остварлив!? | Економија | DW | 22.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Буџетот е рекорден, но колку реално и остварлив!?

Бизнисмените претпазливи оптимисти, синдикатите задоволни, ама половично. Во буџетот има пари за сѐ, но најмногу за плати, пензии и социјални трансфери.

Повеќе пари за граѓаните, но и за стопанството. 2019 година ќе биде година во која Владата ќе има на располагање да троши 3,7 милијарди евра. Рекордно тешкиот буџет носи и рекордно позиционирани ставки во повеќе области. Клучниот фокус ќе биде насочен кон неколку цели и приоритети. Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда:

„Буџетот предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на Фондот за ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените; повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација; како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

Капиталните инвестиции да се реализираат во целост

Најголем дел од буџетот и наредната година ќе се троши за плати и пензии, социјални трансфери. За оваа намена предвидени се близу 2,2 милијарди евра, или две третини од буџетот. Значаен дел се одвојува и за капиталните инвестиции кои слично како и оваа, се позиционирани на над 400 милиони евра. Или 423 милиони евра. Се планираат повеќе капитални проекти, а фокусот ќе биде на железничката, енергетската, комуналната инфраструктура. Дополнително, на инвестиции во здравството, образованието, земјоделието. Ваквите најави влеваат оптимизам дека 2019 ќе биде економски подобра година и за стопанството, кое бавно се опоравува по кризната 2017 и закрепнувачка 2018 година. Стопанствениците се надеваат дека конечно ќе бидат сведоци на прогнози и проекции кои и во целост ќе се реализираат:

„Декларативно, секогаш бизнисот ќе поддржи ситуација во која имаме високо  ниво на капитални инвестиции.  Но она што е битно, а што е досега искуство, е дека тие средства одвоени за инвестиции не се реализираат во значајна мера. И тоа значи дека во принцип би било добро ако е така, да се реализира она што се планира, но досега не се покажало дека тоа е случај. Треба чиста и јасна перспектива каде би се инвестирале парите со оглед дека продолжува практиката на инвестирање на тековни проекти без јасна визија каде одат парите. Во спротивно се` би било само уште една амбициозна желба“, коментира еден од бизнисмените во Македонија кој е дел од Стопанската комора.

Значаен, ако не и клучен ефект врз економските процеси според упатените ќе има и политиката. Разрешницата на процесите во делот на спроведување на обврските од Договорот од Преспа, но и претстојните претседателски избори. Бизнисмените генерално се против избори и не посакуваат предвремени парламентарни:

„Се најавува дека политичките одлуки и решенија ќе ја променат сликата. Дај боже тоа и да се случи и луѓево да почнат овдека да трчаат со пари и да инвестираат. Но лично не сум којзнае колкав оптимист. Но ајде да видиме и да им дадеме простор. Изборите како избори сами по себе се лоши за бизнисот“, коментира нашиот соговорник.  

Проблемот со нереализацијата на капиталните инвестиции не е само одлика на оваа Влада. Туку „болка“ која се влече со години и која доминираше и во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога немаше ниту една година капиталните инвестиции да се реализираат во целост, односно според првично планираното. Сега, од позиција на опозиција, ВМРО ДПМНЕ критикува дека владата предводена од СДСМ го правела истото, па дури и полошо: 

„Власта нема капацитет да ги реализира капиталните инвестиции. Ова нема да биде буџет кој ќе обезбеди повеќе пари и подобар живот за граѓаните, туку буџет кој со првиот ребаланс ќе претрпи големи измени. Односно, ќе се стопираат сите капитални инвестиции. Како што впрочем имавме и со ребаланс на Буџетот за 2018 година. Година кога имавме најслаба реализација на капиталните инвестиции. Едвај 31%, а кои со ребалансот стигнаа на 41%. Благодарение на оваа влада го има рекордно најниското ниво на капиталните инвестиции и покрај сите владини најави“, критикуваат од ВМРО ДПМНЕ.

Ќе растат платите и социјалната помош

Сепак, буџетот според најавите треба да обезбеди повеќе пари и подобар живот за граѓаните. Не само за јавната администрација за која и годинава ќе има повеќе пари за плати, туку и за социјалните трансфери кои треба значително да влијаат на намалување на сиромаштијата и подобрување на условите на пазарот на труд. 36 милиони евра се планираат во делот за социјалната реформа. Ќе се одвојуваат средства за детски и образовен додаток за семејствата со минимална плата, а повеќе од трипати ќе се зголеми и социјалната помош. 

Синдикатите се задоволни што ќе добијат повисоки плати, но дел од нив инсистираат тие да се исплатат уште во стартот на годината, а не како што се најавува од септември:

„Наш став е дека предвидените пет проценти зголемување на платите не ги задоволуваат потребите на вработените. Затоа бараме повисок процент кој ќе почне да се исплаќа од Први Јануари 2019. Ова барање им го доставивме во Владата, но се` уште очекуваме договор. Ние не велиме дека не ги прифаќаме тие средства, но платите се многу ниски и се далеку од реалните потреби“, реагира Јаким Неделков, претседател на СОНК-Синдикат за образование, наука и култура. 

Експертската и бизнис јавност веќе се изјасни против зголемување на платите во јавната администрација во услови кога нема позначајни кастрења, ниту пак заштеди или мерки за зголемување на нејзината ефикасност. Најзначаен сегмент во овој дел отпаѓа кај здравствените работници, односно кај лекарите специјалисти кои во јануари ќе добијат 10% зголемување на платите, а во септември уште дополнителни 5% заедно со останатите во јавниот сектор. Дел од синдикатитеинсистираат да се реализираат и најавите за порамнување, односно поголемо зголемување и во останатите дејности:

„Има најави од министерството за труд и социјална политика дека се подготвуваат законски измени во делот на законот за детска заштита каде значително треба да се зголемат платите во оваа дејност односно во градинките, но законот се `уште го чекаме. Тој уште не е донесен на Влада, а треба да се усвои на Собрание па да се усогласат колективните договори. Нашиот оптимизам и верба во изјавите на министерката Мила Царовска постојат но времето гази и очекуваме дека тоа што е ветено и ќе се реализира. Станува збор за нов систем на вреднување на трудот на вработените во детските градинки за кои ќе се зголемат платите во просек за околу за 16%. Ние би биле задоволни ако тоа се примени од  1 јануари 2019. Можеби кај министерството има желба но тоа е процедура која треба да помине, а вработените очекуваат да се исполни, во спротивно би било многу непријатна ситуација. Слична неформална најава за од март имаме и од министерот за култура. Севкупно буџетот помина, но останува да се види како и што од него ќе се реализира“, реагира Неделков.

Дефицитот се намалува

Повеќе средства се предвидуваат за субвенции кај земјоделците, вклучително и за одамна најавената зелена нафта. Она што боде очи и во овој буџет се средствата за стоки и услуги кои се зголемени за 11.9% и изнесуваат 319 милиони евра. Вкупните приходи во државната каса за 2019 година се проектирани на 3,4 милијарди евра, а вкупните расходи на 3,7 милијарди евра. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 отсто. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти  односно 288 милиони евра што претставува намалување за 500 милиони денари помалку во однос на годинава. Во 2019 ќе продолжи и задолжувањето. За нови кредити ќе се потрошат 556 милиони евра, а ќе се вратат 268 милиони евра.

Народната банка најголем оптимист

За разлика од владините проекции за раст од 3,2%, Народната банка излезе со пооптимистички прогнози. Монетарната власт смета дека македонската економија има капацитет догодина да оствари раст од 3,5%. Ова е и најоптимистичка прогноза во споредба и со оние на меѓународните финансиски институции. Меѓународниот монетарен фонд во ноември ја зголеми проекцијата на 2,8%, Светска банка во октомври објави проекција за раст во 2019 од 2,9%.  Европската банка за обнова и развој пак прогнозира раст од 3%. Единствено Европската комисија ја намали првичната проекција и наместо првичните 3,3%, сега смета дека македонската економија во 2019 може да порасне за 2.8% од БДП. 

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама